Жесток одговор на Црногорско-приморската митрополија кон Вучиќ – не се мешај во работи кои не се твоја задача

Date:

Share post:

Митрополијата црногорско-приморска на Српската православна црква (СПЦ) реагираше остро на последните изјави на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во кои тој ја споменува Црквата во Црна Гора, литиите од 2020 година и наводни „опасни идеи“ внатре во црковните структури.

Од Митрополијата оценуваат дека изјавите на српскиот претседател кои се најасни, конфузни, но гласни со обвинувања за опасни идеи во Црквата постојано да се повторуваат.

Во реакцијата се наведува дека политичките лидери треба да ја вршат својата работа, а црковните прашања да им ги остават на црковните претставници.

„Ниту е тоа работа која им припаѓа на политичарите, ниту нивното неповикано мешање во црковните работи носи добро ниту за државата ниту за Црквата“, порача Митрополијата.

Повод за реакцијата се изјавите на Вучиќ дека „и во Црквата сме имале идеи кои се опаки и опасни“, како и неговите тврдења дека постоеле обиди за создавање „православна црква во Црна Гора“ со цел да се избрише зборот „српска“.

Според Митрополијата, ваквите изјави создаваат штетни нејаснотии, особено кога доаѓаат од претседател на Србија.

„Ако на ова ја додадеме и изјавата дека ’литиите во Црна Гора започнаа кога сакале да направат православна црква во Црна Гора, само за да го избришат она – српска’, тогаш ни се чини дека влегуваме во зона на бескорисни и штетни нејаснотии, кои би можеле да се толерираат кај некој со помала одговорност и значење во јавноста, но не и кај претседателот на Србија“, се наведува во соопштението.

Митрополијата посочи дека токму верниците, свештенството, монаштвото и архиереите на СПЦ во Црна Гора ја одбраниле Црквата во време на спорниот Закон за слобода на вероисповед донесен од владата на Мило Ѓукановиќ.

„Бранејќи го црковното име, идентитет и имот, тие истовремено го одбранија и единството на СПЦ“, се наведува во реакцијата.

Од Митрополијата нагласуваат дека литиите во 2020 година биле граѓанско и духовно движење кое произлегло како одговор на, како што наведуваат, нападите врз верските права и црковниот имот.

„Не дозволивме ниту тогаш политичарите да го водат главниот збор“, порачаа од Митрополијата, додавајќи дека верниците меѓу политичарите го разбрале значењето на движењето, додека други не го прифатиле.

Митрополијата отфрла и каква било поврзаност меѓу врвот на СПЦ во Црна Гора и идеите за црковен сепаратизам, посочувајќи дека токму синхронизираното дејствување на архиереите, свештенството и народот придонело за измена на Законот за слобода на вероисповед и потпишување на Темелниот договор меѓу државата Црна Гора и СПЦ.

„Ако претседателот на Србија го заменува тогашното синхронизирано дејствување на архиереите, свештенството и верниот народ со непостоечки црковен сепаратизам, го потсетуваме дека станува збор за дејност која одлучувачки придонесе за успешно завршување на литискиот подвиг“, се наведува во соопштението.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img