Скопскиот бискуп на средба со ОБСЕ
Скопскиот бискуп и Апостолски егзарх Киро Стојанов имал средба со амбасадорката на мисијата на ОБСЕ во Македонија Нина Сумаленен.
Како што пишува интернет порталот, „католици.мк“, Бискупот Стојанов ја запознал амбасадорката со историјата и животот на црквата на овие простори, велејќи дека црквата во Македонија е составена од Скопската бискупија, која датира уште од самите почетоци на христијанството и Апостолскиот егзархат чии верници припаѓаат на византискиот обред.
Стојанов исто така ја истакнал важноста на екуменизмот и дијалогот и потенцирал дека во Македонија постои Меѓурелигиски совет чии членови се верските поглавари кои редовно се среќаваат и настојуваат да бидат во служба на човекот.
Амбасадорката на ОБСЕ и Скопскиот бискуп разговарале и за мигрантската криза. Бискупот рекол дека Католичката црква се влкучила од самиот почеток и дека секој ден парохиските волонтери во Гевгелија и Табановце на мигрантите им делат500 топли оброци и напитоци, како и пакети со храна.
Двајцата се согласиле дека е потребно да се бара решение за мигрантската криза за да може секој човек да живее во мир и достоинство.
Порталот, „Католици.мк“ пишува дека Амбасадорката Сумаленен се интересирала и за потешкотиите со кои се соочува Католичката Црква, во поглед на „Спомен куќа на блажена Мајка Тереза“ во Скопје и изградбата на црквата Свети Павле во Паљурци, во југоисточниот дел на Македонија.