Одлуките што епархиското собрание на Австралиско-новозеландската епархија ги донело на 12.01.2026 година, а денеска стана достапни за јавноста, откриваат зошто Синодот на МПЦ-ОА не избрал надлежен митрополит за Австралиско-сиднејската епархија и зошто наместо архиепископот Стефан да продолжи да ја води оваа епархија како администратор, тој барал на синодската сеница на 19 март со Австралиско-сиднејската епархија да управува Синодот на МПЦ-ОА.
Соопштението што Австралиско-новозеландската епархија го лиферуваше, открива дека не само што за оваа епархија најверојатно нема да се избира нов архијереј во догледно време, туку целта е таа и да биде избришана по смртта на владиката Тимотеј.
Иако сите мислеа дека состојбите во Австралија се решени и надминати со формирањето на новата Австралиско-сиднејска епарехија, сега станува јасно дека тие проблеми повторно се предмет на проблеми.
Имено, епархиското собрание на епархијата со која раководеше владиката Петар одлучило да врати на дневен ред сите спорни прашања, за кои Синодот веќе ги реши кога ја формираше другата епархија.
На пример, епархиското собрание му дава рок на Синодот на МПЦ-ОА од шест месеци да одлучува за екскомуницирање на сите верници кои нема да се прекрстат, превенчаат, а веројатно и препогребаат, бидејќи црковните треби за нив биле извршени од расчинети свештеници. Сите тие имале рок од шест месеци сите црковни треби да ги повторат кај легитимен свештеник.
-Поради прекршување и непочитување на Актот (Став) на САС на МПЦ-ОА бр. 164 од 2015 г., којшто се однесува за отстранување на расчиниетите свештеници на МПЦ-ОА, беше истакнато дека сите расчиниетите свештеници и свештено-монашки лица, кои не се жалеле на Пресудите од првостепените (Епархиските црковни судови), како и црковните обвинители, кои не ги обжалиле Пресудите пред Апелациониот суд, тогаш пресудите се правосилни, и за нив важи латинската девиза, res judicata, пресудена работа, и таа не може да биде предмет на помилување. Исто така, Епархиското собрание бара САС на МПЦ-ОА, целосно да ги спроведе своите донесени Одлуки и Ставови за извршените треби од расчиниетите свештеници, кои се невалидни, при што се дава рок од 6 месеци за верниците да се обратат кај легитимните свештеници, за повторно извршување на требите, но со соодветна такса, согласно таксеникот за треби, стои во одлукие на епархиското собрание на Австралиско-новозеландската епархија.
Дополнително тие бараат Синодот да донесе одлука со која сите расчиниети лица треба да бидат третирани исклучиво како мирски лица.
-А екскомуницираните мирски лица: Ицо Најдовски и Игор Аврамовски, само како неверници, и ним да не им се дозволува прием и комуникација со Архиереите и свештените лица на МПЦ-ОА, стои во одлуките на епархијата.
Тоа е само дел од она што епархиското собрание го донело на последната седница под претседателство на митрополитот Петар.
Во другите одлуки тие бараат да им бидат вратени пари од цркви кои сега се дел од Австралиско-сиднекската епархија, а наводно ги должеле претходно.
-Одлука САС бр. 142 од 05.10.2015, која е во сила, а се однесува на Црквата Св. Димитриј – Вулонгонг, за неисплатен долг кон МПЦЕАНЗ, донесена едногласно од страна на САС во полн состав, при разграничување на Црковните општини во Епархиите во Австралија, беше утврден долг во износ од $92,000, со рок за враќање од 6 месеци. Бидејќи не беше вратен, а црквата и понатаму дејствува како дел од Австралиско-сиднејската епархија, Епархиското собрание едногласно бара долгот со камата да биде вратен во целост, во спротивно, црквата треба да премине во состав на МПЦЕАНЗ, како и обврските за извршени треби кон МПЦЕАНЗ до денот на исплаќањето на долгот, стои во една од одлуките.
Во многуте спорни прашања што Петар му ги остава во наследство на новиот митрополит Никола, кој ќе треба се ова да бара да го спроведе Синодот во следните шест месеци е и одлуката црковните одборници, при црквата Св. Петка Рокдаел, наплатите од извршените треби (крштевки, венчавки и погреби) од денот кога насилно била одземена црквата од МПЦЕАНЗ и приклучена кон Австралиско сиднејската Епархија, (иако таа беше приклучена со одлука на САС на МПЦ-ОА) па сѐ до денот на нејзиното враќање во состав на МПЦЕАНЗ, да ги надоместат со камати, црквата или Австралиско-сиднејската Епархија. Со други зборови Петар за оваа црква бара или да се врати под негова, односно сега под јуризидикција на Никола, или за тоа да добие пари.
-Одлуки кои се донесени, од страна на САС на МПЦ и АЦНС, во врска со новата Епархија, Австралиско-сиднејска, кои се извршни, да се спроведат на дело, во рок од 3 месеци, по нивното излагање на САС, во пленарен состав и доставување, стои во одлуките на епархиското собрание на Австралиско-новозеландската епархија.
Религија.мк ги контактираше дел од претставниците на Австралиско-сиднејската епархија, кои најавија коментар за утре.
Игор Аврамовски Александров само кратко прокоментира дека ова се смешни работи и дека Петар треба да знае дека Австралија не е Иран, а тој не е Ајатолах.

