Светиот синод на Бугарската православна црква во наредните денови ќе одржи вонредно заседание на кое ќе ги утврди датумот и времето на опелото и погребението на Ловчанскиот митрополит Гавриил, кој почина денеска, 22 ноември, по кратко боледување.
Веста за неговото упокојување ја соопшти Светиот синод на Бугарската православна црква – Бугарска патријаршија.
„Со длабока тага соопштуваме дека денес, 22 ноември 2026 година, по кратко боледување се упокои во Господа Ловчанскиот митрополит Гавриил“, се наведува во соопштението на Бугарската црква.
Од Синодот упатија повик до православните христијани да се помолат за упокојување на душата на починатиот архиереј.
Телото на митрополитот денеска, по 14 часот, ќе биде изложено за поклонение во параклисот „Св. цар Борис“ во зградата на Светиот синод во Софија.
На вонредното заседание, покрај утврдувањето на датумот и времето на опелото и погребението, Синодот ќе треба да определи и намесник на упразнетата Ловчанска епархија, до изборот на нов митрополит.
Во официјалното соопштение, Бугарската православна црква го опишува митрополитот Гавриил како архиереј посветен на монашкиот живот, молитвата и црковното служење, со длабока и искрена вера.
„Бог да го прости и да ја упокои неговата душа во населбите на праведните! Вечен и блажен да биде неговиот спомен“, се наведува во соопштението на Светиот синод.

