Почетна Вести ВАРТОЛОМЕЈ: 2017 да биде година на заштита на правата и неповредливоста на децата
ВАРТОЛОМЕЈ: 2017 да биде година на заштита на правата и неповредливоста на децата

ВАРТОЛОМЕЈ: 2017 да биде година на заштита на правата и неповредливоста на децата

186
0

Божикно послание на Константинополскиот Патријарх Вартоломеј

по милоста Божја Архиепископ Константинополски
на Новиот Рим и Вселенски Патријарх
до сета полнота на Црквата
благодат, милост и мир
од родениот во Витлеем Спасител Христос

„Христовото, пак, воплотување
е мое повторно создавање.“

Возљубени браќа и чеда во Господа најмили,

Го воспеваме и прославуваме во Троица Бога, Кој нѐ удостои и годинава да стасаме до големиот празник на раѓањето по тело на Синот и Словото на Бога Отецот во „малиот Витлеем“.

Празнува исполнета со радост светата Црква, која Христос воплотениот, откако зеде тело, ја направи неа „украс на светот“. Игра поради божествените благослови не само целиот човечки род, но и „сета твар“.  „Денес сѐ се исполнува со радост, зашто Христос се роди од Дева“.

Спротивно на „неподвижниот двигател“ од древните философи, нашиот Бог е Сам по Себе општење на љубов и се движи во времето кон човекот и кон светот. „Во ова се состои љубовта, зашто не ние Го возљубивме Бога, но Он нѐ возљуби нас“.

Предвечното Слово на Отецот, кое му го даде на човекот „битот“, сега преку Своето воплотување му ја дава „добробитта“. „Ова е нашето славје, ова го празнуваме денес, доаѓањето Божјо при луѓето, за ние кон Бога да појдеме, односно да се вратиме…, за отфрлајќи го стариот човек, во новиот да се облечеме, и како што умревме во Адама, така во Христа да живееме, со Христа сродени и сораспнати и сопогребани и совоскреснати“. На секој човек кој доаѓа во светот веќе му е отворен патот кон обожувањето по милост. Сите сме „богоприемливи“. „Зашто нема ниту Јудеец, ниту Елин, ниту роб, ниту слободен, нема машки пол, ни женски, зашто сите вие сте едно во Христа Исуса“.

За жал, Евангелието на Христовото Рождество се проповеда повторно во еден свет каде што одекнува ѕвечкањето на оружјата, каде што се спроведува непоттикнато насилие врз единки и народи, каде што господари нееднаквоста и општествената неправда. Неподнослива е состојбата во која се наоѓаат безброј деца, жртви на воените судири, вонредни состојби, најразлични злоупотреби, прогони и предрасуди, глад, бедотија и болни лишувања.

Во текот на минатиот април имавме можност, заедно со Сесветиот Папа Римски Франциск и Блажениот Архиепископ Атински и на цела Елада, Јероним, во Лезбос да се увериме со сопствени очи за перипетиите на бегалците и мигрантите, а особено за острите проблеми на изнамачените деца, невините и незаштитени жртви на военото насилство, на расната и верска дискриминација и неправда, чијшто број постојано расте.

Празникот на Словото Божјо Кое заради нас станува Младенец, Детето Христос, чија погибел ја бара светската власт, согласно со Евангелистот Матеј, е потсетување и повик да се погрижиме за децата, да ги заштитиме овие ранливи жртви и да ја почитуваме свештеноста на детската возраст.

Секако, децата и нивните кршливи души се под закана и во земјите на економски развиениот и политички постабилниот свет, од големата криза на бракот и семејството, од разнообразните вмешателства и од спроведувањето на телесно и душевно насилство. Детската душа се изобличува од потрошувачкото влијание на електронските средства, а особено од телевизијата и интернетот во нивниот живот и од темелната промена на општествената околина. Незадржливата економија уште од рана возраст ги претвора во потрошувачи и потрагата по уживање пребрзо ја уништува детската невиност.

Во пресрет на нивната опасност, Светиот и велик собор на Православната Црква, обраќајќи се со „особена љубов и грижа“ за децата и младите, во своето Окружно послание ги наведува следниве зборови: „Среде разногласието на взаемно спротивставените дефиниции за идентитетот на детската возраст, нашата најсвета Црква ги предлага Господовите зборови: ‘доколку не се обратите и не бидете како деца, нема да влезете во Царството Небесно’ и ‘кој нема да го прими Царството Божјо како дете, нема да влезе во него’, како и сѐ она што нашиот Спасител го кажува за оние, кои им ‘забрануваат’ на децата да Му се приближат и за оние кои ‘ги соблазнуваат’“.

Тајната на Рождеството Христово се збива во зборовите на празничниот кондак: „зашто заради нас се роди Дете младо, предвечниот Бог“. Бог Словото како дете и детето како Бог се открива на луѓето со „чисто срце“ и детска едноставност. Децата ги разбираат вистините кои „мудрите и разумните“ не успеваат да ги сфатат. „Од деца единствено ќе изградиш Ерусалим“, забележува Елитис во поемата „Од ближниот“.

Браќа и чеда во Господа,

Се обраќаме со повик кон сите, да го почитуваат идентитетот и свештеноста на детската возраст. Воочи сесветската бегалска криза, која најмногу ги допира правата на децата, воочи бичот на детската смртност, гладта, детската работа, телесните злоставувања и психолошкото насилство, но и од опасноста за изобличување на детската душа поради нивното неконтролирано изложување и влијание од современите електронски средства за комуникација и нивното потчинување на потрошуваштвото, ја објавуваме 2017 за година на заштита на свештеноста на детската возраст, повикувајќи ги сите да ги признаат и да ги почитуваат правата и неповредливоста на децата.

Како што се нагласува во друг, значаен текст на Светиот и велик собор, „Црквата Христова, со своето слово, не гледа пред сѐ ‘да го суди и осудува светот’, но да му го принесе како водич Евангелието на Царството Божјо, надежта и увереноста дека злото, под било каков вид, го нема последниот збор во историјата и не треба да биде оставено да го следи својот пат“.

VASELJENSKI PATRIJARH VARTOLOMEJПоклонувајќи Му се со смирение и умиление на нашиот Спасител, Кој нѐ посети од висините и воспевајќи го со набожни песни величието на Божјиот домострој за нас, ги преклонуваме колената пред Пресвета Богородица што во рацете Го носи Детето Исус, и од недремливиот Фанар го упатуваме празничниот поздрав: „Христос се раѓа – славете, Христос од небесата – пресретнете Го“, кон далечните и блиски чеда на Константинополската Црква и ги испраќаме кон нив татковските пожеланија и нашиот патријаршиски благослов.

„Засилени со благодатта во Христа Исуса“, сите заедно да се бориме со еднодушност, вера и нелицемерна љубов, во борбата за новиот живот во Црквата, пазејќи сè што ни заповеда Господ, Кој е со нас „во сите денови, до свршетокот на векот“.

превод: Биггорски

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *