Британското кралско семејство направи значајна промена во официјалното дефинирање на верската улога на монархот, која веќе предизвика реакции во јавноста и меѓу верските аналитичари.
Во најновиот Sovereign Grant Report 2025–2026, кралот Чарлс III повеќе не е опишан со досегашната формулација дека е „Врховен гувернер на Англиканската црква и бранител на верата“ (Supreme Governor of the Church of England and Defender of the Faith). Наместо тоа, во официјалниот документ стои дека кралот е „Врховен гувернер на Англиканската црква и го штити просторот за верата во мултирелигиска држава“ (Supreme Governor of the Church of England and protects the space for Faith within the multi-faith nation).
Промената претставува нов начин на дефинирање на улогата на британскиот монарх во современото општество, кое се карактеризира со верски плурализам. Таа се надоврзува на ставовите што Чарлс III ги изразуваше и пред да стане крал, кога во повеќе наврати нагласуваше дека монархот треба да биде гарант на слободата на сите верски заедници, а не само заштитник на една традиција.
Иако историската титула „Defender of the Faith“ (Бранител на верата), која потекнува од XVI век, формално не е укината и останува дел од титулатурата на британскиот монарх, новата формулација во официјалните документи се толкува како симболично поместување кон пошироко разбирање на верската улога на Круната.
Промената веќе предизвика различни реакции во Велика Британија. Дел од коментаторите ја поздравуваат како одраз на современата мултирелигиска реалност, додека други сметаат дека со неа постепено се релативизира историската улога на британскиот монарх како бранител на христијанската вера и врховен гувернер на Англиканската црква.
Според британските медиуми, новата формулација е дел од поширокиот пристап на Чарлс III, кој уште пред неговото стапување на престолот јавно говореше за потребата монархот да обезбеди „простор за верата“ на сите религиски заедници во Обединетото Кралство, задржувајќи ја притоа својата уставна улога во однос на Англиканската црква.

