Почетна Коментар Да Го предадеш Христос, односно Телото Негово – Соборната Црква, божем од грижа за Неа, тоа е духовно самоубиство
Да Го предадеш Христос, односно Телото Негово – Соборната Црква, божем од грижа за Неа, тоа е духовно самоубиство

Да Го предадеш Христос, односно Телото Негово – Соборната Црква, божем од грижа за Неа, тоа е духовно самоубиство

3.96K
0

„И им рече: ,Зошто спиете? Станете и молете Му се на Бога, за да не паднете во искушение!’” Ова е уште едно место во Евангелието Христово каде што будноста е поврзана со усрдната молитва, т.е. со просветленоста на умот, како и со нашата отпорност на искушенијата.

Без умно-срдечната молитва нема и просветленост на умот, а без тоа човек е лесно подложлив на искушенија – како прво, не ги ни препознава, а камоли да се бори со нив.

Просветленоста на суштината на умот е најбитниот дар што еден пастир на Црквата треба да го има за да знае како и каде да го води Христовото словесно стадо. Но, што ние денес забележуваме?

Денешните пастири најчесто немаат дар на просветленост на умот, туку имаат дар на вонредна, т.е. незаслужена благодат, која им е дадена за да можат, колку-толку, да ја одржуваат црковната заедница во некаква функција. Но, вонредната благодат е нож со две острици – или ќе му помогне на пастирот да се смири и да се покае или ќе го погорди и растрои. Смирението или растројството на пастирот зависат од тоа со кого или со што е поврзан тој – дали со Изворот на благодатта или со придобивките од неа.

Тоа е објаснување за постапките на Петар и Јуда; првиот сепак беше поврзан со личноста Христова, а вториот само со придобивките од својата позиција – ја чуваше касата со парите и крадеше од неа. Затоа и Апостолот Петар после своето предавство се смири и покаја, додека пак Јуда падна во очајание и се самоуби – просто, беше поврзан со своите страсти, со нешто што не го поврзува со Царството Небесно.

Карактеристика на лажните ученици е да му се додворуваат на својот учител, односно пастирите на првиот по чест меѓу нив; додека, од една страна, јавно го фалат, од друга страна, прават сѐ за да го оцрнат и да му ја преземат позицијата – нели, тие беа поврзани со придобивките од позицијата што се добива. Таа борба до негде е и разбирлива, но да Го предадеш Христос, односно Телото Негово – Соборната Црква, божем од грижа за Неа, тоа е духовно самоубиство. Затоа и Христос му вели на Јуда: „Со целив ли Го предаваш Синот Човечки?”

Пишува: Наум Струмички

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *