Македонската православна црква „Света Недела“ во Ејџекс, Онтарио, Канада, свечено го одбележа својот патрон празник – споменот на светата великомаченичка Недела, со богослужби и традиционален годишен фестивал што ги собра Македонците од регионот.
Централниот настан од прославата беше Светата архијерејска Литургија, отслужена на 20 јули, на која присуствуваше митрополитот на Американско-канадската епархија, Методиј.
Со Литургијата чиноначалствуваше архијерејскиот заменик и намесник на Канадското намесништво, протојереј-ставрофор Синиша Ристовски, во сослужение на парохискиот свештеник, протојереј Александар Зашов, како и на свештеници од другите македонски православни храмови во Торонто и пензионирани свештеници.
За време на богослужбата, голем број верници се причестија со Светите Христови Тајни, а по завршувањето беше извршен чинот на Водосвет и благословувањето на кумските славски колачи, со што молитвено беше заокружено чествувањето на храмовата слава.
Покрај литургиските свечености, црковната општина го организираше и својот традиционален годишен фестивал, кој се одржа на 18 и 19 јули. На вториот ден од фестивалот, митрополитот Методиј присуствуваше и на Светата Литургија, упатувајќи архипастирски благослов до верниците.
Во текот на двата фестивалски дена, Македонците од Ејџекс и поширокото подрачје се собраа во духот на верата, заедништвото и зачувувањето на македонската традиција. Посетителите имаа можност да уживаат во традиционалната македонска кујна, народната музика и дружењето, потврдувајќи ја живата поврзаност на иселениците со Македонската православна црква и со нивните национални и духовни корени.

