Светскиот совет на црквите во Киев: Руската агресија е незаконска, неморална и целосно неприфатлива

Date:

Share post:

Делегација на Светскиот совет на црквите (ССЦ), предводена од генералниот секретар пастор Џери Пилеј, за време на посетата на Киев остро ја осуди руската воена агресија врз Украина, оценувајќи ја како „незаконска, неморална и целосно неприфатлива“.

На средбата со членовите на Сеукраинскиот совет на црквите и верските организации, со која претседава митрополитот Киевски и на сета Украина Епифаниј, претставниците на ССЦ порачаа дека ќе продолжат да му даваат поддршка на украинскиот народ и да придонесуваат за ширење на точни и веродостојни информации за состојбата во земјата.

Во разговорите, митрополитот Епифаниј ги информирал гостите за последиците од руската вооружена агресија, укажувајќи на жртвите меѓу цивилното население, меѓу кои и деца, како и на големите оштетувања на православни храмови и други верски објекти. Посебно бил споменат рускиот напад врз Соборниот храм „Успение на Пресвета Богородица“ во Киево-Печерската лавра.

И покрај воените разурнувања, митрополитот Епифаниј нагласил дека украинскиот народ останува цврст во одбраната на својата слобода и независност и ја повикал меѓународната заедница да продолжи со поддршката за Украина. Тој му се заблагодарил на Светскиот совет на црквите за, како што истакнал, неговата доследна позиција во поддршка на украинскиот народ.

Посетата на делегацијата се совпадна со одбележувањето на 30-годишнината од основањето на Сеукраинскиот совет на црквите и верските организации, кој обединува различни христијански цркви и верски заедници во Украина.

Генералниот секретар на Светскиот совет на црквите, Џери Пилеј, изјави дека присуството на делегацијата во Киев претставува израз на солидарност со украинскиот народ и ја истакна важноста на меѓурелигиската соработка во помошта за жртвите од војната.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img