Почетна Коментар За надежите во Вселенската патријаршија за поскоро решавање на македонското црковно прашање
За надежите во Вселенската патријаршија за поскоро решавање на македонското црковно прашање

За надежите во Вселенската патријаршија за поскоро решавање на македонското црковно прашање

476
0

На 28 мај 2019 година во претпладневните часови, македонските медиуми синхронизирано започнаа да ја објавуваат веста за интервјуто на Неговата Светост Вселенскиот патријарх Вартоломеј, дадено за една бугарска новинска агенција во кое се осврнува и на прашањето на статусот на Македонската православна црква. Како по договор, насловите ја нагласуваа оптимистичката констатација дека Вселенската патријаршија потврдува дека, во согласност со сопствените историски втемелени надлежности, одлучи да постапи по Барањето за примена на апелациското прибегнување (еклитон) во нашиот случај, чин кој треба да доведе до автокефален статус на современата наследничка на славната Охридската архиепископија.

Следејќи ги подолго време црковните прилики, со радост реагирав на оваа вест. Внимателно ги препорачитував речениците и го анализирав кажаното од страна на Вселенскиот патријарх Вартоломеј. Барав потврда во насловите дека децениските молби на православните христијани од нашата држава конечно ќе бидат услишани. Сепак, таквиот заклучок колку и да е посакуван, не може да се каже дека е во целост оправдан. Причината, пак, се зборовите на Вселенскиот патријарх: „во годините што доаѓаат“. Поконкретно, неговиот став дека Вселенската патријаршија го разгледува барањето упатено од архиепископот Стефан за примена на апелациското прибегнувањe, но дека во духот на љубовта и единството тоа ќе продолжи да го прави тоа во годините што доаѓаат.

Настојувајќи да ја поедноставиме оваа изјава, можеме да извлечеме два заклучока:

Првиот, несомнено позитивниот заклучок е дека Вселенската патријаршија во случајот со нашата црква одлучува да го примени правото воспоставено уште од Четвртиот вселенски собор за носење на конечна одлука при меѓуцрковни спорови, вклучувајќи ги и тие како нашиот, поврзани со стекнувањето на автокефалноста. Ова значи дека конечно, после толку децении, прашањето за статусот на Македонската православна црква се интернационализира, односно престанува да биде ексклузивна надлежност на Српската православна црква која не покажа разбирање за црковните потреби на православните христијани од Република Македонија. Последната констатација е дотолку поочекувана и заради фактот што во меѓу црковните релации после Вселенскиот собор на Крит во 2016 година сѐ до денес, Пеќката патријаршија тврдоглаво ги застапува интересите на Руската православна црква наспроти историското предание и правила поврзани со примарното место и правата во таа смисла која со векови ги има Вселенската патријаршија.

Вториот, пак, неповолниот заклуок, за жал, е дека носењето на ваквата историска одлука во случајот со нашата црква, патријархот Вартоломеј ја става во еден поширок временски контекст од повеќе години, предизвикувајќи оправдани разочарувања дека уште една генерација православни христијани нема да ја имаат честа да посведочат за стекнувањето на автокефалниот статус на Македонската православна црква.

.За нашите големи надежи во Вселенскиот патријарх

Една од најсилните поткрепи за растот на Македонската православна црква во оваа ера, меѓу другото, е и возобновувањето на монаштвото. Процесот, кој се развиваше паралелно со меѓународното етаблирање на нашата држава како независна и самостојна, придонесе во голема мера да се пренесе богатото православно предание до најголемиот дел од православните христијани кои беа оддалечени од истото заради доктрината на комунизмот. Тоа, пак, најмногу беше правено од нашите монаси кои духовно развивајќи се во манастирите на Света Гора, во деведесетите години на 20. век одлучија да се вратат дома. Овие наши митрополити, епископи и игумени на своите духовни чеда и денес со радост им раскажуваат за историјата на Црквата, за Вселенската патријаршија, за манастирите на Света Гора, како и за живите светители од нивното време, меѓу кои секако се старец Пајсиј, старец Софрониј, отец Георгиос Капсанис, старец Емилијан Симонопетриски и.т.н.

И тука се соочуваме со еден парадокс кој во себе го содржи посакуваниот мотив кој треба да ни помогне и денес кога сме на крајот од еден огромен пат кој треба да ја одведе нашата црква кон автокефалност со помош на Вселенската патријаршија. Имено, доколку Црквата е еден од најсилните столбови на православната држава, како може таквата поткрепа во случајот со Република Македонија да дојде токму од „непријателските јужни соседи“ или како е можно еден многу почитуван игумен од Атос ширум да им ги отвори вратите на својот манастир „на Скопјаните кои сакаат да ја присвојат грчката историја“?! Причините силно верувам дека се резултат на една искрена необременета љубов помеѓу дел од луѓето од двете страни на границата кои, одејќи спроти ветрот, работат во насока на возобновување на мостовите помеѓу двата православни народа! Ова семе, во годините што следуваат, придонесе да расцвета желбата за уште поголем раст на нашата црква. Така, како по некој договор, следуваа и серијата на посети на Вселенската патријаршија и средбите со патријархот Вартоломеј, на политичари, пратеници, министри, премиери, претседатели на државта, како и на дипломирани богослови или на останати наши сограѓани кои духовно созревајќи во манастирите и црквите низ нашата држава ја стекнаа оваа своја желба. Сите тие, независно дали идеолошки припаѓаат на македонската левица или на десницата, во личноста на Вселенскиот патријарх сметам дека го гледааат оној толку важен зрак на надеж кој ќе нѐ одведе во единството со останатите браќа по вера од целиот свет.

Вселенската патријаршија и иднината на македонската црква

Надминувањето на спорот со името е исклучително сложен настан. Процес кој, со оглед дека е заглавен во една историска јама, изобилува со нерационални елементи кои предизвикуваат болка. Во секој случај, со оглед на моментумот после неговото надминување, верувам дека одважноста на Вселенскиот патријарх за примена на своите историски овластува и за признавање на автокефалноста на нашата црква, може многу да помогне за конечно затворање на ова тешко историско поглавје, односно за почеток на една нова ера во односите помеѓу православните христијани од јужниот дел на Балканот. Истовремено, духовно, тоа, секако, ќе значи уште една позитивна одлука на патријархот Вартоломеј која, секако ќе има свој важен удел при историската анализа на ефектите во однос на неговото раководење со Црквата.

Имајќи го во пред вид споменатото, длабоко свесен за реалностите на црковно-државната политика, знам дека православните христијани од Република Македонија достоинствено ќе ја прифатат секоја одлука на Вселенската патријаршија поврзана со идниот статус на Црквата дури и таа да значи нова сол на раната преку нови пролонгирања. Сепак, Патријаршијата од своја страна, како многу пати во минатото, има важна историска обврска да ја препознае можноста за конечно, но побрзо решавање на македонското црковно прашање, придонесувајќи децениите да се претворат во години, годините во месеци, а месеците во денови. Личноста на патријархот Вартоломеј, пак, како и неговото наследство управувајќи ја Црквата овие децении во светло на овој историски моментум, сеуште дава надеж дека оваа генерација православни христијани ќе посведочат за вклучувањето на Македонската православна црква во заедницата со останатите православни цркви чија глава е Вселенската патријаршија.

Пишува: проф. д-р Александар Спасеновски (Правен факултет  „Јустинијан Први“ – Скопје)

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *