Во последните денови, во јавниот простор повторно се пласираат тврдења и толкувања од митрополитот Преспанско-пелагониски Петар поврзани со црковниот имот, устројството на црковните општини и состојбите во Австралија. Бидејќи станува збор за прашања што директно го засегаат верниот народ, црковната соборност и иднината на македонските православни заедници во дијаспората, во оваа анализа укажуваме на неколку суштински факти и принципи кои често намерно или ненамерно се изоставуваат од јавните настапи, во кои неправедно се напаѓаат оние кои со децении ги граделе и чувале и ги чуваат македонските православни храмови во Австралија.
/М.Г.
Во православната еклисиологија, Црквата не е приватна институција на еден човек, па дури и тој човек да е епископ. Таа е Тело Христово, заедница на верниот народ, свештенството и епископатот околу Светата Евхаристија. Затоа и црковниот имот не може да биде личен имот на епископот или на име на епископот. Храмовите, манастирите, земјиштето, прилозите и даровите се принесени на Бога и осветени за црковна употреба. Тие не му припаѓаат на поединец или поединци, туку на целата Црква и црковна заедница. Епископот е само прв меѓу еднаквите во тоа чување на народното добро.
Светите Отци често предупредувале дека љубовта кон имотот е опасност за свештенослужителите. Свети Јован Златоуст пишува дека епископот треба да живее „како човек кој ништо нема“, за да не стане роб на земното. Слично и Свети Василиј Велики учи дека црковните добра се „имот на сиромасите“, а не богатство за лично уживање на клирот.
Токму затоа каноните на Вселенските и Помесните собори строго ги осудуваат епископите или игумените кои се обидуваат да присвојуваат, продаваат или незаконски да располагаат со црковниот имот. VII Вселенски Собор во својот 12 канон гледа на таквото однесување како на злоупотреба на светото и како нарушување на црковниот поредок. Црковниот имот не е средство за власт, туку одговорност пред Бога.
Во својата суштина, православниот епископ е повикан да биде икона на Христа – Добриот Пастир, Кој „немаше каде глава да потслони“. Затоа, колку е повисока службата, толку поголемо треба да биде смирението и оддалеченоста од духот на сопствеништвото. Епископот може да го советува верниот народ и избраните одбори од страна на локалната црковна заедница во христијански дух да располагаат заеднички со црковниот имот заради поредокот и мисијата на Црквата, но во никој случај не може да го смета за свој и само тој и неколку луѓе во таканаречениот траст модел да носат одлуки за истиот, исклучувајќи го народот кој ја изградил и чува црковната заедница од која и самиот епископ го црпи својот кредибилитет. Тој е црковнослужител – слуга, а не господар.
Оттаму, православното канонско предание јасно сведочи: монахот, а особено епископот како монах и пастир, нема право на лично директно и индиректно преку разни световни модели да присвојува црковниот имот, бидејќи сè што има Црквата му припаѓа на Бога и е дадено за спасение на народот Божји.
За да ја разберете суштината на имотните прашања треба најнапред да знаете дека македонското правно поимање и законска регулатива и австралиската се сосема различни во однос на Црквата. Македонскиот модел не се поклопува со австралискиот модел и затоа се јавува потребата македонските храмови да се регистрираат согласно австралиските понудени законски модели. Оттука, суштинската разлика е што во Македонија црковниот имот најчесто се поима како директен имот на Црквата преку епархиите, додека во Австралија, поради различниот правен систем, храмовите и црковните општини мора да бидат врзани за локални правни ентитети — corporation, trust, или non-profit company — кои државата ги признава како формални носители на имотот.
Така, храмовите духовно и канонски остануваат дел од Македонска Православна Црква – Охридска Архиепископија, но нивната правна сопственост и управување се остваруваат единствено преку австралиски правни структури (corporation, trust, или non-profit company). Фактот што пред австралиските власти храмовите и црковниот имот се регистрирани преку company, incorporated association, trust или друга правна форма, претставува правна нужност согласно законите на Австралија. Тоа е административен механизам преку кој Црквата може да поседува имот, да функционира и да биде правно признаена во државниот поредок.
Сите македонски православни храмови во Австралија остануваат под духовна и канонска јурисдикција на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, без оглед на конкретниот правен модел преку кој се регистрирани. Токму затоа, т.н. trust модел не смее да се апсолутизира како единствено или „повозвишено“ решение. И тој модел, како и секоја друга световна правна конструкција, има свои слабости и опасности. Особено ако управувањето се концентрира во рацете на мал број луѓе, без вистинска соборност, отчетност и учество на црковниот народ кој ги изградил и одржува храмовите. Сега доаѓаме до клучното прашање што од овие правни модели е подобро?
– Православната традиција не познава концепт според кој Црквата се сведува на доверителен или старателен систем управуван од тесен круг лица. Напротив, канонското предание постојано нагласува рамнотежа помеѓу епископот, свештенството и верниот народ. Црковниот имот постои за мисијата на Црквата, за богослужението, за спасението на народот и за сведоштвото на верата — а не како инструмент за апсолутна контрола или корпоративно владеење. Затоа, суштината не е во името на правниот модел, туку во тоа дали тој модел ја зачувува православната соборност, духовната припадност кон МПЦ-ОА и правото на верниот народ да остане жив и активен дел од својата Црква.
Во суштина, ако подетално се анализираат двата модели, може да се забележи дека моделот на непрофитни црковни организации и локални црковни општини во многу аспекти е поблизок до православниот принцип на соборност отколку централизираниот trust модел. Кај моделот на непрофитни организации (incorporated associations или companies limited by guarantee), црковната општина има свое членство, свој црковен одбор, собрание и механизми на внатрешна отчетност. Верниот народ, кој со генерации ги градел храмовите, останува жив и активен чинител во зачувувањето и управувањето со црковната заедница. Затоа многумина во Австралија сметаат дека моделот на непрофитни црковни организации, каде црковната општина преку својот одбор и членство активно го чува храмот и имотот, е поприроден за православната традиција во дијаспората отколку модел во кој доверителството се сведува на мал број лица со широка и понекогаш неконтролирана моќ.
Треба да се знае и тоа дека австралискиот правен систем е подеднаков за сите цркви. Сите православни цркви во Австралија мора да користат некаква правна форма што ја дозволува австралиското законодавство: incorporated associations, companies, trusts и други модели. Тоа не е специфично само за МПЦ-ОА.
Но, исто така е точно дека не сите православни јурисдикции го користат trust моделот како единствено решение. Многу цркви функционираат преку локални непрофитни црковни општини и асоцијации, каде верниот народ преку црковните одбори има активно учество во црковниот живот.
Исто така, треба објективно да се каже дека вакви длабоки и долготрајни конфликти од сегашниот обем во Австралија немаше пред доаѓањето на митрополитот Петар. Напротив, токму во неговиот период започнаа сериозните поделби, судири и правни конфронтации, а за жал тој и денес постојано преку медиумите отвора и распалува нови тензии. И сами треба да заклучите од говорите на поранешниот администратор дека и во Австралиско-новозеландската ни половина од храмовите во реалноста не го прифаќаат доверителството како модел, иако цели 30 години веќе им се пропагира и наметнува без некоја посебна сфатлива причина. Ваквиот траст модел не го пропагирале неговите претходници блаженоупокоените Кирил и Тимотеј. Блаженоупокоениот Архиепископ Охридски и Македонски Доситеј, во текот на својата последна визитација во Австралија, далечната 1978, во своите обраќања тогаш кон верниците во Австралија, во повеќе наврати им рекол: „Нас не ни требаат имотите, тие се ваши, нас ни требате вие како наши верници и чеда македонски“. Повеќе од ова е излишно веќе да се кажува за паметните и за оние кои ја љубат вистината, бидејќи духовната јуриздикција на МПЦ во Австралија никој пат не била проблем.

