Митрополитот Иларион (Алфеев), поранешен висок претставник на Московската патријаршија, привремено ќе престојува во Русија, откако патријархот Кирил го помилува и го измени претходниот распоред за неговото место на живеење и служба.
Со указ од 29 јули, московскиот патријарх Кирил одговори на молбата на митрополитот Иларион да му биде дозволено да се врати во Русија за да се грижи за својата мајка. Со одлуката привремено се суспендира делот од претходниот патријаршиски указ од 3 јуни, со кој за негово место на престојување беа определени два храма во Бразил.
Станува збор за храмот „Свети апостоли Петар и Павле“ во градот Санта Роза и храмот „Свети апостол и евангелист Јован Богослов“ во градот Кампина дас Мисојнс, во јужната бразилска држава Рио Гранде до Сул, каде што Иларион имаше право да служи.
До повторно разгледување на неговиот статус, митрополитот Иларион ќе престојува во ставропигијалниот женски манастир „Воздвижение на Светиот Крст – Ерусалимска икона на Мајката Божја“ во селото Лукино, Московска област. Манастирот ќе обезбедува услови за негово живеење и издршка.
Одлуката доаѓа само два месеци по претходниот указ на патријархот Кирил, со кој митрополитот Иларион беше испратен на служба во Аргентинската и Јужноамериканската епархија на Руската православна црква.
Неговото преместување од Чешка следеше откако чешката полиција го приведе митрополитот Иларион со недозволени супстанции. По случајот, Московската патријаршија го прераспредели на ново место на служба надвор од Европа.
Митрополитот Иларион (Алфеев) долго време беше една од највлијателните фигури во Московската патријаршија. Тој повеќе години беше претседател на Одделот за надворешни црковни односи на РПЦ и важеше за еден од најблиските соработници на патријархот Кирил, пред да биде сменет од функцијата во 2022 година.

