Црквата во Црна Гора повторно тема за политички пресметки – Кривокапиќ ја отвори Пандорината Кутија

Date:

Share post:

Пораката на поранешниот премиер Здравко Кривокапиќ дека мора да се врати Одлуката од 2006 година, со која била дефинирана Православната црква во Црна Гора, предизвика остри критики од дел од политичката јавност  во Црна Гора, во кои тој е наречен „слуга на демоните“, а се повикува и на негово исклучување од Црквата.

Да потсетиме, Кривокапиќ оваа порака ја упати во четвртокот по литургијата што во Соборниот храм на Христовото Воскресение во Подгорица ја отслужи патријархот Порфириј.

Тој тогаш, во објава на платформата Икс, напиша дека располага со бројни информации за изборот на патријархот на Српска православна црква и дека сега „имаме јасно сведоштво за нечесното дејствување што го проектирал Господарот на сите Срби“.

„Секогаш треба да се биде во вистината и да се каже: Оној кого не го избрал Светиот Дух не е достоен“, напиша Кривокапиќ во објавата во која сподели и напис од 2021 година во кој Порфириј им дава благослов на тогашните лидери на Демократски фронт, Андрија Мандиќ и Милан Кнежевиќ, да ги бранат интересите на СПЦ во новата црногорска влада.

„Не може да се служи и на Бога и на мамонот“, заклучи Кривокапиќ.

Поради ваквиот став, прв што го нападна поранешниот премиер беше токму Кнежевиќ, кој потврди дека Кривокапиќ, откако го познава, го застапува ставот дека Црна Гора треба да добие своја Православна црква.

„Тоа беше негов став и за време на кампањата и за време на преговорите за формирање на Владата во 2020 година, а и подоцна кога беше премиер“, соопшти Кнежевиќ, додавајќи дека Кривокапиќ е „неприкриен црковен сепаратист“.

Тој оцени и дека, доколку самиот го изјавел истото што го кажал Кривокапиќ, автоматски би бил исклучен од Црквата.

„Затоа мислам дека е логично Кривокапиќ уште денес да биде исклучен од Црквата“, рече Кнежевиќ.

Лидерот на Демократска народна партија го обвини поранешниот премиер и за обид за рушење на канонското единство на Српската православна црква.

„Тој сака да се обиде да создаде некаква универзална европска православна црква во Црна Гора, што е намера која трае подолго време и од која нема лесно да се откаже“, заклучи Кнежевиќ.

Уште поостри од Кнежевиќ беа во Движење на народната доверба, новоформираната партија на поранешниот министер за спорт и млади Драгослав Шќекиќ, од каде што порачаа дека изјавата на Кривокапиќ претставува „врв на политичкото лицемерие и моралната недоследност на човек кој токму благодарение на Српската православна црква и поддршката на верниот народ на Црна Гора дошол на власт“.

„А денес си дава право да го напаѓа патријархот Порфириј и да го доведува во прашање самиот избор на поглаварот на Српската православна црква“, соопштија од Движењето на народната доверба.

Тие потсетуваат и дека Кривокапиќ во мај 2021 година одбил да го потпише Темелниот договор со Српска православна црква.

„Денес гледаме дека имал друг план. Наместо самокритика, молчење и покајание, тој повторно се обидува да ја запали јавноста напаѓајќи ги патријархот и СПЦ за да остане политички релевантен, или можеби по нечија задача. Да се напаѓа патријархот на СПЦ не е храброст, туку обид за евтин политички маркетинг на човек кој очигледно не може да го прифати фактот дека народот одамна политички го прочитал. Неговите изјави не се ниту државнички ниту христијански. Тие се израз на огорченост и немоќ“, наведуваат од Движење на народната доверба.

Весникот Побједа во претходното издание објави дека одлуката за воспоставување на Православната црква во Црна Гора, непосредно по обновувањето на црногорската независност, ја донел Светиот архијерејски собор на СПЦ, со кој тогаш претседавал патријархот Павле, додека клучна улога во нејзиното спроведување имал митрополитот Амфилохиј.

Според одлуката на Соборот, Православната црква во Црна Гора ја сочинувале Митрополија црногорско-приморска, Будимљанско-никшиќка епархија, како и делови од Милешевска епархија и Захумско-херцеговска епархија кои се наоѓаат на територијата на Црна Гора.

Со истиот акт бил формиран и Епископски совет на Православната црква во Црна Гора, како заедничко тело на сите епископи на СПЦ во државата. На негово чело се наоѓал Амфилохиј, со титулата архиепископ цетињски и митрополит црногорско-приморски.

Во документот се наведува дека одлуката е донесена заради зачувување на единството на Црквата и историскиот поредок, но и со уважување на фактот дека Црна Гора „повторно ја стекнала својата државност“.

Посебната организациска рамка на СПЦ во Црна Гора постоела во наредните петнаесет години. Меѓутоа, по смртта на митрополитот Амфилохиј и изборот на патријархот Порфириј за поглавар на СПЦ, следувал пресврт.

Светиот архијерејски собор на СПЦ во мај 2021 година го укинал Епископскиот совет во Црна Гора, со што практично го ставил вон сила моделот воспоставен со одлуката од 2006 година.

Митрополитот Јоаникиј Миќовиќ тогаш соопштил дека Епископскиот совет е укинат бидејќи не бил предвиден со Уставот на СПЦ. Меѓутоа, истовремено потврдил дека сличен модел на координација на епископите продолжува да функционира во Хрватска.

Со укинувањето на Епископскиот совет започнало постепеното слабеење на посебната положба што Митрополијата црногорско-приморска ја имала во периодот на Амфилохиј.

Кулминацијата на тој процес, според оценките на дел од јавноста и црковните кругови, следувала по воспоставувањето на уште еден митрополит со седиште во Црна Гора – митрополитот Методиј Остојиќ. Со тоа дополнително била намалена некогашната централна позиција на Митрополијата црногорско-приморска како доминантен црковен авторитет во Црна Гора.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here