Синодот одлучува кој може да запише магистерски студии на Православниот Богословски Факултет во Скопје?

Date:

Share post:

Кој има право да продолжи со своето научно образование на магистерски студии по теологија – факултетот или Светиот архиерејски синод на МПЦ-ОА? Прашањето го отвора актуелниот конкурс на Православниот богословски факултет „Св. Климент Охридски“ во Скопје, во кој како задолжителен документ за пријавување на втор циклус студии е наведен „благослов од Светиот архиерејски синод“.

Станува збор за услов кој директно се однесува на пристапот до вториот степен на високото образование. Според конкурсот за академската 2026/2027 година, кандидатите, покрај дипломата за завршен прв циклус, биографијата, потврдата за познавање странски јазик и останатата документација, треба да приложат и благослов од највисокиот орган на МПЦ-ОА.

Ова отвора сериозна дилема за автономијата на високото образование, особено затоа што ПБФ не функционира надвор од системот на високото образование. Напротив, самиот УКИМ го наведува Православниот богословски факултет „Св. Климент Охридски“ како придружна членка – друга високообразовна установа на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.

И самиот ПБФ наведува дека неговото конституирање било направено според прописите од областа на високото образование, а со Законот за високото образование на установите на верските заедници била создадена можност факултетот да стане дел од системот на високото образование со статус на приватно-јавна непрофитна високообразовна установа и да биде во состав на јавен универзитет како придружна членка.

Кој одлучува кој смее да продолжи со научна работа?

Прашањето што произлегува од актуелниот конкурс е дали црковниот орган треба да има право на филтер при пристапот до вториот циклус на академско образование.

Ако кандидатот ги исполнува условите за завршен прв циклус и ги исполнува академските критериуми за продолжување на студиите, зошто за запишување магистратура е потребна дополнителна одлука, односно благослов, од Светиот архиерејски синод?

Уште повеќе, според статутарната поставеност на ПБФ, благословот за студирање на факултетот е поврзан со надлежниот архијереј. Но актуелниот конкурс за магистерски студии оди чекор понатаму – експлицитно бара благослов од целиот Свет архиерејски синод.

Интересна споредба нуди Богословскиот факултет на Софискиот универзитет „Св. Климент Охридски“.

Во официјално објавените информации за прием на магистерски програми за академската 2026/2027 година, Софискиот универзитет ги наведува условите за кандидатите и потребната документација за програмата „Православно богословие“. Универзитетот истовремено објавува дека програмата е отворена за кандидати со соодветна високообразовна диплома. Во објавените услови не е наведено дека кандидатот треба да приложи благослов од Светиот синод како услов за кандидатствување.

Државен универзитет, црковна институција и секуларност

Случајот отвора и поширока дилема за односот меѓу црковната автономија и секуларниот карактер на државата.

Никој не го оспорува правото на МПЦ-ОА да го уредува своето внатрешно црковно и духовно функционирање. Прашањето е каде завршува тоа право, а каде започнува правото на граѓанинот на пристап до високо образование и академски напредок.

Особено кога станува збор за установа која е акредитирана како високообразовна установа и која има статус на придружна членка на најголемиот државен универзитет во земјата. Министерството за образование и наука исто така го евидентира ПБФ како високообразовна установа на верска заедница и како придружна членка на УКИМ.

1 COMMENT

  1. Вашето непознавање на православната богословска, еклисиолошка и др. црковна проблематика за долгогодишни активни православни христијани е повеќе од очигледно.
    Еве еден пример на оваа тема.
    Пред седум-осумнаесет години мојот духовен отец (познат грчки Старец, долгогодишен духовник на Братството на Светиот Гроб) настојуваше да се запишам на теологија на Каподистрискиот Универзитет во Атина, иако не бев заинтересирана, со оглед дека позанимливи ми беа аскетскиот амбиент околу Старецот, можностите за духовен подвиг и сл., а и веќе имав една универзитетска диплома, просто немав апетит за дополнително универзитетско знаење. Но, заради упорноста на Старецот кој ми го постави тоа како првостепено послушание, преку Старицата на сите негови манастири ми беше побарано да побарам писмен благослов од надлежниот Архиереј на епархијата од која доаѓам во Македонската Православна Црква. Имено, Каподистирскиот Универзитет во Атина тоа го бара како услов за упис на студенти на теологија. Одговорив дека тие ја знаат состојбата со правно непризнатиот статус на нашата Света Црква и дека би се изненадила ако го прифатат писмениот благослов на Митрополитот на мојата епархија во МПЦ, но Старицата рече дека тоа во случајов е небитно, битно е да го добиеме тој писмен благослов. Речено сторено. Набрзо откако стигна по пошта и и’ го врачив писмото со митрополитскиот благослов од Македонската Православна Црква на Старицата, таа дојде со ново барање, малку саркастично извинувајќи се дека тој благослов не е (или нема да биде) прифатен од Универзитетот, заради непризнатиот статус на Помесната Црква од Која доаѓам, но овојпат со нов предлог да доставам писмено барање до Српскиот Патријарх Павле. Реков дека тоа ќе биде некоја чудна и фалшлива авантура, затоа што ниту Патријархот ниту некој друг во Српската Православна Црква лично ме познава и дека тој благослов од ниеден аспект нема да биде автентичен, дури и да го добијам, со оглед дека никогаш не бев во никаков контакт со некого од Таа Црква (што се разбира не е целосна вистина, затоа што со Св. Николај Жички и со Св. Јустин Келиски сепак бев, иако беа одамна упокоени, но личносниот однос беше силен и жив – денес знам дека тоа внатре во Црквата се знае и се смета).

    Ми се гледаше дека во сето тоа, во настојувањето да барам благослов од СПЦ се работи за тест за исповедање на верата од еклисиолошки размери (дури и за еден вид стапица), така што многу директно и прецизно го составив своето барање недвосмислено позиционирајќи се како жив член на Црквата кој доаѓа од Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, отворено опишувајќи ја апсурдноста на ситуацијата во односот меѓу мене и Патријархот од којшто барам писмен благослов за студирање. Не знам дали воопшто некогаш тогашната врхушка на Таа Помесна Црква добила такво смело писмо од македонска страна. Но, на мое големо изненадување, благословот на Српскиот Патријарх стигна експресно брзо.
    Денес на оваа работа гледам поинаку: можно е барањето благослов од (во случајот Повардарскиот) надлежен Митрополит на Македонската Православна Црква, којшто лично ме познава, да бил сепак не бирократски туку еклисиолошки неопходен чин (бидејќи еклисиологијата сепак не е бирократија), а бирократијата беше овозможена со благословот на Српскиот Патријарх. Значи, Црквата главно внимава кој се’ ќе се занимава со богословие, богословите се дел од нејзината идентитетска карта. Може човек приватно, сам за себе и сам со себе, преку книги и др. материјали да ја изучува православната теологија, може да достигне и огромни знаења без Црквата официјално да го верификува неговото теолошко знаење. Но, за потпис, оценка и печат што ќе го потврдат тоа знаење од страна на проверени учители на Црквата, потребна е и засведочена духовна конфигурација, во спротивно Црквата ризикува да не ја исполни заповедта: “Не фрлајте ги своите бисери пред свињите, за да не ги изгазат” (сп. Мат. 7, 6) итн.
    Сега, способни ли сте да направите споредба?
    Лично во Грчката Православна Црква се соочив првпат со прочуени теолози со големи очигледни грешки (дури и во преводите на Новиот Завет) кои таа Помесна Црква трпеливо ги толерираше (веројатно до денес), и од кои многубројни луѓе учеа со воодушевување. Со ќерката на еден од нив лично се запознав, на мое изненадување имаше блиски контакти со сите големи светогорски и богословски фигури на современото грчко окружување, иако сигурно беа свесни за големите недостатоци во делата на нејзиниот татко и за штетата произлезена од тие дела. Тогаш првпат станав свесна за величината на Македонската Православна Црква, за чистотата на Верата која истрајно и внимателно се чува во Неа и за расчекорот меѓу светската репутација на Помесните Цркви и реалниот квалитет на нивната мисија во времето и просторот. Иако, секогаш и има комбинација од фактори и својства кои ја обезбедуваат полнотата на даровите на Светиот Дух неопходни за совршено функционирање на сите членови на Телото Христово.

    Можеби сите овие работи вам ништо не ви значат, но сигурно ви значи фактот дека Националниот и Каподистриски Универзитет во Атина денес се вреднува како најстарата и најголемата образовна институција во Грција и на Балканот воопшто. Ако Каподистриу бара толку благослови за упис на својот Теолошки Факултет, зошто Богословскиот Факултет при УКИМ да не бара за упис на постдипломски студии? Тоа е уште поситен филтер. Во спротивно, богословските студии можат да бидат на услуга на секакви битанги и пробисвети кои ги исполниле другите услови за упис, но кои во иднина може да посакаат да се исмеваат со верата, со печатот и потписот на Црквата итн., итн.
    Мислам дека сфативте. И сигурно останавте без аргументи. Царевото на царот, а Божјото на Бога. Не може поинаку.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img