Архиепископот Стефан до Рускиот патријарх: Вашето служење претставува сведоштво за цврстината во верата и за свесноста за одговорноста

Date:

Share post:

Архиепископот охридски и македонски Стефан му упати срдечна честитка на Рускиот патријарх Кирил по повод неговиот 80-ти роденден, посакувајќи му здравје, духовна сила и уште многу години на чело на Руската православна црква.

Во честитката, Стефан го истакнува неговото долгогодишно црковно служење, духовната мудрост и одговорноста во водењето на Руската црква.

Ваше Светејшество, возљубен во Господа собрате и сослужителу пред престолот Божји!

Примете ги моите срдечни честитки по повод Вашиот осумдесетти роденден и молитвените желби Господ и понатаму да Ве укрепува, дарувајќи Ви здравје, мир и духовна радост.

Овој значаен јубилеј е посебен повод со благодарност кон Бога да се потсетиме на Вашиот животен пат, исполнет со самопожртвувано служење за доброто на Светата Црква. Уште од првите години на Вашето црковно служење, па сè до денес, со непоколеблива верност и ревност се трудите на Господовата нива, не штедејќи ги своите духовни сили и целосно посветувајќи ги даруваните Ви таленти во слава Божја и за доброто на стадото што Ви е доверено.

Во Вашето одговорно првосветителско служење на чело на Руската православна црква, во целост се откриваат Вашата духовна мудрост и татковска грижа. Пред лицето на сложените предизвици на нашето време, Вашето првосветителско служење претставува сведоштво за цврстината во верата и за свесноста за одговорноста на оној кому му е доверено да го води Божјиот народ по патот на спасението.

Молитвено посакувам Господ, Кој досега Ве укрепувал со Својата благодат, и понатаму да биде со Вас, дарувајќи Ви премудрост во архипастирското управување, духовна крепост во носењето на тешкиот крст на првосветителското служење и мир што го надминува секое човечко разбирање.

Уште еднаш срдечно Ви го честитам овој значаен јубилеј, молитвено измолувајќи од Господа да Ве сочува во добро здравје и мир, да Ве укрепува во Вашето свето служење и да Ви дарува уште многу благословени години за доброто на Светата Руска православна црква и на целото Православие, во слава на Своето Свето Име.

Многу и благи години, Ваше Светејшество!

Со братска љубов во Господа,

+ Стефан Архиепископ охридски и македонски

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img