Свештени лица шират непроверени информации за „потпишан документ“ меѓу Фанар и Рим: експертите предупредуваат на дезинформации

Date:

Share post:

Во изминатите два дена на социјалните мрежи се прошири објава објавена на Фејсбук од свештено лице во пензија, Никола Николески, познат на македонската црковна јавност по своите конспиративни ставови, во која тој тврди дека во Фанар (Истанбул) била „потпишана одлука за единство меѓу Црквите“ од страна на Вселенскиот патријарх Вартоломеј и папата Лав XIV. Објавата, за која реакции стигнаа и до нашата редакција, содржи силен јазик, повици за духовна готовност и директни обвинувања за „апостасија“ и „богохулство“.

Меѓутоа, ниту една од светските религиски и световни новински агенции — Vatican News, Orthodox Times, Associated Press, Reuters, Romfea, Kathimerini, па и нашиот портал, — не објавија информација за постоење на каков било документ, договор или акт за „унија“ меѓу Фанар и Рим. Сите обие релевантни медиуми објавија вест за потпишување на Декларација, чија што содржина веќе беше објавена и на Религија.мк од која јасно е читливо дека двајцата поглавари се залагаат за мир, за решавање на заемните пречки преку теолошки дијалог, во духот на тоа што „нè обединува, а кое е верата изразена во Никејскиот символ на верата“ итн.

Според досегашните проверени извештаи, посетата на папата Лав XIV во Турција беше посветена на комеморација на 1700-годишнината од Првиот Вселенски Собор во Никеја, на заеднички молитви и на повици за мир и меѓусебно разбирање. Ниту еден извор не споменува административно, литургиско или догматско обединување.

Теолозите: „Таков документ не може да постои без синодска одлука“

Православните богослови истакнуваат дека секоја форма на обединување меѓу православни и римокатолици би барала одлуки на Синодите на сите Помесни Православни Цркви, јавно разгледување на текстови, официјални соопштенија согласност на верниот народ. „Потпишување унија зад затворени врати е во пракса и канонски невозможно, практично однапред е осудена на отфрлање и неприменливост“, велат експерти по канонско право. Од друга страна, ниту еден собор на епископи, на ниту една Помесна Црква, ниту кој било епископ не го осуди чинот на потпишување на Декларацијата или посочи дека се потпишала некаква нова „Унија со Ватикан“.

Проблемот со дезинформациите во религиски контекст

Објавите како оваа често кружат околу значајни меѓухристијански настани, и најчесто предизвикуваат страв, создаваат недоверба, поларизираат верници и шират паника без фактичка основа. Оваа појава не е нова. Експертите забележуваат дека секогаш кога Папата и Вселенскиот патријарх се среќаваат, по интернет се појавуваат реакции кои тврдат за „измама“, „унија“, „предавство“, „ерес“, „апостасија“, иако такви настани реално не се случуваат.

Историски пример: кога навистина беше потпишан православно-католички документ

За разлика од ваквите непроверени тврдења, постои јасен и документиран случај кога и во друг случај православен патријарх и римски папа потпишале заедничка декларација, но тогаш реакциите од ваков и сличен обем изостанаа, што укажува на потеклото на „осудите“ кога Фанар или некој друг прави некоја иницијатива со католиците.

На 12 февруари 2016 година, во Хавана, Куба, Патријархот Кирил Московски и папата Франциск потпишаа декларација од 30 точки. Документот се однесуваше на: прогонуваните христијани, семејните вредности, глобалните конфликти, повик за заемно почитување итн. Тоа беше прва историска средба меѓу Рим и Москва, и единствениот современ пример на официјално потпишан текст. Оваа декларацијата не значеше унија, туку заеднички ставови по општествени прашања. Беше забележан само еден парадоксот во оваа ситуација, а тоа е потребата на Москва да потпишува вакви општи документи со Ватикан. Веројатно, свештениците со вакви и слични ставови на крајот ќе останат да не сослужуваат со никого, ни со своите, ни со помесните браќа, како чувари на чистото православие, нели.

Медиумска одговорност и улогата на свештенството

Свештените лица имаат огромно влијание кога објавуваат ставови на социјалните мрежи. Затоа, црковните комуниколози потсетуваат дека религиските информации мора да бидат проверени од официјални извори, внимателно контекстуализирани, формулирани без непотребна драматизација и, секако, да не бидат изместување од официјалниот став на МПЦ. А Македонската Црква во многу наврати го потврдила и својот придонес во екуменскиот дијалог со Ватикан и посветеноста на процесот на воспоставување единство со сите христијани преку дијалог и наоѓање репенија за темите на разделување .

Објавата на отец Никола Николески на Фејсбук, со тврдења за „богоотстапници“ и „слуги на ѓаволот“, ја заменува реалната слика со драматичен и непроверен наратив, внесува збинетост, шири дезинформации и отстапува од ставовите на САС на МПЦ.

Заклучок: Фактите пред емоциите

И покрај онлајн-бурите и големите зборови, фактите остануваат недвосмислени: нема потпишана унија и нема одлука за обединување.

Настаните во Фанар се дел од дипломатски и духовни протоколи, не од догматски промени. Непроверените објави, особено кога доаѓаат од свештенички профили, лесно предизвикуваат паника и поделби.

Медиумската писменост станува неопходен штит — и за верниците, и за духовните пастири. За овие појави, воочени и во минатото преку изолираните настапи на некои свештеници кои гледаат опасност по верата во многу нешта, треба конечно да реагираат владиците на МПЦ. Ако се разбудат од зимскиот сон во кој од поодамна комотно се сместени, не сакајќи или немајќи интерес да забележат дека македонскиот духовен простор станува преподелен и конфузен, а полека, но сигурно некакви „старокалендарски“ и зилотски групи стануваат сѐ погласни. Ако се земе предвид фактот дека еден Македонец неодамна е хиротонисан за епископ од страна на старокалендарски „гох“ епископи, да не се чудат тогаш македонските владици ако еден ден ги осамне нов раскол и некаква Вистинска Македонската Православна Црква.

А.Т.

1 COMMENT

  1. Духовни протоколи? Жал ми е што го тргнавте видео записот со толкувањата на Митрополитот Крушевско-демирхисарски г. Јован на овие теми. Таму убаво се гледа како еден наивен православен богословски пристап може маестрално да ги поттикнува срцата на верните на патеки кои инаку се непристапни и тешки за нивното расудување, наведувајќи ги на помислата дека никаква опасност не ги демне таму, која за жал е невистинита. Зошто реков “маестрално”? Зашто како одличен ретор г. Јован во една реченица на неверојатно концизен начин ја објасни разликата меѓу православниот Символ на Верата и Филиокве. Но, безмалку се’ што кажа на полето на мистагогијата е токму држење за востановени протоколи. Да разграничиме: мистагогијата (знаењето за мистичната содржина и сила на Таинствата) е богословски најнепокриеното поле во православната теологија: од причина што малкутемина Светители кои имале полно откровение за тоа одлучиле тие знаења да ги задржат за себе (заради огромните злоупотреби кои би биле вршени со нивната сила од страна на свештенослужители со несовршен степен на очистеност на срцето од страстите) и да Му ја препуштат на Господ таа одлука – кому ќе му ја даде полната духовна власт на богослужењето во храмовите (а текстовите на многумина теолози, некои прогласени и за Светители, без конкретно откровение не се од речиси никаква помош). Меѓу другото, тоа го остави просторот за царското свештенство на совршените меѓу верниот народ со дарови кои по особена Божја Промисла би им дале рамносилна власт во отсуство на клирици со мистична ипостас од потребниот формат. За што конкретно зборуваме? Да речеме за тврдењето на г. Јован дека присуството на друговерни во храмот нема никакво влијание врз текот, силата и полнотата на Светата Литургија или на други богослужења (што е наивност, односно невистинито: тоа присуство на “гостинот”, кој воопшто не мора да е клирик со поинаква вероисповед, туку дури и само верник со друга вероисповед ја менува целата содржина на закваската што ја остварува конкретното богослужење и на локален и на глобален план). Митрополитот Јован го објаснува тоа со неможноста свештенослужителот во олтарот да знае кој се’ влегол и стои во храмот кој може да биде посетен од огромно мноштво луѓе (знаењето или незнаењето на свештенослужителот кој е присутен во храмот зависи од степенот на неговата просветленост: Св. Василиј Велики во текот на литургија со преполн храм без да се сврти накај народот во олтарот му шепна на својот ѓакон:”Оди во тој и тој агол, ќе видиш еден странец во сиромашна облека, повикај го да дојде во олтарот” , ова го знаеме од житието на Св. Василиј Велики кога бил посетен од Св. Ефрем Сириски, зар не?). Да не заборавиме и како Св. Јован Кронштадски се ползуваше со литургиските можности (една дигресија која е сепак на истата тема: тој побара да биде срушен неправославен храм и да биде изграден православен на неговот место при неговото населување со монахинки под негово духовно раководство, иако му се пожалиле дека пари за такво нешто немаат). Во првите векови на Црквата на покајниците наречени отпадници (луѓе кои не ги претрпеле прогонствата и се согласиле привремено да отстапат од верата за да не бидат убиени) со години не им било дозволено да влезат во храмот и да се молат заедно со останатиот верен народ, па и на останати категории на православни христијани со потешки повторени гревовни престапи сите со разновидни долготрајни епитимии. Св. Василиј Велики е исто така иницијатор за воведување на такви црковни канони (духовни протоколи?), не од причина што бил немилосрден секако, туку заради полното знаење/откровение за влијанието на нечие присуство во храмот за време на богослужењето, а камоли на заедничкото гласно молење. Заради слабоста на христијаните (случаи на самоубиства од очај) овие канони подоцна се укинати. Но факт е дека епитимиите немале чисто пастирска содржина во поглед на духовниот развој на секој поединечен верник. Св. Василиј Велики впрочем е врвен меѓу обелоденетите носители на дарот на мистагогија, барем тоа го открива неговото житие. Тежиштето на литургијата од извесен аспект (иако постојано се акцентира Светата Причест како нејзин најбитен, најсуштествен момент) е токму на личноста што ќе го изговори Символот на Верата и особено ‘Оче наш’. Затоа и е востановено во некои храмови сите присутни заеднички да ги изговараат овие текстови. Значи, релативизирања како и конфронтации во поглед на овие процеси на меѓуконфесионален дијалог имало, има и ќе има. Црквата не е мртва за да нема. Исцелувачката функција на Светите Тајни кон човекот и кон Созданието повикува на обврската таа да биде што подејствително остварена. Сликовито кажано: одличниот лекар го познава длабински организмот на човекот, тој ги знае ‘протоколите за лечење’ на конкретните болести, но има и опит со кој знае да се постави најавтентично во конкретната ситуација. А оној со помал опит ќе ги следи протоколите зададени од повисоко и нема да знае зошто за некои пациенти биле дури и погубни. И да не заборавиме: протоколите се привремени, а богатиот, содржаен, вистински богодаруван опит остава неуништлив егзистенцијален печат врз сета твар. Разликите меѓу Римокатолицизмот и Православието се толку големи (како стекнато наследство, веќе вткаено во живите организми на тие заедници), што не од маловерие туку од свеста дека секој човек е микрокосмос за себе, бараат огромна трезвеност при каков било дијалог. За Бог се’ е можно, но за луѓето, макар и верни, за огромните милијарди микрокосмоси секој со своја орбита, со поинаков полнеж на внатрешно и надворешно дејствување, колку ќе биде можно да воспостават единство какво што Бог побарал, а не какво што луѓето си проектираат во нивните глави (а Бог побарал “Да бидат едно како што Сме Ние Едно”, односно единство рамно на единството меѓу Личностите на Пресвета Троица) не знам дали е целисходно да истражуваме. Мислам дека слободата на таквото светотроично единство преку Божјата перихореза ја имаме и сега. Само со лично восовршување може да се достигне едно такво блаженство, а не со празни декрети и протоколи.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img