Почетна Коментар Во спомен на денот кога започнаа да се пишуваат нови страни во православната црковна историја
Во спомен на денот кога започнаа да се пишуваат нови страни во православната црковна историја

Во спомен на денот кога започнаа да се пишуваат нови страни во православната црковна историја

777
0

Велат дека историјата не е само нешто што се случило некогаш, туку таа е пред сé патоказ од минатото кој треба да им биде од полза на современите патници низ сегашноста.

Кога станува збор за МПЦ-ОА, таквиот меѓник несомнено е одлуката на Вселенската патријаршија од 9 мај 2022 година за наше примање во канонско единство. Имено, на овој ден пред една година во попладневните часови, токму тогаш кога сметавме дека е испишана хронологијата на дневните настани, јавноста со воодушевување ја прими историската вест за која копнееа генерации православни христијани.

Настаните што потоа следуваа претставуваа убава последица на овој историски „ветер во едра“ на нас, наследниците на славната Охридска архиепископија.

После долги децении на застој, нашата црква и нејзините верници станаа рамноправен дел од поредокот на едната света, соборна и апостолска црква како и сите други цркви и верници, а кој е возглавен од страна на првопрестолната патријаршија. Затоа денес со уште поголема увереност велиме дека оваа несомнено позитивна вест е на слично рамниште со други достигнувања, како на пример со прогласувањето на независноста на Република Македонија. Имено, она што беше 8 септември 1991та за граѓаните, тоа е 9 мај 2022та за верниците на денешната наследничка на древната Охридска архиепископија.

Потегот на Вселенската патријаршија со примањето на МПЦ-ОА во канонско единство е и силен влог во насока на натамошно зајакнување на темелите на државата. Личноста на патријархот Вартоломеј, пак, како и неговото наследство управувајќи ја Црквата повеќе од три децении, претставува голем благослов за сите нас бидејќи оваа генерација православни христијани го сведочат чинот на вклучувањето на наследничката на древната Охридска архиепископија во заедница со останатите православни цркви. Имајќи го во пред вид споменатото, особено е важно Синодот да продолжи да опстојува на оваа исправна траекторија од 9 мај 2022 година која продолжи на 12 јуни 2022 година кога беше одржана заедничката богослужба во Константинопол на Архиепископот Стефан и Вселенскиот Патријарх Вартоломеј на која за прв пат го слушнавме и македонскиот јазик. На тој – сега веќе историски мај за државата и православните верници – мостовите на соработка со Вселенската патријаршија на општа радост беа обновени и тие секојдневно преку заедничките сослужувања, посети и контакти се зајакнуваат и се надоградуваат за добро на целата православна екумена.

Доколку ваквата динамика продолжи со сличен интензитет верувам дека е многу блиску денот кога ќе го посведочиме и тој за нас многу важен ден – кога Вселенскиот Патријарх Вартоломеј во рамките на неговата прва, историска посета на нашата држава, ќе ѝ го додели томосот за афтокефалност на современата наследничка на славната Охридска архиепископија.

Нека е за многу години.

Пишува: проф. Александар Спасеновски

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *