Бугарскиот патријарх Даниил денеска служел литургија за Свети Наум Охридски, на денот кога Бугарската црква го слави неговото дело во софискиот кварт „Дружба“, а по литургијата зборувал за Свети Наум како за бугарски светител.
Говорот на бугарскиот патријарх на моменти има тон како на политички претставник, наместо на православен духовник. Зборувајќи за Свети Наум, Даниил користи двосмислени формулации, зборувајќи за единството на народот од двете страни на границата. Бидејќи ја користи формулацијата „бугарски народ“, а не користи формулација „македонски народ“, остава впечаток како да зворува за еден народ во две држави.
Меѓу другото бугарскиот патријарх на проповетта рекол:
„Чудесен е Божјиот промисол. Во денешни дни местото на служение и упокоение на свети Наум, кое тој го осветил со своите нетлени мошти, се наоѓа во друга држава. Но неговото дело сведочи за единството на нашиот народ и народот што живее во Северна Македонија, бидејќи сите ние го почитуваме свети Наум како просветител на својот народ, изјавил Даниил.
Потоа тој зборува:
„Нека по молитвите на свети Наум, Бог да го просветлува денес и нашиот бугарски народ, и народот што е во Северна Македонија, така што не омразата и спротивставувањето, не ѓаволот – кој преку омразата посеана во човечките срца, го разбива единството меѓу луѓето – да бидат меѓу нас, туку љубовта Христова. Нека верата и љубовта Христова не соединуваат во такво единство кое никој не може да го раздели. Ако сите ние сме чеда на свети Наум, на свети Климент, тогаш е незамисливо за нас да има такви непријателства, какви што се појавуваат во денешно време“.
Даниил зборува и за историјата на Свети Наум, Свети Климент и Светите Кирил и Методиј, особено низ прзмата на гугарскиот поглед на историјата.


Не е лоша пораката на таа проповед и не е добро да ја вадиме од контекст, ако била чисто христијанска. Зарем на православна Бугарија и’ е малку што имала толку благоверен кнез кој му дал простор на делото на Св. Климент и Наум Охридски, па мора да им лепи и ним епитет ‘бугарски светители’? Тој благоверен бугарски кнез го помогнал и духовниот раст на македонскиот народ, со својата широчина и добра волја, испраќајќи ги учениците на Светите Кирил и Методиј во Македонија и ние тоа го цениме.
Но, дури и вековните геостратешки покровители на Бугарија, Русите, го потенцираат македонскиот идентитет на Солунските браќа Св. Кирил и Методиј, што е тема за размислување на денешната бугарска интелигенција.
На крајот на краиштата, никој не може да биде духовен потомок на овие Свети браќа, а да негира национален идентитет и другојазичност на цел еден народ. Нивната позната аксиома “Не свети ли сонцето подеднакво за сите?” не би можела да биде слична со денешните позиции на бугарската политичка елита која впрочем и најмногу настојува да ја поистовети нивната извонредна чест со бугарскиот хабитус и ментален фундамент.
Е сега, она што е одлично во беседата на Бугарскиот Патријарх е добрата порака за поставување на христијанските критериуми на сведоштво над националните. Тоа е единствената појдовност којашто би можела да ги приближи народите и вистински да придонесе и во квалитетот на нивната самопочит и во конкретна меѓусебна почит.