Светиот синод на Грузиската православна црква ќе се состане во петок, на 3 април во 12 часот, по покана на местобљустителот на патријаршискиот престол, митрополитот Шио од Сенаки.
Според најавата, на состанокот ќе се разгледуваат организациски прашања и подготовките за следните седници на Синодот во проширен состав, на кои треба да се избере т.н. трипросопон – тројца кандидати за нов патријарх.
Според црковни извори, можно е Синодот да отвори и прашање за толкување на одредени одредби од уставот на Црквата, што би можело да влијае врз кандидатурата на некои архијереи.
Меѓу нив се споменуваат митрополитот Даниел од Сачхере и Чиатура и митрополитот Исаија од Цхинвали.
Митрополитот Даниел се смета за архијереј со значителна поддршка, но на 29 мај ќе наполни 71 година, додека уставот на Грузиската црква предвидува кандидатот за патријарх да биде на возраст меѓу 40 и 70 години.
Од друга страна, митрополитот Исаија, кој има 64 години,нема формално теолошко образование, што е еден од условите за избор, иако уставот не прецизира на кој начин треба да се докаже таквата подготовка. Тој ужива широка поддршка меѓу верниците и се смета за влијателна фигура во Црквата, особено поради неговото делување во регион под руска контрола.


