Со свечена литија низ улиците на Софија Бугарската православна црква ги почна прославите посветени на 1.700-годишнината од пронаоѓањето на Чесниот и Животворен Крст Господов. Реликвија од Светиот Крст беше носена низ бугарската престолнина, а потоа изложена за поклонение на верниците.
Литијата почна по отслужувањето на Малата вечерна во храмот „Воздвижение на Светиот Крст Господов“, а до Патријаршиската катедрала „Св. Александар Невски“ ја предводеа бугарскиот патријарх Даниил и архиереи на Бугарската православна црква.
Во литијата учествуваа десетици верници од Софија и други делови на Бугарија. На настанот присуствуваше и бугарската претседателка Илијана Јотова.
Литијата пристигна пред храмот „Св. Александар Невски“ нешто пред 19 часот, каде што започна бдението, со кое чиноначалствуваше епископот Герасим Мелнички, главен секретар на Светиот Синод.
Во своето обраќање пред верниците, патријархот Даниил говореше за значењето на Христовата жртва на Крстот и духовната борба со злото и гревот.
„Борбата против злото во нас е најтешката борба. Борбата против гревот е најголемата борба, а најголемиот непријател на човекот е ѓаволот“, порача бугарскиот патријарх.
Тој нагласи дека токму на Крстот Христос го победил непријателот на човечкото спасение.
„Како што денес поминавме низ улиците на градот и го осветивме воздухот, зградите и просторот околу нас со силата на Светиот и Животворен Крст, Господ нека ги просветли умовите и срцата на сите што живеат во Софија“, порача патријархот.





