Со други зборови, ќе бидеме исцелени, ако психотерапијата си ја восогласиме со дијагнозата или духовно ќе растеме ако духовниот подвиг го восогласиме со нашата фактичка духовна состојба; тоа значи градење на својата куќа, на својата духовна градба врз камен, врз здрава основа – заедницата со Христос.
Пишува: Митрополит Струмички Наум
„И така, секој, кој ги слуша овие Мои зборови и ги исполнува, ќе го споредам Јас со благоразумен човек, кој ја изградил својата куќа на камен. И заврна пороен дожд, и надојдоа реки, и дувнаа ветрови и навалија на таа куќа, но таа не се разурна, зашто беше заснована на камен. И секој, кој ги слуша овие Мои зборови, а не ги исполнува, ќе биде спореден со безумен човек, кој ја изградил својата куќа на песок. И заврна пороен дожд, и надојдоа реки, и дувнаа ветрови и навалија на таа куќа, и таа падна, и нејзиното паѓање беше големо.“
Денешното евангелско четиво е дел од седмата глава на Евангелието според Матеј кое, Богочовекот Христос го заокружува со исечокот со кој ја почнуваме беседава. За да ни биде појасно, ќе потсетам на некои клучни моменти од целината, како: „не судете, за да не бидете судени“; „молете и ќе ви се даде, барајте и ќе најдете, чукајте и ќе ви се отвори“; „влезете низ тесната врата, зашто широка е вратата и простран е патот, што водат кон пропаст“; „не секој, што Ми вели: ‘Господи, Господи!’ ќе влезе во Царството Небесно, а оној, кој ја врши волјата на Мојот Отец кој е на небесата“.
Ако добро размислиме, ќе видиме дека сите овие поуки се суштински поврзани со восогласувањето на начинот на нашиот живот со душевната состојба или со степенот на духовниот развој на кој се наоѓаме, како и со местото и улогата што ги имаме во Црквата и во општеството. Со други зборови, ќе бидеме исцелени, ако психотерапијата си ја восогласиме со дијагнозата или духовно ќе растеме ако духовниот подвиг го восогласиме со нашата фактичка духовна состојба; тоа значи градење на својата куќа, на својата духовна градба врз камен, врз здрава основа – заедницата со Христос.
Оти, на пример, како ќе судиш без просветлен ум, а посебно кога знаеме дека просветлениот ум – никому не суди? Или, на пример, што очекуваш да добиеш, ако ниту чукаш, ниту бараш, ниту се молиш, а посебно кога не Го бараш Него, туку некој од Неговите дарови – а и тие, овоземни? Или, на пример, како ќе влезеш молитвено во Царството Небесно преку тесната врата на своето срце, ако умот ти е по цел ден расеан низ широкиот пат на овој свет или, на пример, ако не ја вршиш волјата на Христовиот Отец. Зарем ова не значи, градење на својата „духовна градба“ врз нездрава основа – надвор од заедницата со Христос?
Човек што живее како што не треба, живее живот од искушение до искушение врз основа и со помош на вонредната благодат Божја. Ќе дојде силната водна струја и ветерот, т.е. искушението, и тој ќе падне. Повторно ќе дојде вонредната благодат и тој ќе се исправи, сѐ до следното искушение, кога пак ќе падне. И така – безброј пати. Со тоа што секој следен пат ќе биде полошо, додека конечно не се покае или отпадне – „и нејзиното паѓање беше големо“.
Напишаново до сега се однесува на личниот дом од душата. Кога се работи за домот на Црквата, тука важат и некои други правила суштински и несуштински, за кои, пак, да ги сфатиме, секако, прво треба да ни е уреден личниот дом на душата, а потоа ќе видиме и како, со Божја помош, ќе се обидеме да ги изменаџираме.

