Трета година по ред, денеска во 12 часто напладне, во центарот на Скопје ќе се одржи свечена лазарева поворка организирана од деца, која ќе го означи чествувањето на празникот Лазарева сабота.
Станува збор за возобновената, заборавена традиција, на која се пеат лазарови каланди, или црковни песни, придружени со украси од врбови гранчиња. Организацијата е на Здружението Бадникови поворки.
Поворка ќе тргне во 12:00 часот од дворот на храмот „Св. Димитриј“, и ќе се движи до храмот „Св. цар Константин и царица Елена“.
– Пред почетокот на Поворката, пред храмот „Св. Димитриј“ ќе се делат врбови гранчиња на сите учесници, а за најмладите ќе има и мало изненадување. Ве покануваме сите да земете учество во оваа радосна поворка, носејќи врбови гранчиња и добро расположение, продолжувајќи ја убавата традиција на нашите предци и подготвувајќи се за претстојните големи празнични денови, информираат од Здружението за негување на православните традиции „Бадникови поворки“.
Лазарева Сабота е празник исполнет со радост и надеж, кога се сеќаваме на чудото на воскресението на Лазар.

