Пред точно 35 години, на 10 септември 1991 година, само два дена по референдумот на кој граѓаните на Македонија се изјаснија за независна и самостојна држава, Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква донел одлука поврзана со моштите на свети Климент Охридски.
Историскиот документ денеска го објави свештеникот од Дебарско-кичевската епархија, Александар Димоски, потсетувајќи на настаните од есента 1991 година, кога моштите на свети Климент Охридски биле однесени на поклоничко патување низ Македонија.
Од 22 септември до 6 октомври 1991 година, моштите на свети Климент ги посетиле поголемите градови во Македонија. На 6 октомври биле вратени во храмот „Пресвета Богородица Перивлепта“ во Охрид, кој по повеќегодишна пауза повторно бил осветен и вратен во богослужбена употреба.
Димоски во својата објава ја нагласува симболиката на одлуката на Синодот, донесена во период кога Македонија се наоѓала во исклучително чувствителен политички и безбедносен период.
Според него, Синодот со одлуката свети Климент да ги посети македонските градови сакал да му даде на народот духовна поткрепа во пресрет на создавањето на независната држава.
„Само на два дена после историскиот референдум за независност, Синодот трајно ја втемелува Црквата во основата на новата самостојна држава“, пишува Димоски.
Тој смета дека патувањето на моштите на свети Климент низ Македонија било особено значајно во момент кога државните институции сè уште се граделе, а иднината на земјата била неизвесна.
Во својата објава Димоски прави и поширока историска поврзаност меѓу овие настани и мирното повлекување на Југословенската народна армија од Македонија во пролетта 1992 година.
„Јас сметам дека тоа е причината поради која Југословенската народна армија без никаков инцидент ја напушта Македонија во пролетта 1992 година, а македонскиот народ извојува конечна самостојност со молитва и под закрила на свети Климента без загубени човечки животи“, наведува тој.
На моштите на свети Климент во тој период им се поклонило и тогашното државно раководство. Димоски ги издвојува претседателот Киро Глигоров и претседателот на Собранието Стојан Андов, кои во време на создавањето на независната македонска држава се поклониле пред моштите на охридскиот светител.
За свештеникот Димоски, токму овие настани се дел од историскиот контекст во кој треба да се гледа улогата на МПЦ во периодот на создавањето на современата македонска држава.
„Никој не може да ја негира улогата на МПЦ во формирањето на современата Македонска Република“, пишува Димоски.
Три и пол децении подоцна, тој отвора и прашање дали повторно е потребно моштите на свети Климент да ги посетат македонските градови.
„После 35 години сметам дека повторно дошло време свети Климент да излезе по градовите во Македонија и да го собере своето стадо“, порачува Димоски.

