Благодарење

Date:

Share post:

Ако нашиот ум не може да излезе молитвено пред олтарот на нашето срце – пред Бог, и таму да ги возглави сите кои се таму собрани, ние сме очигледно лишени од внатрешното, есхатолошко и царско свештенство, од „свадбената облека“.

Пишува: Митрополит Струмички Наум

Постои една, за Црквата Божја, многу карактеристична молитва, која често ја слушаме во храмовите Божји, а таа гласи: „спомнувајќи си ја Пресветата, Пречиста, Преблагословена, Славна, Владичица наша Богородица и Секогашдева Марија, со сите светии, самите себе, еден со друг и целиот наш живот на Христос Бог да Му го предадеме“.

Првиот дел од оваа молитва: „спомнувајќи си ја Пресветата, Пречиста, Преблагословена, Славна, Владичица наша Богородица и Секогашдева Марија, со сите светии“ нѐ потсетува на соборниот живот на Црквата, на тоа дека, што ние и да правиме – го правиме со помош на Богородица и на сите свети на Црквата и за нивната љубов.

Нѐ потсетува дека, сите свети на Црквата живеат во мене и преку мене, а јас живеам во нив и преку нив, во едно взаемно и благодатно проникнување и проземање – кое ја гради и остварува нашата личност, а кое се случува, пред сѐ, во нашето срце; дар што ни го овозможува несоздадената Божја благодат на светото Крштение.

Просто, нѐ потсетува дека ништо добро и богоугодно не можеме да направиме без да сме живи членови на Црквата, т.е. без благодатта на нашиот Господ Исус Христос, љубовта на Бог и Отецот и заедницата на Светиот Дух; дека можеме да Му благодариме и да Му се принесеме на Бог, само во заедница со Него.

Ако го разбираме првиот дел од молитвата, тогаш веднаш ќе ни стане јасно дека клучен момент во оваа молитва е делот во кој велиме: „самите себе“. Оти ако претходно ја сфативме соборната димензија на човековата личност, тогаш сфаќаме дека без да се принесеме себеси, ние никого и ништо друго не можеме да Му принесеме, да Му предадеме на Бог.

Ако успееме „самите себеси“, тогаш многу полесно ќе успееме и „ еден со друг и целиот наш живот на Христос Бог да Му го предадеме“. А целото ова лично-соборно себепринесување се остварува на светата Литургија, т.е. Евхаристија, т.е. Благодарење на Црквата. Учеството во Литургијата на Црквата е постојано и повторено благодатно учество во целокупниот Божји Домострој на нашето спасение – кој само еднаш се случи за нас.

Ние сме сите повикани да бидеме царско и есхатолошко свештенство, а тоа значи токму: „самите себе, еден со друг и целиот наш живот на Христос Бог да Му го предадеме“.

Затоа, без да го очистиме срцето од страстите и без тоа да се отвори, а несоздадената благодат Божја да се пројави од него и молитвено да го соедини нашиот ум со неговата суштина таму, како и со Бог, нам нема да ни биде дозволен суштински пристап до Божјиот Домострој на спасението – и во нас и во Литургијата на Црквата, и ние не ќе можеме „самите себеси, еден со друг и целиот наш живот на Христос Бог да Му го предадеме“.

Со други зборови, ако нашиот ум не може да излезе молитвено пред олтарот на нашето срце – пред Бог, и таму да ги возглави сите кои се таму собрани, ние сме очигледно лишени од внатрешното, есхатолошко и царско свештенство, од „свадбената облека“.

А внатрешното, царско и есхатолошко свештенство е основа и за свештенството како света Тајна на Црквата, како дар да се возглавува Евхаристијата на Црквата – Литургиската заедница.

Јасно ни е дека само исцелен човек може „самиот себеси“ и сѐ она друго што набројавме: „еден со друг и целиот свој живот“ на Христос Бог да Му го предаде. А исцелен е оној кој го надминал расцепот и поделеноста помеѓу енергијата на својот ум и суштината на својот ум во срцето, оној што го очистил своето срце од страстите. Дарот на умно-срдечната молитва е потврда за нашата доволна целовитост – исцеленост.

Пресвета Богородице, спаси нас!

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img