Случајот Никанор: Дали БПЦ се соочува со критиките или само со критичарот?

Date:

Share post:

Конфликтот околу архимандритот Никанор, игуменот на Црногорскиот манастир, и бугарскиот патријарх и софиски митрополит Даниил продолжува да предизвикува реакции во црковната заедница во БУгарија и во бугарското општеството. Порталот Hristianstvo.bg; пишува дека зад спорот меѓу одделни духовници и верници се наѕира поголемото прашање: дали се води суштинска расправа за темите што беа поставени или вниманието се насочува единствено кон начинот на кој тие биле изразени?

Повод за нов бран реакции беше обраќањето на свештеници и верници од Бугарската источноправославна епархија во САД, Канада и Австралија, кои ја изразија својата поддршка за патријархот Даниил и, слично како софиските свештеници, собираат потписи. Обраќањето е објавено на интернет-страницата на Бугарската патријаршија. Во него тие наведуваат дека го познаваат Неговото Светејшество уште од годините кога тој бил викарен епископ на епархијата и го опишуваат како архиереј кој покажувал смирение, молитвеност и грижа кон довереното му паство.

Потписниците на обраќањето ги оценуваат јавните изјави на архимандритот Никанор како излегување надвор од границите на дозволената црковна критика. Според нив, во неговите зборови има навредливи квалификации, недокажани тврдења и инсинуации кои го нарушуваат авторитетот на Бугарската православна црква и нејзиниот поглавар.

Сличен став изразија и дел од свештениците во Софиската епархија, кои исто така застанаа против позицијата на архимандритот Никанор.

-Но токму тука се поставува прашањето што го поставуваат и критичарите и поддржувачите на поширока општествена расправа: Дали е прочитана целосната изјава на архимандритот Никанор и дали е одговорено на сите теми што тој ги поставува?, пишува порталот.

Бидејќи неговото обраќање не се сведува само на одбивањето да присуствува на средба со патријархот Даниил или на личната критика кон него. Во својот текст архимандритот Никанор поставува низа прашања за кои смета дека ја засегаат улогата и моралниот авторитет на Бугарската православна црква.

Тој зборува за односот на Црквата кон војната во Украина и наведува дека, според неговото мислење, БПЦ не зазела доволно јасен став по ова прашање. Го поставува прашањето за поддршката кон украинските жртви на војната и дали Црквата направила доволно за прием и помош на украинските деца.

Архимандритот Никанор го поставува и прашањето за реакцијата при сигнали за можни сексуални злоупотреби врз деца, барајќи транспарентност и одговорност од страна на црковната институција.

Тој зборува и за улогата на Црквата во општеството – дали таа треба да биде фактор на помирување, сочувство и единство, како и дали одредени јавни дејствија и ставови на духовници придонесуваат за поделби.

Тој поставува прашања и за односот меѓу Црквата и политиката, за ставовите кон меѓународни теми и за тоа дали православието може да биде употребено во политички контекст.

Поставува прашања и за тоа дали одредени јавни настапи на црковни претставници придонесуваат кон поделби наместо кон единство и дали Црквата ја исполнува својата евангелска мисија во современото општество.

И токму тука се поставува прашањето до потписниците на декларациите во одбрана на патријархот Даниил, наведува hristianstvo.bg.

Дали тие се согласуваат и не потпишуваат само под поддршката кон патријархот како поглавар на Бугарската православна црква, туку и под сето она што, според архимандритот Никанор, е предмет на критика?

Дали се согласуваат и потпишуваат под следното:

– Црквата уште една година да остане безгласна пред лицето на руската агресија во Украина;

– Црквата за толку години војна да не примила и згрижила украински деца во своите манастири, каде што редовно се одржуваат летни кампови;

– луѓето кои покажале милосрдие кон украинските жртви на руската агресија на никаков начин да не бидат охрабрувани;

– Црквата да прикрива случаи на можни сексуални посегнувања врз деца;

– Црквата да не работи на консолидирање на општеството и на утврдување дух на толеранција, сочувство, трпение и љубов;

– клирици и претставници на Црквата да учествуваат во настани кои поттикнуваат омраза кон цели групи од општеството;

– Црквата да шири идеи кои се определуваат како поврзани со „рускиот свет“ и „православниот шахидизам“;

– Црквата да се меша во надворешната политика на државата;

– Црквата јавно да го одобрува изборот на политичари со спорна репутација, определувајќи го тоа како „враќање на нормалноста“.

– Прашањето кое општеството со право го поставува е: дали ваква „Црква“ треба да биде финансирана од даночните обврзници?

Ова не се прашања кои имаат за цел автоматски да ги изедначат потписниците на декларациите со сите овие тврдења. Прашањата се однесуваат на тоа што точно се брани и од што се прави разграничување во овие декларации и обраќања, како и што точно потпишуваат свештениците, пишува Hristianstvo.bg.

Целата анализа ОВДЕ

1 COMMENT

  1. Жално е кога еден православен монах е завладеан од духот на овој свет, во случајов дури од духот на глобализмот и неолиберализмот. Не ми паѓало на памет дека може да се случи монах, па нека е и архимандрит, седејќи во својот манастир во Бугарија, да тргне да се бори за кауза на друга земја завојувана со трета земја и дека заради наводно таков мотив ќе се крене против својот Патријарх и против епископите на својата Помесна Црква. Веројатно секој од тие епископи, а самиот Патријарх сигурно, може да ги повтори зборовите на Св. Апостол Павле кон “просветлениот” о.Никанор и да каже:
    “5. Затоа, пак, не судете ништо пред време, додека не дојде Господ, Кој ќе ги изнесе на видело тајните на мракот и ќе ги објави намерите на срцата; и тогаш пофалбата на секого ќе му биде од Бога.
    6. Ова го направив, браќа, кон себеси и кон Аполос заради вас, за да се научите од нас да не мудрувате повеќе од она, што е напишано, и да не се гордеете еден пред друг поради некого.
    7. Оти, кој ти дава предимство? Што имаш, што не си добил? А штом си примил, зошто се фалиш, како да не си примил?
    8. Презаситени сте веќе, се збогативте веќе и се зацаривте без нас; камо да се бевте зацариле, та и ние да царуваме со вас!
    9. Мислам, дека нас апосотолите, Бог нè постави најпоследни, како осудени на смрт; бидејќи станавме призор на светот – на ангелите и на луѓето.
    10. Ние сме безумни заради Христа, а вие сте мудри во Христа; ние сме немоќни, а вие сте силни; вие сте славни, а ние бесчесни” (1 Кор. 4, 5 – 10).
    Ако архимандритите (кои понекогаш најчесто само формално се пастири на монаси, но сепак носат највисоко монашко одликување) седат на интернет, џбараат по гревовите и промашувањата на светот, па потоа им ги нарамуваат на своите епископи обвинувајќи ги за настани далеку од монашкиот и епископскиот живот т е. духовен подвиг – што да кажеме! Ако наполно ги оставиле монашките оружја (а во оваа работа нема многу или малку, никој не може да им служи на двајца господари) и се претвориле во новинари и борци за човекови права, за какви одликувања и достоинства станува збор?! За обид на некој Епископ, нивен духовен отец, да го надомести нивниот неправилен духовен подвиг во време на отстапување на благодатта, за да ги задржи уште некое време во мантија ветувајќи им извонредна “монашка каиера”, нешто што всушност и не постои (за кое и самиот епископ е свесен, додека се надева на најмалата можна штета од тој обид)? Тој тип на икономија додуша не го наоѓаме во житијата на Светиите. Гледаме како завршуваат монасите со монашка кариера, за жал. Гледаме што му прави публицитетот фокусиран на истакнати поединци на монашкиот подвиг, без исклучоци. Останаа блажени ништите по дух и нивно остана Царството Небесно (сп. Матеј 5, 33). Малку “ќотек” навреме (т. е можност да се смири монахот трпејќи понижувања, тежок телесен труд итн.) веројатно би завршил многу подобра работа.
    Монасите кои претерано сочувствувале со страдалници во војни во минатотото (ако воопшто тоа е случај со архимандритот Никанор), кои настојувале да го заменат својот крст за туѓ, испросувајќи благослов од својот старец заминувале на терен (ако монахов веќе се самораководи, не му ни треба благослов од некого, нека замине на фронтот и нека се жртвува следејќи го повикот на чистотата на неговото срце, колкава и да е таа). На сите такви монаси за кои зборува Светото Предание не им ни паѓало на памет да се обидат да растурат цела Помесна Црква заради својата опседнатост со каква и да е помисла! Не земале оружје во рака, ако сакале да останат монаси, но знаеле дека има голема потреба од секаква помош таму (ранети, гладни, жедни итн.)
    Бугарија всушност може со мирно срце да го депортира човеков со доживотна забрана за влез во неговата родна земја. Ќе оди, ќе кука по светот за неправдите кои и сега ги набројува, ќе си најде сродни души, ќе го примат итн., ќе стане трчкало, и онака одамна не е архимандрит, ќе се бави со клеветење, со наслушнување – никому да не даде Господ! – и на крајот ќе бараат начин и тие што го примиле како да се ослободат од него. Потоа, ако доживее, ќе раскажува анегдоти (ама само интимно, бидејќи никој нема да побара духовна поука или јавен став од него) од неговиот богат опит вдолж и ширум Православието.
    Животот е пред него, ама каков?

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img