Во неделата, во митрополитската катедрала „Света великомаченичка Недела“ во Софија, свечено беа пречекани мошти на двајца истакнати светители на Православната црква – дел од чесната рака на свети Давид од Евија и делод одеждите што ги покриваат моштите на свети Јован Руски.
Со благослов на бугарскиот патријарх Даниил, светињите во Бугарија ги донесе митрополитот Хризостом од Халкида, придружуван од епископот Никодим од Скопелос и свештенство на Грчката православна црква.
По официјалниот пречек во Светата софиска митрополија, моштите најпрвин беа положени во параклисот на света великомаченичка Марина. Потоа, во свечена литија, беа пренесени во катедралниот храм „Света Недела“, каде што беа изложени за поклонение на верниците.
Вечерната богослужба ја предводеше митрополитот Хризостом од Халкида, во сослужение со свештеници од катедралата и од клирот на Софија. Богослужбеното пеење го изведе хорот „Свети Наум Охридски“.
На крајот од службата, патријархот Даниил упати срдечен поздрав до грчката делегација и изрази благодарност за можноста Бугарската црква и верниците да се поклонат на моштите на двајцата светители. Тој истакна дека сведоштвото и духовното наследство на свети Јован Руски и свети Давид од Евија и денес ги инспирира христијаните.
Митрополитот Хризостом, обраќајќи му се на патријархот Даниил, се заблагодари за поканата и ги пренесе поздравите од атинскиот архиепископ Јероним, кој го дал канонскиот благослов за пренос на моштите. Тој нагласи дека светителите припаѓаат на целата Црква Христова и упати молитви тие да му подарат здравје и сила на Бугарскиот патријарх во неговото одговорно служење.

