„Родителски фронт“ со жестока реакција до министерката за образование Весна Јаневска поради содржина од прирачникот на ХЕРА за која оценува дека на децата им испраќа погрешна порака за создавањето и споделувањето интимни фотографии. Од здружението бараат одговори за педагошката оправданост на примерот, начинот на неговата категоризација и улогата на родителите во одлучувањето за вакви содржини, а во спротивно бараат од министерката да поднесе оставка.
Во продолжение ја пренесуваме реакцијата на „Родителски фронт“ во целост:
КАКО МИНИСТЕРКАТА ВЕСНА ЈА СТАВИ МИНА (НАШИТЕ ДЕЦА) НА ТАЦНА НА СЕКСУАЛНИТЕ ПРЕДАТОРИ
Малолетна Мина се фотографира гола, а примерот е означен со ЗЕЛЕНО СВЕТЛО.
ЗЕЛЕНО?!
Да бидеме сериозни: ако образовниот материјал сака да ги научи децата на одговорно однесување, тогаш каде е пораката за приватноста, заштитата на сопствената интимност, дигиталната безбедност и ризиците од споделување интимни фотографии?
Зошто нешто што може да ги изложи децата на сериозни ризици се става во категорија која визуелно и педагошки испраќа порака дека е „прифатливо однесување“?
Според вас, не е проблем што прирачникот на Хера, на кој и Вие му дадовте легитимитет, зборува за вакви ситуации. За нас, проблемот е КАКО ги категоризира и КАКВА порака им испраќа на децата.
Министерке, родителите не бараат децата да бидат неинформирани. Напротив — сакаме да бидат информирани и заштитени.
Но информирањето за ризикот не е исто што и давање „зелено светло“ за самото однесување. Самото прикажување на тинејџерка која е гола во приватноста на својот дом не е нужно проблематично. Приватноста, телесната автономија и односот кон сопственото тело се легитимни теми, но за присутноста на овие теми во образованието на нашите деца, одлучуваме ние родителите, а не Хера и Вие.
Која е педагошката оправданост на избраниот пример?
Мислиме дека сосема свесно создавате можност за недоволно разграничување меѓу приватноста на сопственото тело и создавањето интимни дигитални фотографии.
Тинејџерката може да биде сама во својата соба, но фотографијата што ја создава претставува дигитална содржина што може да биде споделена, украдена, злоупотребена или објавена без нејзина согласност.
Затоа прашуваме:
– Кој ја одобрил оваа содржина?
– Кој одлучил дека токму ова треба да биде „зелено“?
– И зошто родителите треба да веруваат дека прирачникот „не е спорен“, кога пред очи гледаме ваква категоризација?
А тука доаѓа и уште едно сериозно прашање.
Во прирачникот се бара доверливост на она што се споделува и работи во училницата, со порака дека тоа што ќе се слушне треба да остане во рамките на училницата.
Зошто?
Што точно треба да остане зад затворени врати и што не смее родителот да знае?
Во посочениот пример воопшто не е јасно што точно треба да оценат учениците.
Дали треба да оценат дали е прифатливо тинејџерка да биде гола во сопствениот дом?
Треба да оценат дали е прифатливо да се фотографира гола?
Треба да оценат дали нејзиното однесување претставува повреда на туѓите граници и согласност?
Ова се три различни прашања, а нивното спојување во една кратка ситуација создава методолошка нејаснотија.
Терминот „тинејџерка“ може да означува девојка на возраст од 13 до 19 години.
Педагошкиот и правниот контекст на создавањето интимни фотографии не е ист кога станува збор за тринаесетгодишно дете и деветнаесетгодишна полнолетна личност. И двете возрасни граници спаѓаат во категоријата ʼтинејџеркаʼ.
Затоа, возраста е важна за правилно разбирање на ситуацијата, а ова е содржина за деца од 13 години, возраст на која едвај чекаат да слушнат за нови идеи.
Со ова се олеснува креирањето и пристапот до експлицитните содржини од малолетните деца како Мина која станува потенцијален плен за сексуалните предатори -ПЕДОФИЛИ. Ова е потенцијален зачеток на нови “јавни соби” и сите проблеми кои настануваат со имплантација на такви идеи кои се формално одобрени од прирачникот со зелено светло!
Па дали сте вие нормални?!
Затоа, министерке, наместо „нема ништо спорно“, очекуваме јасни одговори.
И ако немате одговор — тогаш дајте си ОСТАВКА!

