Романската православна црква е еден од примерите во православниот свет во кој црковната социјална дејност одамна ги надминува традиционалните форми на хуманитарна помош. Покрај народни кујни, дневни центри за деца, установи за стари лица и лица со попреченост, во нејзината мрежа постојат и установи наменети за згрижување жени и деца кои се соочуваат со семејно насилство.
Овој модел покажува како Црквата може да преземе институционална улога во решавањето на еден од најсериозните општествени проблеми, обезбедувајќи не само привремено засолниште, туку и психолошка, правна, медицинска и социјална поддршка за жртвите.
Според годишниот извештај за 2025 година, кој Романската патријаршија го презентирала во февруари 2026 година, Црквата имала 817 социјални установи и услуги, во рамките на кои се спроведувале 1.305 социјални програми и проекти. Во нив биле опфатени вкупно 278.063 корисници.
За социјалната, филантропската и медицинската дејност, како и помошта за настраданите од природни непогоди, биле потрошени 404,5 милиони романски леи, односно околу 80,2 милиони евра.
Засолништа за жени и деца, а не само хуманитарна помош
Еден од позначајните примери е социјалниот центар „Патријарх Јустинијан Марина“ во Букурешт, основан во 1999 година. Тој бил наменет за итно згрижување жени жртви на семејно насилство, заедно со нивните деца, со капацитет од 18 лица.
Програмата не се ограничувала на обезбедување сместување. Жените и децата добивале храна, облека, медицинска и правна помош, психолошко советување и поддршка за социјална реинтеграција.
Престојот бил предвиден до четири месеци, во кои стручните лица требало да помогнат жените да ги надминат последиците од насилството и да создадат услови за независен живот.
Особено важен бил индивидуалниот пристап. Поддршката вклучувала помош при барање работа и живеалиште, додека за децата биле обезбедени образовна и психолошка поддршка.
Сепак, овој центар не функционира повеќе. Романската патријаршија соопштила дека бил затворен во декември 2020 година, наведувајќи правни проблеми поврзани со пристапниот пат и отсуство на корисници во периодот пред затворањето. Дневниот центар за деца од истиот комплекс бил преместен и продолжил да работи на друга локација во Букурешт.
Нов модел: заштитен дом за мајки и деца
Друг пример е заштитениот дом „Свети Арсениј Велики“ во Техиргиол, во округот Констанца, во рамките на Архиепископијата Томис.
Станува збор за установа наменета за мајки и деца во тешка животна положба, меѓу кои и жртви на семејно насилство. Според податоците во официјалната социјална база на Романската патријаршија, во установата се евидентирани 36 корисници – 12 мајки и 24 деца.
Домот обезбедува основни услови за живот, вклучувајќи храна, облека и други потреби на згрижените семејства.
Овој пример е значаен бидејќи заштитата не се однесува само на жената која е изложена на насилство, туку и на децата кои живеат во таква семејна средина и често се директни или индиректни жртви на насилството.
Центар во Бузау: психолошка, правна и социјална поддршка
Во Бузау е документиран уште еден модел – Центарот за итно згрижување жртви на семејно насилство, основан во 2004 година во партнерство со локалната самоуправа.
Според достапниот опис на установата, центарот имал капацитет од осум лица и бил наменет за привремено згрижување жени со деца, но и други жртви на семејно насилство.
Работата вклучувала социјална процена на семејството, психолошко, правно и духовно советување. Во обезбедувањето помош учествувале психолог, лекар и адвокат волонтери.
Во извештајот за работата на центарот се наведува дека од основањето бројот на корисници се движел од 15 до 27 годишно, со исклучоци во годините кога установата била во реконструкција.
Посебно внимание привлекува фактот што центарот обезбедувал советување и за жртвите и за сторителите на насилството, а во одредени случаи се обидувал да посредува за семејно помирување и реинтеграција.
Дополнително, заштитата на жртвите мора да има предност пред обидите за помирување. Враќањето во насилна средина не може да биде цел на социјалната работа.
Стотици установи и десетици илјади згрижени деца
Размерите на социјалната дејност на Романската православна црква се видливи во статистиката за 2025 година. Од вкупно 817 социјални установи и услуги, во извештајот се наведуваат: 117 дневни центри за деца; 53 резиденцијални центри за деца; 95 центри за информирање, советување, поддршка и работа со заедницата; 18 заштитени живеалишта; 19 центри за итно згрижување на бездомници, жртви на насилство и жртви на трговија со луѓе.
Во овие установи биле опфатени 65.993 деца. Сепак, станува збор за деца од различни категории на социјален ризик, меѓу кои сиромашни семејства и деца чии родители работат во странство, а не исклучиво деца жртви на насилство.
Во друга категорија од 123.722 корисници се вклучени невработени, возрасни лица во тешка социјална положба, жртви на трговија со луѓе, жртви на семејно насилство, поранешни затвореници и лица погодени од природни непогоди.
Романската православна црква во јуни 2025 година објавила и посебен став со наслов „Семејното насилство е сериозен социјален проблем“.
Во него Патријаршијата ги повикува свештениците да им обезбедат морална и материјална поддршка на жртвите, да ги охрабруваат да побараат помош од надлежните институции и да соработуваат со службите задолжени за нивната заштита.
Патријаршијата, исто така, наведува дека преку епархиските центри организира курсеви за превенција од семејно насилство.
Овој пристап е особено значаен поради улогата на свештениците во локалните заедници. Тие често се меѓу првите лица на кои жртвите можат да им се обратат, особено во помалите места каде пристапот до специјализирани служби е ограничен.
Но, црковната помош не треба да ја замени професионалната заштита. Нејзината улога е да обезбеди поддршка и да ги поврзе жртвите со социјалните, здравствените и правните институции.
Размерите на проблемот ги потврдуваат и податоците за Романија. Според Европската социјална мрежа, во 2025 година полицијата интервенирала во 138.385 случаи на семејно насилство, а биле евидентирани 49.660 кривични дела поврзани со овој вид насилство и 48 смртни случаи.
Во истата година во Романија биле евидентирани 259 социјални и специјализирани услуги за превенција и борба против семејното насилство, од кои 151 биле наменети за жртви. Овие бројки покажуваат дека црковните установи дејствуваат во рамките на многу поширок национален систем за заштита, во кој учествуваат државните институции, локалните власти и граѓанските организации.
Како се финансира црковната социјална мрежа?
Според извештајот за 2025 година, од 1.305 социјални програми на Романската православна црква, 1.054 биле финансирани од сопствени средства, 78 од надворешни извори, 32 со јавни средства, а 141 преку комбинирано финансирање.
Во социјалната дејност биле вклучени 24.878 лица, од кои 516 социјални работници, 2.742 лица со различни професионални квалификации, меѓу кои лекари, психолози, правници и наставници, како и 21.565 волонтери.
Вкупните средства потрошени за социјална, филантропска и медицинска помош и поддршка на настраданите во 2025 година изнесувале повеќе од 80 милиони евра.
Модел што отвора прашање и за православните цркви во регионот
Примерот на Романската православна црква покажува дека социјалната мисија на една црква, не е само институција за венчавки, крштевки и погреби, а во последно време и патриотската институција за билдање национализат, туку таа може да се развива и преку специјализирани установи за заштита на најранливите категории граѓани. Не станува збор само за еднократна финансиска помош, поделба на храна или облека, туку за организирана поддршка која вклучува сместување, стручна помош, психолошка стабилизација, правна заштита и обид за економско осамостојување на жртвите.
За православните цркви во регионот, меѓу кои и Македонската православна црква – Охридска архиепископија, романскиот пример отвора прашање за можноста од развивање слични програми и установи. Црковната заедница може да биде важен партнер во заштитата на жртвите, особено во соработка со државните институции и стручните служби. Заштитата на семејството не значи зачувување на семејството по секоја цена. Таа подразбира и заштита на жената и детето од насилство, обезбедување безбедна средина и создавање услови за живот без страв.

