За кого ме мислите вие?

Date:

Share post:

Замислете, само, какво безредие и суета би било сите истовремено да го кажуваат своето мислење, а тоа е исто кај сите и веќе восогласено меѓусебно.

Пишува: Митрополит Струмички Наум

И кога дојде Исус во земјата на Ќесарија Филипова, ги праша учениците Свои и рече: „За кого Ме мислат луѓето – Мене, Синот Човечки?” Тие одговорија: „Едни за Јован Крстител, други за Илија, а некои за Еремија или за еден од пророците.” А Он им рече: „А вие, за кого Ме мислите?” Симон Петар одговори и рече: „Ти си Христос, Синот на живиот Бог.”

На Христос Му е битно мислењето на Неговите ученици, не поради Него, туку поради нив и нивното спасение – во смисла на правилниот однос кон него, како и поради мисијата што требаше да им биде доверена. Преданието што треба потоа да го пренесат лично, во кое спаѓа и самата вера, мора да е во сила и вистинско, т.е. православно. Преданието, пак, се заснова на доверба и послушание.

Затоа е битен и односот на духовните чеда кон својот духовен отец – кој е икона Христова: „Кој ве слуша вас, Мене ме слуша“. Љубовта и послушанието кон духовниот отец се услов за нивно духовно растење и автентично сведочење на Христос, како и главно прашање на кое ќе треба тие да дадат одговор пред Бог. Она за што, пак, духовниот отец ќе треба да даде одговор е: дали има внатрешно духовно покритие за чинот што ги носи и за позицијата што ја има во Црквата; дали беше способен и на висина на задачата која што му беше доверена. Секој ќе си даде независен одговор за својот дел, но најдобро ќе беше и двете страни да имаа добар одговор – истовремено.

И додека учениците одговараат за мислењето на луѓето – секој од нив кажува што чул, но, кога доаѓа време да одговорат какво е нивното мислење за Христос, одеднаш гледаме дека само Петар го изразува мислењето на сите – и затоа што нивното мислење е исто и затоа што тој е прв по чест, најстар меѓу нив. Замислете, само, какво безредие и суета би било сите истовремено да го кажуваат своето мислење, а тоа е исто кај сите и веќе восогласено меѓусебно.

Тогаш Исус му одговори и рече: „Блажен си ти, Симоне, сине Јонин, оти тело и крв не ти го открија тоа, а Мојот Отец, Кој е на небесата. А Јас тебе ти велам: ти си Петар и на тој камен ќе ја изградам црквата Своја, и вратите на пеколот нема да ја надвладеат. И ќе ти ги дадам клучевите од Небесното Царство, и што ќе сврзеш на земјата, ќе биде сврзано на Небесата; а што ќе разврзеш на земјата, ќе биде разврзано и на Небесата.”

Кога Христос го пофалува Петар, Тој истовремено ги фали и сите Свои ученици, за богооткриеноста на нивната вера – оти Петар ја изрази во името на сите. Богооткриената вера во Него – како Син Божји, т.е. личната заедница со Бог која се гради врз основ на таа вера, е каменот на кој Тој ќе ја изгради Својата Црква – не на некој човек, па бил тој и Апостол Петар; но и ги предупредува дека нивната вера ќе биде испитана од „вратите на пеколот“, т.е. од духовите на злобата. И откако цврстината на нивната вера ќе биде проверена, им ги ветува и „клучевите на Царството Небесно“, т.е. силата и власта, што ќе ја добијат на светата Педесетница, преку кои се оживотворува и се раководи целата Црква – за спасение на сите што сакаат. Видовме како сите го поминаа испитот – и падовите и покајанието. Така и сите ние поминуваме низ испит пред да се активира новозаветното, царско и есхатолошко свештенство – во нас.

Но, кога Христос го спомнува Петар по име, Тој, тогаш, го нагласува првенството по чест и цврстата ерархиска овоземна организираност на Црквата, преку кои се чува единството – од Локалната, па сѐ до Соборната Црква, на сите оние што имаат иста вера. Значи, Богочовекот Христос ни говори овде и го нагласува, пред сѐ, административното „послушание“, т.е. односот и почитта кон првиот по чест, а не толку за послушанието како духовно раководство. Првово „послушание“ ни е точно канонски одредено, а за второто имаме одредена слобода – кој духовно ќе нѐ раководи, сѐ до отворањето на срцето за умно-срдечната молитва; потоа сме слободни од таквото послушание; од административниот однос и „послушание“ – никогаш во овој свет.

Сѐ ни е напишано, само треба да знаеме да прочитаме. Цела христологија и еклисиологија во едно прашање и еден одговор; дури и литургика, ама за што попрво да пишувам… Ај, утре, пак…

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img