Почетна Коментар Ако не си простиш самиот…
Ако не си простиш самиот…

Ако не си простиш самиот…

879
0

Доаѓа денот на Прочка кога сите нормални христијани си бараат и даваат прошка меѓу себе. Но запаметете добро, ако самите на себе не си простиме, ничие простување – ни Божјо ни човечко, нема да ни помогне. Башка што Бог однапред ни има простено: „Оче, прости им, оти не знаат што прават“ (Лука 23, 34).

Бог е љубов. А за човечкото простување, битно е ние да побараме прошка, а дали другите ќе ни простат – нивен проблем (зависно од тоа колку демонот им го заробил срцето или не), како и мал проблем за нас – во случај да не ни простат, треба повеќе да се молиме за нив.

Си простуваме самите на себе само ако континуирано го чистиме гревот од самите нас, од нашето срце. Ако со нашите мисли, зборови и дела чиниме грев и на тој начин се откажуваме од Бог и Неговата благодат, што ако Бог ни простува или што ако луѓето ни простат? Ништо! Гревот не ни е простен – продолжуваме да грешиме, гревот останува во нас. Ние остануваме надвор од Бог и Неговата благодат, надвор од заедницата со Него, надвор од вистинска заедница со нашите ближни, а во ропска заедница со демонот – чија волја ја извршуваме.

Како да влеземе во процесот на простување на самите себе? Најнапред треба да се самопринудиме на целосрдечно послушание кон духовните отци на Црквата, односно на восогласување на начинот на нашиот живот со првиот степен од духовниот раст – очистување на срцето од страстите и од гревот, како и со местото што го имаме во Црквата, затоа што живееме во духовна затемнетост, а не во просветленост. Од невроза и противприроден начин на живот треба да преминеме во природен начин на живот, во Црквата. Друг пат нема.

Ова сум го спомнал којзнае колкупати и уште којзнае колку ќе го повторам, зашто ве гледам, посебно вас христијаните, членови на фејсбук заедницата, дека не го спроведувате во дело овој мој светоотечки совет и си пишувате, што значи, и си живеете како сакате. А истото, горедолу, важи и за повеќето христијани. Знаете што на крај ќе постигнете во духовниот живот? Ништо! Ако се задржите на рамниште на религиозна невроза (која е забележлива насекаде околу нас) и не паднете подолу од тоа – бидете среќни!

Каде најмногу и најлесно се забележува религиозната невроза? Кога се занимавате со световна политика, како и со црковна внатрешна и надворешна политика, без просветленост на умот и дарот на умно-срдечната молитва. Накратко, кога начинот на вашиот живот не е восогласен со степенот од вашиот духовен развој.

Нели рековме дека луѓето од Црквата низ својата историја паѓале во три искушенија: прво − нивното поистоветување со државата; второ − нивното поистоветување со нацијата; и третото, најлошото − нивното поистоветување со партијата. Овие поистоветувања се причините за вашето гревовно однесување.

Кога пишувате за партиските случувања, веднаш се забележува вашата партиска пристрасност, и не само тоа, туку и сите негативни (гревовни) чувства кон противникот, како и поделбата што дополнително ја предизвикувате и во Црквата. Наместо Црквата од номиналните христијани да направи Христови војници, партиите успеаја од номиналните верници да направат партиски војници. На двајца господари не може да им служите. А вие после моиве зборови филозофирајте и самооправдувајте се колку сакате дека верникот може јавно да се изјаснува по секое прашање од општествено-политичкиот живот. Да, може, ако е просветлен, а ако не, повторно може – само што останува без Причест.

Јас ви кажав, а вашите духовници колку сакаат нека ви одобруваат Причест и на такви какви што сте. Напишаното нема врска со правото и слободата на вашето тајно гласање. Иако, пред Бог ништо не е без врска. За секое добро дело добивате благодат, а за секое злодело ја губите. Прашање е само дали свесно правите грев или несвесно. Истото од претходниот пасус важи и кога пишувате за црковна внатрешна и надворешна политика, само наместо „партиски“, читајте „црковни случувања“.

Колку ли само лајкувањата ве издаваат кој на која поделба ѝ припаѓа. Па тоа што го постирате и што никогаш не го постирате. Па коментарите. Па сигурноста со која коментирате – тоа најмногу ме загрижува. Си велам во себе: за овој човек, лек – тешко. Па незнаењето, и на теологијата и на валидните информации – кои и тешко да се знаат ако не си на највисока позиција. Па поразителното постирање на „духовни мудрости“ од отци што не нѐ признаваат. И многу други невротични пројави во самите коментари што ве издаваат.

И после сѐ, повторно, како ништо да не било, формално ќе бараме прошка, ќе тримериме и постиме, ќе се молиме и ќе се причестуваме. Вистина ви велам, ако не се покаеме за своите гревови, ништо не ни вреди. А тоа и самите го гледате после толку години.

Во што единствено „напредувавме“ по нашето влегување во Црква? Во суета, во некаков невротичен црковен опит, во високо мислење за самите себе и во достапното теоретско знаење без љубов. А во умно-срдечната молитва и во Божествената просветленост на умот и разумот? А во конкретните дела на милосрдие?

naum 1Должен сум да ви ја кажам вистината, која многу повеќе важи за мене, но не многу помалку и за вас, а вие како сакате. Знам дека е дојдено времето кога многу ненормални работи се сметаат за нормални и дека дури и меѓу номиналните христијани моите кажувања може да изгледаат чудни, но тоа е. Простете.

Митрополит Струмички Наум

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *