Вие сте светлина на светот

Date:

Share post:

„Вие сте светлината на светот. Не може да се сокрие град, што се наоѓа на врв планина. Ниту, пак, светило се пали и клава под поклоп, туку на свеќник и им свети на сите в куќи. Така треба да свети пред луѓето и вашата светлина, за да ги видат вашите добри дела и да Го прослават вашиот Отец небесен“.

Пишува: Митрополит Струмички Наум

Нашата светлина ќе засвети пред луѓето, само ако ние ја активираме истата во нас. Несоздадената Божја светлина е вложена во нас од моментот на нашето Крштение; откако ние ќе го очистиме нашето срце од страстите, таа ќе се пројави однатре и ќе нѐ преобрази – дотолку, што луѓето секако ќе ја забележат; и во нашето присуство, и во нашето слово, и во нашите дела, па дури и од далеку – со самото наше постоење и молитва. Но, таа не ни е дадена за наша слава, туку да се прослави нашиот небесен Отец.

„Немојте да мислите дека сум дошол да го поништам Законот или Пророците; не сум дошол да ги поништам, туку да ги исполнам. Зашто, вистина, ви велам: дури постојат небото и земјата ниту една јота или црта од Законот нема да се измени, додека не се исполни сè“.

Богочовекот Исус Христос, прво го исполни Стариот Завет (Закон), па потоа го смени, поточно – го надополни и восоврши со Новиот Завет (Закон); прво ги оствари пророштвата, па ги спаси и покажа вистинити и самите Пророци. Треба да се поучиме и ние од Неговото трисетгодишно смирение и послушание, та откако и самите поминеме низ процес на послушание и чистење на срцето од страстите – заедно со просветлувањето на умот, тогаш да си дозволиме да поучуваме, ако тоа ни го овозможува и местото (служењето) што го имаме во Црквата.

„Оној што ќе наруши една од тие најмали заповеди и така ги научи луѓето, најмал ќе се нарече во царството небесно; а оној што ќе ги исполни и поучи, тој голем ќе се нарече во царството небесно“.

Оној што нема да достигне просветлување на умот, чистејќи си го срцето од страстите и активирајќи ја несоздадената Божја благодат од него, нема да ја разбере суштината на заповедите, туку само нивната форма; и држејќи се слепо до формата ќе ја промаши суштината – што е љубов кон секој човек, за негово спасение; ќе ги повредува луѓето и ќе направи голема штета за која ќе одговара. И обратно: а оној што ќе ги исполни заповедите и ги поучи луѓето – како да се спасат, тој голем ќе се нарече во царството небесно. Такви се и нашите рамноапостолни браќа Методиј и Кирил кои го ширеле христијанството во централна Европа на домороден јазик.

P.S. Правилно е да се кажува дека денес ги празнуваме светите Методиј и Кирил. Свети Методиј бил епископ, а свети Кирил обичен монах, а во Црквата си постои ред кој прв се спомнува. Покрај тоа, именувањето Кирил и Методиј е дел од агендата на неуролингвистичко програмирање кое, за жал, подразбира некакво доаѓање на некакви неписмени словени во шестиот век, преку реката Дунав со цевчиња од трска, кои – како странци, го населуваат Балканот и требало да се описменат и покрстат – што нема никаква врска со материјалните докази, т.е. со вистината. А како е точно – истражувајте!

Светите Методиј и Кирил се рамноапостолни просветители на народот од централна Европа, ама, пред сѐ во духовна смисла – затоа што, самите се просветиле, а потоа и ги учеле луѓето – како да си го очистат срцето, како да ја активираат благодатта на Крштението од него и како молитвено да си го просветлат умот. Просветлениот ум е заштита од секоја лага и сигурен водич до Вистината. И кога пишувам, ретко, и за овие работи, не пишувам од не знам каков и чиј интерес, туку од сознанието дека секоја лага или прелест, прифатена во умот, е пречка за богопознание – што ми е и должност.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img