Братството на Архонтите на Вселенската патријаршија јавно застана во одбрана на Вселенскиот патријарх Вартоломеј, осудувајќи ги, како што наведоа, навредливите и неосновани обвинувања изнесени во соопштение на Надворешната разузнавачка служба на Руската Федерација.
За време на годишната свечена вечера на Братството „Панагија Памакаристос“, беше прочитано заедничко соопштение во присуство на Вселенскиот патријарх, во кое се истакнува дека ваквите напади не само што претставуваат клевета, туку со својот тон и сериозност можат да ја загрозат и неговата лична безбедност.
Архонтите упатија апел до сите православни цркви, христијански заедници и екуменски организации јавно да ги осудат дезинформациите и клеветите насочени против Вселенската патријаршија, без оглед дали доаѓаат од политички или црковни центри.
Реагирајќи на поддршката, Вселенскиот патријарх Вартоломеј изјави дека, со вакви поддржувачи, лично нема од што да се плаши, нагласувајќи ја духовната и моралната сила на заедништвото околу Вселенскиот трон.
Претседателот на Братството, Атанасиос Мартинос, ги оцени нападите како непримерни и неетични, потсетувајќи на евангелската порака: „Прости им, зашто не знаат што прават“.
На собирот се обрати и професорот по меѓународно право и поранешен заменик-претседател на Владата на Грција, Евангелос Венизелос, кој истакна дека Вселенската патријаршија претставува глас на православие насочено кон мир, помирување и почитување на човековите права, а не кон војна, хегемонизам и авторитаризам. Тој нагласи дека разликувањето меѓу автокефалијата и етнофилетизмот останува клучно прашање за современото православие.
Во своето обраќање, патријархот Вартоломеј потсети дека потсети дека уште на почетокот на својот патријаршиски мандат ги поддржал напорите за институционално зајакнување на Братството и дека во изминатите 35 години тие континуирано ја поддржуваат мисијата на Вселенската патријаршија. Според него, Мајката Црква во Константинопол никогаш не ја прифаќала изолацијата како модел на црковно постоење и дека секогаш настојувала активно да се вклучи во општествените предизвици, промовирајќи почитување на човечкото достоинство, мирен соживот и одговорност на политичките и економските фактори. „Православната вера и денес останува извор на инспирација и креативност во сите сфери на општествениот живот“, истакна патријархот Вартоломеј.
Настанот се одржа во присуство на архиереи на Вселенската патријаршија, претставници на државните институции, академската заедница и јавниот живот.
Архонтите се истакнати мирјани на Вселенската патријаршија, универзитетски професори, научници и специјалисти во области, општествени дејци, доктори итн., кои имаат почесна и советодавна улога и активно го поддржуваат нејзиното духовно, општествено и историско послание.

