Почетна Интервју Залудно се воздржуваме од храната, ако правиме зло
Залудно се воздржуваме од храната, ако правиме зло

Залудно се воздржуваме од храната, ако правиме зло

3.41K
0

ИНТЕРВЈУ: Отец Оливер Петровски, свештенослужител во „Свети Спас“- Драчево

Отец Оливер, за празникот Воскресение Христово или Велигден се вели дека е празник над празниците. Зошто?

– Воскресението Христово е празник над празниците затоа што ние, христијаните, преку Христовото Воскресение се здобивме со вечен живот, т.е. се вративме во рајот од каде што нашите прародители Адам и Ева биле избркани заради првородниот грев. После нашиот (човечкиот пад), сите луѓе после овоземната смрт, без разлика дали биле праведни или грешни, оделе во пеколот и се чекало доаѓањето на Спасителот, кој ќе ги разурне портите на адот и ќе ги отвори рајските двери. Со Неговото воскресение, сите оние кои го следат патот на Неговите заповеди, заминуваат во вечниот живот, т.е. се враќаат во рајот, затоа што Христос воскреснувајќи од гробот, го воскреснал сиот човечки род.

Мислите ли дека православните христијани ја разбираат суштината на Велигден?

– Навистина не би можел да одговорам само со да или не… Да, има многу кои ја разбираат суштината на Христовото воскресение и се трудат правилно да го пречекаат Воскресението Христово. Но за жал, има и многумина кои не ја разбираат, туку го слават Воскресението заради редот, како што велат старите.

Покрај прославата, колку е важна подготовката за овој празник?

– Кога очекуваме гости, се трудиме да ги пречекаме најубаво што може… Ја чистиме куќата, подготвуваме храна и пијалоци и т.н. На Велигден го очекуваме најголемиот Гостин, самиот Христос. Нормално е дека мора да се подготвиме. Како да се подготвиме да го пречекаме Оној кој ни дал се? Нашата подготовка се состои од два дела: телесна и духовна. Под телесна подготовка се подразбира телесниот пост,т.е., воздржувањето од мрсната храна . Се пости на вода секој ден од понеделник до петок, а сабота и недела и во празниците е дозволено масло и вино. Риба се јаде само на Благовештение и на Цветници. Треба постојано да присуствуваме на светите боголужби на кои ќе се молиме и ќе му благодариме на Господ Исус Христос за Неговата љубов и жртва која Тој ја поднел за спасението на сите нас. Но не смееме да го заборавиме духовниот пост. Залудно се воздржуваме од храната, ако правиме зло. Духовниот пост е одрекување и воздржување од секое зло и грев. Во светата четриесетница треба да се испитаме , да се воздржуваме од лошите мисли, од лошите зборови и дела, да се покаеме за сите лоши работи кои сме ги сториле, да се покаеме и да се исповедаме. Треба духовно да зајакнеме и правејќи добри дела да покажеме љубов кон Бога, но и кон сите наши браќа и сестри. Светите оци го ставаат духовниот пост над телесниот.

Последната седмица од велигденскиот пост се нарекува Страсна или Страдална седмица. Зошто?

– Страст на црквено-словенски значи мака, страдание. Се нарекува страдална затоа што ја претставува последната недела од Христовиот живот на земјава, на Неговите страдања, смртта и погребението.

Дали може во овој проблематичен свет да се живее според Христовото Евангелие?

– Може и мора! Навистина не гледам причина зошто не би можело да се живее според Христовото Евангелие… Зарем им било полесно на христијаните од првите векови кои биле гонети, измачувани и убивани? Сигурно дека не им било лесно, но тие и по цена на својот живот не се откажувале. Точно е дека живееме во едно бурно време, но ако ги следиме заповедите на нашиот Господ Исус Христос, сите тешкотии ќе ги пребродиме и ќе излеземе како победници над гревот. Верата и Христовите заповеди се оние нешта кои ни даваат сила да можеме да ги издржиме и најголемите предизвици.

Отец Оливер вие сте постојано меѓу оние кои беа поплавени на 6 август. Што ве мотивираше да почнете да им помагате?

– Не мотивираше христијанската љубов кон ближните… Не бев сам, туку веднаш се вклучија многу наши браќа и сестри во Христа,( Ангелина Тасевска, Живко Смиљковиќ, Љупка Боцевска, Соња , Ѓаконот Јован Тодевски, Аце Цацар, Смоки, Дарко, Лилија, Стојан и многу други) кои сакаа да помогнат. Не можевме да ја гледаме од страна маката на нашите браќа и сестри кои беа погодени од таа неволја и сакавме да помогнеме на секој можен начин. Секако дека тоа не би можеле да го сториме без помошта која почна да пристига од месното население на Драчево и Скопје воопшто, но и од дијаспората. Се организиравме да помогнеме на сите начини:почнавме со помош во храна, хигиена, вода, ќебиња, покуќнина, а продолживме со градежен матријал: Поликолор, цемент, усјемал, плочки, лепак за плочки и т.н. Би сакал да ја искористам оваа прилика и да им се заблагодарам на сите кои земаа активно учество во нашата акција за поплавените , а посебно на нашата црковна општина во Тринген-Швајцарија, хип-хоп групата Зад Аголот, Здружението на Македонци од Горни Милановац, ФОКС ИНЖИЊЕРИНГ и на сите останати. Сите тие покажаа вистинска ристијанска љубов, љубов по која може да не познае целиот свет.

Формиравете и невладина организација преку која им помагате на поплавентите граѓани…

– Да, формиравме хуманитарна организација. Организацијата е формирана во декември 2015 година , како организација која ќе им помага на социјално загрозените семејства во Македонија. Во јануари оваа година, се регистриравме и сме хуманитарна организација на Скопската православна епархија. Ние функциониравме и пред поплавите и во тоа време, им носевме континуирана помош на триесетина социјално загрозени семејства во храна, хигиенски производи, облека, покуќнина и т.н. Во овој момент ние се грижиме за 65 семејства од цела Македонија на кои континуирано им помагаме и бројот, за жал, постојано расте.

Дали може да се каже дека е решен проблемот со поплавените или сѐ уште им е потребна помош?

– Мое лично мислење е дека сѐ уште не е целосно решен тој проблем. Ние сеуште контактираме со луѓето од погодените подрачја и дел од нив сѐ уште имаат проблеми и не можат да си го вратат животот пред поплавите, не можат да си ги средат домовите за да можат да живеат во нив.

За крај, што би ги посоветувале нашите читатели или што би споделиле со нив?

– Би ги посоветувал почесто да се вклучуваат во хуманитарните акции… Да помагаме секогаш на оние на кои им е потребна помош. Преку правењето добри дела ќе се покажеме и докажеме како христијани. Светиот Апостол Јаков вели: „Покажи ми ја својата вера без дела, а јас преку своите дела ќе ти ја покажам мојата вера”.

/МИА

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *