Почетна Интервју ТИМОТЕЈ: Од Вселенската патријаршија ја очекуваме крајната цел – Цариград да го издаде томосот на МПЦ-ОА !
ТИМОТЕЈ: Од Вселенската патријаршија ја очекуваме крајната цел – Цариград да го издаде томосот на МПЦ-ОА !

ТИМОТЕЈ: Од Вселенската патријаршија ја очекуваме крајната цел – Цариград да го издаде томосот на МПЦ-ОА !

309
1

Нашата света црква не ги прекратува разговорите со Вселенската патријаршија за изнаоѓање на решение за издавање на томос и од Цариград, со што целосно ќе се заокружи решавањето на автокефалниот статус на МПЦ-ОА, вели во велигденското интервју, за весникот ВЕЧЕР, митрополитот на Дебарско-кичевската епрахија и портпарол на Светиот архиерејски синод на МПЦ-ОА, на прашањето во врска со процесот за признавање на афтокефалноста.

Потврди дека разговорите се малку успорени, но не и прекинати и се надева дека во иднина ќе бидат интензивирани. Во врска со пораката од Цариград што неодамна ја донесе лично најблискиот соработник на вселенскиот патријарх, дека томосот што го добивме од СПЦ е лажен, категорично упатува митрополитот Кирил тоа треба да им го објасни на сите цркви кои го признаа. „Ако овие цркви прифаќаат лажни томоси, тогаш можеме да разговараме и размислуваме за такви квалификации“, вели владиката Тимотеј. Негов велигденски благослов до верниците е: „Христос да воскресне во сечија душа и да изгони секаков мрак и темнина. Во сите нас да засвети радоста и љубовта на Воскресението, сега и во сета вечност. Сите Вас Ве поздравувам со древниот поздрав: Христос воскресе!“

И искушенијата на МПЦ-ОА не запираат. На Третата недела од Великиот пост бевте домаќин на најблискиот соработник на Вселенскиот патријарх, Митрополитот Кирил, со кого имавте и заедничка богослужба. Но, оваа посета на високиот гостин, наместо светлина фрли сенка, откако преку еден македонски медиум имаше неколку пораки меѓу кои и тоа дека МПЦ-ОА од СПЦ доби лажен томос кој е срам за Црквата. Што лично Вам Ви рече и дополнително, како македонските владици реагираат на овие пораки?

ТИМОТЕЈ: Искушенијата се составен дел од животот на секој човек, па следствено и во рамките на МПЦ-ОА. Црквата ја раководи Светиот Дух, а ние, архијереите и останатите чинители во Црквата, сме помошници преку кои дејствува благодатта Божја. Преку таа благодат се поминуваат сите препреки и искушенија што доаѓаат независно од нашата желба и волја. Што се однесува, пак, до ставовите на митрополитот на Имврос и Тенедос г. Кирил, можеме да кажеме дека тоа се ставови на Вселенската патријаршија што не се нови. А за неговата формулација дека томосот е лажен, можеме да кажеме дека подобро е тоа да им го објасни на оние цркви кои го признаа тој томос, како што се Српската православна црква, која и го издаде, Руската православна црква, Романската православна црква, Бугарската православна црква, Црквата од Чешка и Словачка. Ако овие цркви прифаќаат лажни томоси, тогаш можеме да разговараме и размислуваме за такви квалификации. Но, колку што нам ни е познато, според одлуката на последната конференција во Шамбези за тоа како да се доделува автокефалност, јасно и гласно се вели дека онаа црква од која се одделува еден дел треба да даде согласност и да издаде томос. Потоа треба да ги информира останатите православни цркви истиот да го прифатат, а најпосле Цариградскиот Патријарх заедно со оној кој го издал томосот да излезат со заеднички потпис, повторно во согласност со останатите православни цркви. Овој принцип Цариград очигледно не го почитува, повикувајќи се на тоа дека прашањето за автокефалност не било на дневен ред на соборот во Крит. Меѓутоа, прашањето за автокефалноста не е расправано со векови, што не значи дека некој треба да чека нови вселенски собори. Ова е уште појасно ако се знае дека во XIX век најголем дел од црквите се прогласени за автокефални без никакви собори туку во согласност со црквата од каде што се одделиле, а Цариград, пак, им издал томос. Нашата света црква не ги прекратува разговорите со Вселенската патријаршија за изнаоѓање на решение за издавање на томос и од Цариград, а со што целосно ќе се заокружи решавањето на автокефалниот статус на МПЦ-ОА.

Вселенскиот владика го користи името Црква на Охрид, но недвосмислено користи и изговара името Охридска архиепископија? Ни се наметнува ли ново име на црквата?

ТИМОТЕЈ: По однос на прашањето за името на нашата света црква, Македонската православна црква – Охридска архиепископија го следи примерот на останатите православни цркви коишто се формирани во поново време, како што се: Српската, Бугарската, Албанската, Чешката и Словачката, но, истовремено, го користи и еклисолошкото или црковното име, а тоа е Охридска архиепископија. На ваков начин го користат црквите што се од најраните времиња, оние петте најстари патријаршии, или т.н. пентархијата. Според тоа, Охридска архиепископија е име што треба да се респектира, бидејќи со тоа име добиваме и десетвековна реална историја, а секој што барем и малку се разбира од историја, треба да биде горд на ова, а не да се вознемирува поради истото.

Има ли притисоци од Фанар за МПЦ-ОА ја признае Православната црква во Украина, а за возврат да го добие долгоочекуваниот томос?

ТИМОТЕЈ: Како што кажавме, разговорите со Вселенската патријаршија не се прекратени, иако се малку успорени, но се одвиваат, и се надеваме дека во иднина тие ќе бидат интензивирани, а со цел да се дојде до разумно решение за постигнување на крајната цел, а тоа е и Цариград да издаде томос на МПЦ-ОА. Во овој момент не можеме да тврдиме кога ќе се случи тоа. Истовремено, се надеваме дека и прашањето со Украинската православна црква во скоро време ќе биде разрешено, а најпрво и со престанувањето на војната во Украина.

Што, според Вас, е потребно за МПЦ-ОА да влезе рамноправно во семејството на целата православна икумена?

ТИМОТЕЈ: Сметаме дека ова прашање е одговорено во претходните одговори, но ние и со томос од Цариград и без него сме во екумената на православните цркви, бидејќи можеме да сослужуваме со останатите православни цркви, без оглед на тоа дали нѐ признаваат како автокефални или не. Најважно е сослужувањето и заедничкото учество со останатите православни цркви во светиот Путир, во светото Тело и Крв Христови.

Колку се вистина гласините дека во Синодот, особено по интегрирањето на ПОА во редовите на МПЦ-ОА, има несогласувања?

ТИМОТЕЈ: Не знаеме од каде Ви се ваквите информации, но тие се апсолутно неточни. Синодот работи во два состава: во мал работен состав и во пленарен. Досега сме имале две пленарни седници, и кај ниеден архијереј од поранешната ПОА не сум забележал дека има поинакви ставови и размислувања од официјалните ставови на МПЦ-ОА, како помеѓу својата паства така и во јавноста. Но, и Синодот го сочинуваат луѓе, па според тоа, од толкав број луѓе нормално е да има и поединци кои размислуваат поинаку. Но, тоа не е ништо ново, и секој има право да мисли, размислува и да заклучува. Одлуките во САС на МПЦ-ОА се носат или со мнозинство или едногласно, и тие се задолжителни за секој еден од нас и за оние за кои се однесуваат.

Цеалото интервју на ВЕЧЕРПРЕС

 

Коментар(1)

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *