Патријархот Порфириј на почетокот на 2024 година, преку посредник, ми се закани дека ќе ме исклучи од Црквата, а кон крајот на истата година и јавно изјави дека јас сум надвор од Црквата. Потоа следеше црковно-судски процес за кој уште од првиот ден беше јасно дека е монтиран за да се спроведе волјата на Патријархот.
Процесот беше покренат на антицрковен и противканонски начин. Уште пред сослушувањето, Патријархот ми ја изрече најстрогата казна, кршејќи ги сите црковни прописи. Потоа следеше скандалозно сослушување. А на крај и Обвинение во кое теолошки необразованиот обвинител, кој претходно јавно ме критикуваше и е директно инволвиран, се повикува на погрешни канони, наведува лажни податоци и отворени клевети и застапува еретички учења.
Во Одговорот на обвинението детално и аргументирано објаснив зошто тоа треба да биде прогласено за ништовно. Наместо да го стори тоа, Патријархот продолжи со уривање на канонскиот поредок и со однесување што повеќе му прилега на узурпатор отколку на некој што е избран да го чува единството на Црквата. Донесе пресуда која е канонски неутемелена и правно неписмена.
За првпат во поновата историја на Српската Православна Црква се случи некому веднаш да му биде изречена најдраконската казна – „конечно исклучување од црковната заедница“. Така не беа третирани ни оние кои предизвикувале расколи. Со таквата пресуда беше ускратено правото дури и на покајание. Со тоа Патријархот го покажа своето антихристијанско лице.
Патријархот, по службена должност и со кршење на процедурите, покрена процес поради моите критики и неговото антиевангелско дејствување, а тој лично ја потпиша Пресудата против мене. Да не го повторувам она за кадијата…
И покрај сè, како лојален син на нашата света Црква, ја продолжувам борбата за зачувување на црковниот поредок и достоинството на црковната заедница на која ѝ припаѓам. Ќе се обидам, колку што е во моја моќ, да го спречам Патријархот и сите што учествуваат во овој црковно-правен прогон, од Српската Православна Црква да направат „разбојничка пештера“. Затоа ќе поднесам жалба до Големиот црковен суд. По тоа, подетално јавно ќе зборувам за Пресудата и за целиот процес. Сè ќе објавувам, како и досега, бидејќи немам што да кријам.
Им се заблагодарувам на многу луѓе за молитвената и секоја друга поддршка. Посебно им благодарам на сестрите и браќата од нашата и од другите помесни цркви кои не се двоумат јавно да исповедаат дека и понатаму ме сметаат за член на црковната заедница.
Вистината ќе ја победи лагата. Слободата ќе го победи ропството. Правдата ќе го победи беззаконието. Затоа продолжувам да се борам. И не се бранам само себеси, туку и правото на Црквата да остане Христова, а не нечј приватен „чефлик“.
Пишува: Благоја Пантелиќ, (Теологија.нет)

