Почетна Проповеди Бискупот Стојанов: Да се биде човек
Бискупот Стојанов: Да се биде човек

Бискупот Стојанов: Да се биде човек

72
0

Божиќна порака на монсињор Киро Стојанов, Скопски бискуп и Апостолски егзарх во Македонија

Браќа и сестри во оваа Света ноќ која е посјајна и од најсветлиот ден, заедно се радуваме празнувајќи го празникот на Христовото раѓање. Околу тоа таинство е фокусирана целата историја, бидејќи новото создавање на човекот започнало со раѓањето на новиот, но овој пат на Богочовекот. Бог не се покаја што го создаде човекот на своја слика да му биде сличен, не се покаја што во својата Божја промисла знаел дека Адам ќе погреши, не се кае што човекот го создал во Божествено достоинство, не се кае што човекот го дарил со Божествени дарови на свест и слобода, бидејќи од самиот почеток на постоењето човекот го предвидел во мигот кога самиот Бог – второ Божествено лице ќе стане човек и со тоа ќе го доврши создавањето, бидејќи – второто Божествено лице, ќе се облече во нашата човечка природа и ќе стане еден од нас.

stojanov-1Денес го славиме тој прекрасен настан, влегувањето на Бога во нашата човечка историја со раѓањето во Витлеем, тој неискажлив дар, Бог кој стана човек. Пророкот вели: „Дете ни се роди – Син ни се даде; власта е на рамената Негови, и ќе го наречат: Чудесен Советник, Бог силен, Отец вечен, Кнез на мирот“ (Ис 9,6). Тоа мало дете на своите рамена го носи целиот универзум, а нам во тајноста на Витлиемската пештера ни носи богатство на Божјиот живот. Да обрнеме внимание на начинот на кој доаѓа, без каква и да е триумфалност, иако столетија го навестуваа и чекаа. Тој дојде таинствено, на начин како бегалец или раселено лице, прогнаник, што како сиромав и бездомник чука на вратата на Витлиемските жители, но тие не го примаат. Принуден е надвор од градот да ја види светлината на овој свет и тоа во штала. Што ни порачува тоа? Бог доаѓа како што рековме да создава нов човек во Исус Христос. Тој започнува нов земски живот со радикални промени на вредностите што во текот на историјата стотина пати се извртени, трансформирани и неавтентични. Започна живот на човек на начин што го допира најнискиот слој на човечкото општество, а тоа е сиромав меѓу сиромасите, бездомник и странец меѓу своите.

Со самиот чин на раѓање надвор од градот во штала, носи јасна порака за тоа на што сè би требало човек да биде чувствителен и во ова наше време, во оваа култура и цивилизација. Денес, кога несразмерно расте бројот на сиромашните, раселените и бездомниците а сè поголем е расчекорот со малиот број на арогантно богатите и моќни, нашиот поглед не упатува во насока во која христијанинот би можел да го препознае својот Бог кој стана човек.

Св. Мајка Тереза, нашата сограѓанка, на еден од најдобрите начини порачала и му порачува на светот дека Бог – Исус Христос – новороденото дете можно е да се препознае, да му се служи и да му се поклонува во најсиромашните меѓу сиромашните. Тоа е така, зашто името кое Ангелот го навести и дека детето ќе се нарече Исус –Јешуах значи Спасител. Кого спасува? Подоцна самиот Исус рекол, дека не дошол да ги спасува праведните туку грешните и дека здравите немаат потреба од лекар туку болните. Со други зборови стана човек за да го преобрази нашето човештво и за да можеме со достоинство да го носиме тоа име. ДА СЕ БИДЕ ЧОВЕК.

Како и во времето на Неговото раѓање така и во наше време постои диференцијација на богати и сиромашни, праведни и грешни, моќни и немоќни. Во Негово време, но и денес моќните, избраните, богатите мислат за себе дека се праведни и затоа ја затвораат својата врата, своето срце и својата совест пред тропањето на Јосиф и блажената Марија која го носи Божјиот Син, но ним на богатите и моќните, бидејќи се праведни, тоа дете не им треба. И денес уште поочигледно одошто во Исусово време, Исус како сиромав е истеран од праговите на моќните.

Вечерва се прашуваме: за кого Исус дојде? Дали можеме да се идентификуваме со фарисеите од Стариот завет, со книжниците и со богатите од Витлеем кои бегаат зашто на нивните врати тропа сиромашно, раселено и туѓо семејство? Дали сме на страната на тие сигурни и мирни луѓе? Ние сме, сепак, во групата со оние кои за себе во длабочината на срцето чувствуваат дека не се совршени и дека се грешни и дека би сакале да бидат поинакви. Дали чувствуваме дека сме тие на кои им треба преобразба: да бидеме подобри луѓе. Дали можеме во споредба со себе да бидеме подобри, а Тој, кој дојде нас да не преобрази во нови луѓе, да не ни треба?

Би сакал вечерва, драги браќа и сестри, да бидеме дословно праведни луѓе. Тоа значи, да бидеме тие кои не се мамат ни самите себе а уште помалку оние околу себе. Кога би се препознаеле сите како оние кои треба да паднат на колена пред тој голем Божји дар – раѓањето на Спасителот и да почувствуваме потреба со срце и со совест да го примиме и да го прифатиме како оној кој нас ќе не збогати за да бидеме подобри луѓе. Кој не знае да падне на колена и да ја отвори вратата на своето срце и по можност да може да биде подобар, да може да биде посовршен, да може да расте во добро, тој повеќе не е жив туку мртов човек кој своето срце и својата совест ја претворил во мермерен споменик.

Ако, ова размислување кое најнапред би требало да биде размислување за секој поединец го подигнеме на ниво на семејството и си го поставиме истото прашање: Дали Исус во своето сиромаштво и својата скромност е посакуван и прифатлив гостин како наш Спасител за нашите семејни проблеми, раздори, недоразбирања и немири и како Кнез на мирот да не спаси и откупи? Ако го подигнеме на ниво на општеството: дали нашата општествена заедница почнувајќи од највисокиот Орган во Државата па се до секое одговорно лице во општеството може да признае и да препознае дека треба да бидат подобри, дека секој може да биде подобар и дека може да се препознае и во сиромашните и во луѓето на работ на нивната егзистенција, тогаш Божик на овој или оној начин ќе се случи во тебе, во мене, во нашите семејства и во нашето општество.

За да може тоа да биде реалност, а не сон, да се обидеме да направиме уште еден чекор кон себе, а тоа е: да влеземе во себе и да го исчистиме своето срце од гордоста и од себичноста и да стекнеме ново срце како Витлеемските пастири. Ако успееме во тоа, Божик навистина се случил, и кога во такво срце вечерва во тишината на семејството, општеството и во самите себе се смириме, тогаш ќе го слушнеме ангелскиот глас кој вели: „Еве, ви навестувам голема радост, која ќе биде за сите луѓе; зашто денеска ви се роди Спасител, Христос Господ. Ќе најдете повиен Младенец, кој лежи во јасли“ (Лк 2,10-12). А тогаш нека во такво срце и совест се слушне и ангелскиот хор од височините: „Слава на Бога во висините, а на земјата мир, меѓу луѓето добра волја“ (Лк 2,14). Ве повикувам сега на куса тишина и да се обидеме да го слушнеме тој ангелски хор…. тоа е мојата желба, молитва и честитка за овој Божик.

Нека Бог, новородениот Господ Исус Христос ни прозбори во нашите срца. Среќен и благословен Божик на сите вас овде присутни, на оние кои не следат преку малите екрани и оние кои не слушаат преку радиоприемниците, на оние кои се наоѓаат на своите работни места, при тоа мислејќи на здравствените работници, болните и немоќните, безбедносните структури: војската, полицијата, пожарникарите. Нека Малиот Исус на сите им донесе радост и мир. Христос се роди!

/КАТОЛИЦИ.МК

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *