По повод Меѓународниот ден на човековите права, Светскиот совет на црквите (ССЦ) упатиl силен повик за обновена поддршка и ангажман на црквите и верските заедници ширум светот во одбрана на меѓународното право за човекови права. Од ССЦ потсетуваат дека Советот имал директен придонес во изработката на Универзалната декларација за човекови права и дека со децении човековите права се меѓу клучните приоритети на неговото делување.
Според Питер Проув, претставник на ССЦ, одбележувањето на Денот на човековите права годинава има особено значење за икуменското движење, бидејќи се совпаѓа со 100-годишнината од Светската христијанска конференција за животот и трудот, одржана во Стокхолм во 1925 година. На таа конференција, како што потсетилПроув, претставници на различни христијански цркви ја препознале потребата од заедничка работа за создавање систем на меѓународно право кој ќе го штити човечкото достоинство и ќе ги заштити најранливите од злоупотребите на моќните.
Тој нагласил дека токму врз тие темели се изградени сто години икуменска работа за човекови права и правда. Во актуелниот глобален контекст, Проув предупредил дека сè почесто се забележуваат и допуштаат сериозни прекршувања на човековите права, додека почитувањето на меѓународното право и посветеноста на мултилатералната соработка се во опаѓање. Поради тоа, според него, системот на меѓународно право за човекови права, за кој икуменското движење со децении се залагало, денес повеќе од кога било има потреба од јасна, обновена и заедничка поддршка од црквите и верските заедници низ целиот свет.

