Црковниот одбор при храмот „Воведение на Пресвета Богородица“ с. Велестово – Охрид, во чиј храм треба да пристигне чудотворната икона на Пресвета Богородица „Млекопитателница“ се оградува од каква било политичка или етничка порака со најавениот настан, реагираќи на насловот на Религија.мк, дека ќе биде пречекана икона поврзана со Свети Сава.
Религија.мк, ја пренесува реакцијата на црковниот одбор во целост.
Со особена почит и благодарност кон сето она што го правите за животот на нашата Света Македонска Православна Црква – Охридска Архиепископија, Ви се обраќаме со искрена и братска молба.
Ја прочитавме Вашата објава посветена на пристигнувањето на чудотворната икона на Пресвета Богородица „Млекопитателница“ во нашиот храм. Ви благодариме што го проследивте овој значаен духовен настан. Сепак, сметаме дека насловот и акцентот на текстот ја насочуваат содржината во поинаква насока од она што беше нашата вистинска намера.
Нашата желба не беше да истакнеме каква било национална, политичка или етничка порака, ниту да создадеме поделби или спротивставувања. Како православни христијани, се трудиме да живееме во духот на Христовата љубов, која ги прегрнува сите луѓе, без разлика на нивното потекло. Далеку од нас е секоја помисла на етнофилетизам или фаворизирање на едни за сметка на други.
Причината поради која се реагира на ваквите објави е исклучиво црковно-историска и духовна, а не политичка. Кога една света икона се прикажува како национален или етнички симбол, се создава погрешно толкување, бидејќи православното предание е соборно.
Оваа икона е поврзана со Лаврата на свети Сава Осветен во Палестина, каде со векови била чувана како духовно богатство на Црквата. Преку неа се поврзуваме со палестинската пустина, светите отци и живото предание кое преку Света Гора се пренесува до денес.
Затоа, нејзиното врзување со политички или етнички толкувања не соодветствува на нејзиното црковно значење. Таа е предмет на молитва и почит, а не симбол на припадност.
За нас ова не е национална тема, туку сведоштво за единството на Православната Црква – едно Тело Христово, во кое сите сме повикани на иста вера и благодат.
Посебно нѐ трогнува и промислата Божја што токму на денот кога се празнува споменот на Свети Сава осветен во нашиот храм беше дарувана целивалната за иконата на Пресвета Богородица „Млекопитателница“ од едно благочестиво семејство од нашето село. За нас тоа претставува живо сведоштво дека Богородица го благословува овој мал храм и сите оние кои со љубов се вложуваат во него.
Ние сме мала заедница на верници која со многу љубов и жртва се труди преку богослужбите, молитвата и црковните настани да ги приближи луѓето до Христа и до Неговата Света Црква. Нашата единствена желба е секој што ќе го премине прагот на храмот да почувствува мир, љубов и надеж.
Затоа, со сета братска љубов Ве замолуваме, доколку сметате дека е можно, да го преиспитате насловот и начинот на кој е претставена нашата објава, за да не се создава впечаток што не одговара на суштината на настанот. Веруваме дека Вашето новинарско искуство и чувството за одговорност ќе помогнат оваа вест да ја добие својата вистинска духовна димензија.
Во овие радосни денови за нашето село и за нашиот храм, Ве молиме бидете со нас, како што и досега сте биле со многу црковни заедници – како поддршка во сведочењето на верата, а не како повод за поделби.Ви благодариме за разбирањето, за љубовта кон Црквата и за Вашата посветеност во информирањето на православната јавност.
Со искрена почит и братска љубов,
Црковниот одбор при храмот „Воведение на Пресвета Богородица“
с. Велестово – Охрид

