Интронизација ни на повидок. Подобро го пречекаа српскиот владика минатата година, отколку својот назначен архиереј во Австралиско-Новозеландската епархија.
Пишува: Кире Циревски
Помина цел месец откако митрополитот Никола слета во Мелбурн. Уште пред неговото доаѓање, како човек кој долги години бил активен чинител во црковниот живот напишав и објавив два мои гледишта со кои укажав дека неговото доаѓање како замена на владиката Петар, кој ќе остане запамтен како администратор кој направи пустош насекаде каде што стапна – нема да донесе радост кај македонскиот народ и кај верниците, а тоа нажалост го гледаме и откако тој е тука.
Единствено што направи во овој месец е тоа што го објави соопштението од неговиот претходник и најверојатно се уште имател и управител на дел од црквите во неговата епархија што на еден начин Никола го сведува на митрополитски викар, на кој може уште утре да му ги заклучи половина цркви. Во периодот што измина не видовме никаква информација дека се случила некоја промена во нивната епархија, а видовме аспирации кон храмови на другата епархија. Но да започнеме од почеток.
Дека работите се избрзани со изборот на каков и да бил човек од блиското опкружување на владиката Петар, се гледа уште во самиот старт. На Туламарин аеродромот во Мелбурн вечерта на пристигнувањето од оние достапни фотографии видовме двајца без тројца што би рекол народ наш. Повеќе попови од верници. Никаков пречек како што доликува на препознаен пастир од народот. Таканаречената саборна црква во Сиднам остана празна со истите луѓе од аеродромот, нешто налик на приватна црква со затворен карактер, како некој приватен театар со 25 луѓе. Со сила убавина не бидува – тоа се гледа од далеку.
Интронизација ни на повидок. Подобро го пречекаа српскиот владика минатата година, отколку својот назначен архиереј во Австралиско-Новозеландската епархија. Жално е да се гледа колку е таа епархија пропадната, а уште пожално е да се гледа колку нашите владици слепо му веруваат на тој нивен собрат, кој преку ноќ во негов стил тајно ги наговорил да изберат негов послушник, можеби и единствениот кој прифатил да дојде во опустошена епархија, а и неговото доаѓање во Австралија можеби е резултат само на бегство од близина на овој владика кој ги укина сите слободи и права на викарните архиереи, особено во Битолската епархија. И таквата наложена одлука, а не избор, бидејќи како што зборува во едно интервју сега повторно овдомениот од Синодот митрополит Вранишковски избор е кога некој некого бира, а кога некој наложува некој да биде избран – тоа не е избор, туку едногласна одлука што стана принцип при секој избор. Некако после смртта на нашиот преспанец Митрополитот Кирил како да нема веќе различно мислење во Синодот или пак нема веќе јунаци да му се спротистават на Петрета?
И така новоизбраниот, а не итронизиран Никола од Мариово преку Битолската митрополија, каде најверојатно успешно го прошол тестот кај неговиот владика, како награда или можеби како казна дојде тука во мисија, но наместо вистинска мисија ние прво нешто што видовме од него е тоа дека неговиот ментор и митрополит во сенка е повторно актуелен преку неговата оставштина во разни противнародни одлуки, кои уште неслетан Никола тука најдоа место на веб-страницата на Новозеландската епархија и предизвикаат хаос и неверување дека такви одлуки можат да бидат вреднувани од новиот владика. Далеку е од очигледно е дека со објавата на соопштението од Епархиското собрание од 12.01.2026 година предводено од владиката Петар се води некоја тајна и задкулисна стратегија.
Ако почнам да пишувам за лагите и невистините наведени во оваа соопштение, мешањето во друга јуриздикција и така натаму, како и за прошталниот говор на банкетот за збогум ќе треба да напишам цела книга. Но, ете некој се уште му верува и продолжува и покрај целиот негов неуспех да ги пропагира неговите капитулистички политики, кои започнаа со неговото политичко доаѓање тука во далчната 1995-1996 години, но тие што го донесоа, и што му свртија грб на Тимотеја тие подоцна први му завртија грб, гледајќи што почна да прави, па го бараа дедо Тимотеј назад. Затоа да гледаме минатото да не ни се повтори. Апелирам до Управата на нашата Австралиско-Сиднејска епархија да го чува сопствениот Устав и да даде контра одговор на ваквите наведени лаги и безмислици во тоа соопштение во кое се вреѓаат нашите верници, се вмешуваат и коментират за нашите храмови, а уште повеќе да внимаваат зашто од она што го слушнавме од медиумите со повлекувањето на дедо Стефан од администратор повторно на Петре му се допушта скриен од Синодската канцеларија да се меша повторно во нашата епархија, онака како што се смеша во Тимотеевото време. Тој како голем стратег кој ги загуби сите судови, повторно кова такви стратегии со закани, ама реализатор на истите се очекува да биде неговиот пратен изасланик, кој единствено што направи од изборот до сега е што го објави тоа соопштение, каде Петре признава дека поголемиот дел од црквите ниту во неговата епархија се уште не се под траст…
По ова што го видов овој месец и што прочитав, не видов ниту едно нешто што би рекол конечно дојде архиереј кој нема да оди по стапките на Петре. Напишаното во моите натписи со ваквите постапки се покажува како точно.
Затоа и сега си го поставувам истото прашање: кој е надлежен архиереј Никола или пак Петар или пак некој друг? – Се тресеше гората? – Ама на крајот од денот не видовме ништо ново. Не забележувам никаква промена. Напротив гледам продолжување на политиките на владиката Петар и на неговите аспирации кон храмови од другата епархија. Народот бил во право кога кажал дека човековото око е ненаситно… Народот тука очекуваше вистинска промена, а не објава на одлуки за превенчавање, прекрстување и препогребување на нашите најблиски… Затоа пак треба да се запрашаме каде одиме како народ и како заедница? Ако некој воопшто и се интересира да донесе вистинско решение. Неопростливо е и не можам да преќутам на тие одлуки кои се навредливи за нас верниците.
Единствено, освен соопштение, видовме слики на празни храмови со по 10 верници во некои храмови, видовме слики од владиката Петар насекаде по ѕидовите на административната зграда, сликање со српскиот архиереј помеѓу сликата, во постојана придружба на внукот на поранешниот владика и најверојатно епархиски секретар. Не видовме ништо посебно, а очекувавме уште на 19 март да видиме интервју во кое новоназначениот Митрополит јавно ќе се извини за сите досегашни дејствија и дека јавно и вистински ќе се огради од политиките на неговиот претходник, а не дека истите ќе ги спроведува во сила. Досега не сме слушнале за никаква кадрова промена, на сајтотот се е исто, надлежен архиереј биографијата и сликата сеуште на владиката Петар исто така и кај Епархиската управа истите луѓе. Затоа некако како не се гледа суштинска промена
Единствена работа за која што сите ние во Австралија имавме можност да прочитаме е тоа што најверојатно во знак на продолжување и спроведување на политиките од Епархиското собрание храмот во Силванија останал без богослужби за Велигден
Зошто, како и поради кој никој не кажува. Што превзел владиката Никола не е јасно, но верниците останаа без литургиски живот.
Се прашуваме зошто Митрополитот Никола нема да служи во манастирот во Порт Кембла на осветувањето? – Од соопштенијата кои ги видовме дека на 03 мај 2026 година ќе се осветуваат параклиси во манастирот во Порт Кембла, а од епархијата соопштуваат дека тој ќе служи во Роклин во Викторија. Се запрашуваме што се случува, зарем нема да има осветување? Или без присуство на врховниот стратег владика Петар нема да има?
На митрополитот Никола, на крај како постар човек и добар Македонец би го советувал вака јавно не тајно како разрешениот му ментор, ако сака да има успех во Австралија воопшто да не ги слуша поуките од Скопје и од неговиот затскриен ментор. Видовме што донесоа тие политики – судови и раздор. Да ја гледа вистината, да не обидува да се вмешува безпотребно во другата епархија во интерес на народниот мир постигнат во далечната 2012 година. Од него како добар пастир очекуваме самиот тој сега за две недели на закажаната синодска седница на 19 мај да истапи пред членовите на Синодот и да го каже тој тоа што сите веќе го знаат дека македонскиот народ во Сиднејската епархија за свој владика го сака Архимандритот Гаврил Галев, човек кој по се што направи за нас тоа го заслужува. А јас верувам и се молам и знам дека ако се случи тоа дека тоа ќе биде конечното обединување на македонскиот народ. Тогаш верувам дека Гаврил и Никола ќе дадат пример на љубов и дека со сослужување и заеднички напори ќе ни дадат пример и нас луѓето. Само така ќе видиме дека вистината и љубовта ја победуваат омразата и злото посеано тука. За нас македонците подобро е да има две епархии наместо да има проблеми, подобро е да има двајца владици, наместо само еден. Што им фали на другите цркви, на пример на Вселенската патријаршија што имаат во исти градови по двајца архиереи? Ние имаме народ за двајца владици, и нам ни се потребни пастири, но не ни се потребни отворања на старите рани од пред 2012 година. Сега со оваа епархиска поделба ситуацијата е нормална и нема никаков проблем и не ми е сфатливо зошто упорно Синодот со ваквите потези сака да уништи нешто што е добро, зошто да копаат гроб на Сиднејската епархија, која е полна со верен народ? Тоа нема да вроди со добро, туку по се изгледа со нови народни поделби. Се прашувам и себеси но и вам кому тоа ќе донесе радост?
Во нашиот народ постои, кратка, ама тешка вистина: Можеш како што сакаш ама неможеш до кога сакаш. Секој човек има слобода на избор, ама нема слобода без последици. Можеш да ја премолчиш вистината, ама вистината несака да молчи за секогаш. Можеш да повредиш некого, да излажеш, да преминуваш туѓи граници, ама ќе дојде денот кога ќе застанеш пред она што си го правел. Животот има трпение, ама нема заборавање. Тој го пушта човекот да оди по својот пат, да мисли да е попаметен од совеста, да верува дека сe може да се сокрие. Ама само привремено. Оти ништо не трае вечно. Ни сила, ни лага, ни неправда. И тогаш кога човек ќе помисли дека може се, и никој ништо не му може, а животот тивко го потсетува. „Си можел како што си сакал, ама не си можел до кога што си сакал“.
Затоа како долгогодишен македонски активист сметам дека редно е и ние во Австралиско-Сиднејската епархија скоро две години по смртта на дедо Тимотеј, да дочекаме радосна вест за избор на владика и за нашата епархија. И со тоа да заврши оваа македонска одисеја со заедничко сослужување во најстариот храм на македонската дијаспора „Свети Георгиј“ сега во Епинг, во Мелбурн на сеопшта обединителна народна радост.


Ако побарате некаков опис за авторот на овој текст, извесниот Кире Циревски, ќе видите дека тој е некаков црковен активист на македонската дијаспора во Австралија. Црковен активист? Живее во Сиднеј, колку што сфатив, ама е буден и неуморен експерт за црковно организирање и за евхаристискиот живот на МПЦ на целиот континент. На прв поглед изгледа како да е соработник на агендата на Религија.мк за прогон на епископите кои негуваат автентични односи со Руската Православна Црква. Но, ако побарате нешто за Австралиско-новозеландската Епархија на МПЦ на Wikipedia, ќе го најдете ова:
“Во Австралиско-новозеландската епархија има недоразбирања за концептот и мислењето на црквите, парохиите и црковните општини, односно меѓу оние што сакаат да имаат литургиски живот и не сакаат да ги мешаат работите што се однесуваат на културниот живот. Во одделни црковни општини не сакаат да посветат внимание на литургискиот живот и на верата и се занимаваат во други активности што за Австралија не се задолжителни да се случуваат во црквата бидејќи има многу одделни друштва и организации што се занимаваат со тие нешта. Станува збор за две концепции на луѓе што се организирани во црквите и црковните општини – едните што сакаат да бидат и да останат како компании и инкорпорирани асоцијации, а другите што сакаат имотот на црквите да биде во доверба на Македонската православна црква. Поради тоа голем дел на црковни општини не го признаваат Петар за митрополит и се водат самите себе. Поради тоа МПЦ-ОА на еден собир свикан во 2012 година донел одлука епархијата да се подели на 2 посебни епархии. Едната би го задржала името, а другата би се викала Епархија за Канбера, Австралија и Тасманија. Со двете епархии би раководел еден митрополит. Ова решение е сè уште во мирување.[1] Подоцна едната епархија е наречена Австралиско-сиднејска.” И знаеме дека денес Митрополитот Никола не е назначен за Австралиско-сиднејската Епархија, каде што живее Кире, значи активистот така оддалеку го следи подвигот на новоназначениот Митрополит и создава “клима” за неговиот пастирски подвиг меѓу нашите иселеници. Браво бре, Кире! Многу милостив, благороден и просветлен си бил! Кој ли ти го вдахнови толку светлите дела?!
Инаку, за овие “црковни активисти” во Австралија моите блиски роднини имаат општ впечаток дека се луѓе кои настојуваат да извлечат лична материјална корист од борбите за статусот на црковниот имот на македонската дијаспора во Австралија, под превез на борба против некаква флагрантна алчност во редовите на македонските архиереи.
“Црковен активист” и носител на царско свештенство (какво што му е со закваската на Крштението доверено на православниот христијанин) се две дијаметрално спротивни категории. Православието ниту познава ниту препознава благодат на “црковен активизам”.
Така што, плодовите на тој активизам се добро изложени во текстот на Кире Циревски: ненавидност која се храни сама со себе и го труе информативниот простор на македонската дијаспора во Австралија, се бори против благодатниот подвиг на Епископите на Македонската Православна Црква, и на која патем, сакал тој или не, и’ дошол крајот.