Претседателот на Украина, Володимир Зеленски ја посети Вселенската патријаршија во Фанар, што претставува негова четврта посета од стапувањето на функцијата.
Вселенскиот патријарх Вартоломеј го пречека украинскиот претседател, по што двајцата одржаа средба зад затворени врати во траење од речиси два часа. Во разговорите било изразено залагање за мирно решавање на конфликтите, како и загриженост за илјадниците украински деца кои се одведени од своите домови, со надеж за нивно враќање кај семејствата.
На средбата присуствувале и претставници на Вселенската патријаршија, меѓу кои митрополитот Емануил од Халкидон и други членови на патријаршискиот кабинет, како и украинска делегација предводена од министерот за надворешни работи Андриј Сибиха.
По средбата, во салата на тронот, патријархот ги благословил членовите на украинската делегација, по што заедно со претседателот се обратиле пред медиумите, изразувајќи задоволство од разговорите.
Патријархот Вартоломеј истакнал дека Вселенската патријаршија постојано се моли за мир и ги поддржува преговорите за решавање на конфликтите, нагласувајќи дека Црквата стои покрај сите кои страдаат, без разлика дали во Украина, на Блискиот Исток или во други делови од светот.
Претседателот Зеленски нагласил дека Украина останува посветена на постигнување праведен мир, истакнувајќи дека единството на меѓународната заедница е клучно за заштита на слободата и суверенитетот.
Во изјавите било споменато и прашањето за можни мировни преговори меѓу Украина и Русија во Истанбул, при што Зеленски посочил дека продолжувањето на дијалогот е од суштинско значење.

