Отец Бобан Митевски, од Скопската епархија, реагира на анализата на Религија.мк, за Капеланството и пасивниот однос на МПЦ-ОА во тој процес. Поранешниот шеф на кабинетот на архиепископот, во статус на Фејсбук, оценува дека станува збор за нецелосна информираност на авторот на аналзиата, посочувајќи дека МПЦ ОА во изминативе 30 години неколку пати ја активирала темата за Капеланството.
Религија.мк, во целост ја пренесува реакцијата на Отец Бобан.
Пред малку ја прочитав објавата на информативниот поратл од областа на религијата Religija.mk, со наслов „Капеланството и НАТО-стандардите: Зошто МПЦ-ОА не сака институционална реформа?“
Најпрво, го перцепирам тесктот како критички осврт, за жал недоволно „информиран“. За мене лично е прифатлива и потребна издржаната и објективна критика како еден вид на принос кон запознавањето на јавноста со вистината и вистинитоста, но и како поттик за поправање на нештата во процесите или однесувањата. Демократска, но и христијанска придобивка е објективната критика – велам: објективната. Како што показ на христијански етос и поведение е смиреномудрото прифаќање на објективното, со подготвеност да се запрашаме, да размислиме и, зошто да не, да прифатиме да менуваме според нешто од предложеното. Како што треба да останеме достоинствени и смирени и пред необјективната критика, фејк вестите и тенденциозните написи. Ги имало и ќе ги има. А како цениме за вистинитоста или „вистинитоста“? – Дали нѐ допира и засега, дури и кога не признаваме.
Во дадениов случај, концентрирајќи се на приложениот коментар од авторот М.Н., би посочил на една недоволна истраженост на предметот што се опсервира, особено во делот што имплицира дека „МПЦ-ОА не сака институционална реформа“ во однос на капеланството. Ова воопшто не е така. Можеби авторот немал време да истражи, зашто веројатно ако прашал во МПЦ-ОА или ќе добиел одговор, или нема – што повторно е одговор.
Капеланството и НАТО-стандардите: Зошто МПЦ-ОА не сака институционална реформа?
Би сакал да ја запознаам јавноста дека МПЦ-ОА уште во 90-тите години ја препознала потребата од капеланството во безбедносно-одбранбениот систем на Р. Македонија (темата, а со тоа и терминологијата е посеопфатна, ќе нагласам само дека капеланската служба со различни облици и под различни називи постои во повеќе држави во армиските и полициските структури, во затворските и здравствениоте институции, во противпожарните служби итн.) најпрво отворајќи го прашањето преку предлози и заложби пред релеантните институции, а потоа и преку вклучувањето во активните процеси што се одвивале. Така, Синодот нашол за потребно во оваа насока, уште во споменатите години да назначи т.н. воен епископ, во лицето на тогашниот митрополит Брегалнички, г. Стефан, подоцна и сега Архиепископ Охридски и Македонски. Тој заедно со о. Драги Костадиновски, поранешен старешина на Соборниот храм и архијерејски заменик, земаат учество на неколку конференции (Прага, Баден…), а, исто така, и на студиска неколкунеделна посета и престој во базата Вермонт во САД за одблиску да се запознаат со службата, предизвиците, правните аспекти на службата на еден армиски капелан. Овие активности главно се одвиваат под покровителство на Владата на САД, а со посредство на Американската амбасада во Скопје. За овие активности постојат соодветни Извештаи со Архивата на САС на МПЦ.
Како поранешен соработник на Архиепископот во продолжение од 13 години (што како заменик, што како шеф на Кабинетот), спомнувам и за уште една сериозна намера, иако остана само на неколку разговори, со тогашниот министре за одбрана во Владата на РМ, г. Зоран Јолевски, кој планираше процес на инплементација на овој своевиден „стандард“, пред нашето зачленување во НАТО. Секако, денес како членка на Алијансата треба попосветено да се размислува за интеграција на капеланството. Тука би додал дека и јас лично, во неколку наврати и во разни неформални ситуации, сум имал разговори на темата со лица од АРМ, од НГШ до понизок офицерски и подофицерски кадар.
Како докторанд на Институтот за безбедноср при Филозофскиот факултет на УКИМ, веќе имав 2-3 настапи на Меѓународни научни конференции, каде што зборував за некои сегменти од капеланската служба. Воедно, нека биде и скромен прилог во оваа насока, веќе пријавив и тема за мојата докторска дисертација: „Капеланската служба во безбедносно-одбранбениот систем на РСМ: теориско-концепциски пристапи, компаративни искуства и можности“. Со Божја помош, а преку искуствената поддршка од мојот ментор, проф. д-р Марјан Ѓуровски, се надевам ќе успеам да спроведам и сумирам содржајно истражување коешто ќе биде од полза за интеграцијата на овој сегмент во безбедносно-одбранбениот систем на РМ. Докторските студии ги спроведувам со благослов и поддршка на Архиепископот Стефан и Скопската епархија при МПЦ, што е уште еден дополнителен аргумент во постоењето на интерес кај Црквата за темата „капеланство“.
/Отец Бобан Митевски (Фејсбук статус)

