Почетна Коментар Рускиот експеримент „Автокефална МПЦ-ОА“
Рускиот експеримент „Автокефална МПЦ-ОА“

Рускиот експеримент „Автокефална МПЦ-ОА“

5.75K
3

„Денеска во текот на литургијата дознав дека последен пат српски патријарх во оваа црква служел литургија пред 100 години“, ќе рече Порфириј во Охрид во Света Софија, откако ќе го прими Орденот од „Прв Ред на Свети Климент Охридски“ – „за љубовта и разбирањето кон МПЦ-ОА“.

Шест месеци претходно, неговиот духовен отец, „патријарх во сенка“, Иринеј Буловиќ, објаснувајќи ја улогата на СПЦ (која доживеа 180 степени трансформација) во случајот македонска авткефалност  ќе рече: „Дали би било нормално, и пред се душокорисно самата Српската Православна Црква, по претходно обезбедено враќање на браќата во канонски поредок и единство после полни 55 години поминати во раскол, што сами не го создадоа, туку го наследиле од своите претходници, на канонски начин да се реши едно болно прашање и сопствената јуриздикциска надлежност, или пасивно да чека и да го решава и по свое да го реши некој друг црковен центар, а ние за тоа едно убаво утро да дознаеме од медиумите?“

Во истото интервју Буловиќ  е многу дециден околу клучниот за СПЦ интерес во целат оваа приказна, па вели оти критиката дека Српската Православна Црква ги „предала и продала“ своите немањички светињи на Југ претставува, просто-напросто, подметнување.

„Во Томосот за автокефалност јасно и гласно се кажува дека Српската Православна Црква го „отстапува на користење“ своето историско наследство на новата автокефална црква. Sapienti sat (на паметниот доволно)! Покрај се останато, самонаречените критичари го забораваат фактот дека Српската Православна Црква немаше никаков простап до своите јужни епархии од 1941 година се до неодамна, прво поради бугарската окупација, а потоа и поради Брозовата „македонска“ идеолошко-полициска теорија и пракса. (тезата дека Тито ја создал МПЦ. Забелешка на преведувачот). Денеска и сите српски архиереи, почнувајќи од Неговата Светост Патријархот, имаат пристап до секоја светиња во Северна Македонија – донемањички, немањички и постнемањички, вели бачкиот епископ Иринеј Буловиќ во интервју за српски „Печат“ во јануари оваа година, потенцирајќи дека решавањето на прашањето со МПЦ морало да се случи, затоа што веќе било јасно дека некој друг ќе го реши.

ЕДНА ГОДИНА ПОДОЦНА СЕ ВРАЌАМЕ НА ПОЧЕТОКОТ

Тој почеток Иринеј многу искрено го опишува во своето интервју од пред шест месеци, а Патријархот Порфириј открива многу суштински детали во целиот мозаик.

На 9 мај 2022 година Вселснаката Патријаршија ја врати МПЦ-ОА во канонско единство после 55 години заробена во шизма наметната од СПЦ. Одлуката значеше конечна можност МПЦ ОА да сослужува со сите православни цркви, откако четири години претходно Вселенската Патријаршија го анализираше барањето од МПЦ-ОА за апелација, а СПЦ сите тие четири години остро се спротивставуваше на целиот процес. Процесот по согласноста од СПЦ за автокефалнија, треба да финишира со Томос за автокефалност за возобновување на Охридската Архиепископија во лицето на денешната МПЦ-ОА.

На 9 мај 2023 година, МПЦ-ОА, Синодот, Владиците, Архиепископот не најдоа време, ниту желба да испратат барем писмо до Вселенскиот патријарх и да напишат само еден збор -„Благодариме“.  Кој не верува, нека побара официјална архива на МПЦ-ОА. Тоа практично значи дека историскиот ден за македонската црковна самостојност за актуелниот Синод на МПЦ-ОА нема никакво значење. (Работите малку беа променети на именденот на Вартоломеј, кога Архиепископот испрати свој претставник и писмо-честитка до Вселенскиот Патријарх, но тоа не гоменува фактот дека на историскиот ден, МПЦ-ОА не се ниту заблагодари).

На 5 јуни 2022 година, откако неколку месеци претходно СПЦ реши да го „киднапира“ процесот за решавање на македонското црковно прашање, издава Томос за автокефалност на МПЦ-ОА (Буловиќ во интервјуто јасно објаснува со која цел). Од тој Томос денеска МПЦ-ОА како автокефална црква ја препознаваат само уште Руската и Бугарската (давајќи и име Православна Црква на Северна Македонија со Архиепископ Северномакедонски).

Половично ја препознава и Романската црква, со заклучок дека официјален Томос треба да издаде и Вселенската Патријаршија. (Името кое и го даде на МПЦ-ОА е Православна црква во Северна Македонија).

Сите останати помесни православни цркви практично го отфрлија Томосот за автокефаност од СПЦ, но се придружија до одлуката на Вселенската Патријаршија за сослужување со МПЦ-ОА. Тоа е јасно видливо од тоа што ниту еден поглавар на помесна автокефална црква, освен Српскиот, Бугарскиот, Рускиот и Романскиот, не го споменува името на Архиепископот Стефан за време на литургиите на Големиот вход. (Српскиот го споменува како Архиепископ Охридски, Бугарскиот како Архиепископ Северномакедонски, Рускиот не споменува поименично никого, туку користи фраза „Спомни си Господи за поглаварите на помесните православни цркви, Романскиот како Архиепископ на Северна Македонија).

На 5 јуни 2023 година, во Света Софија во Охрид, МПЦ-ОА и СПЦ со заедничка литтургија (ја водеше Патријархот Порфириј) одбележаа една година од Томосот за автокефалнос на СПЦ. Порфириј беше одликуван со највисок орден од МПЦ. Главен гостин беше рускиот амбасадор и во црквата, а особено на „забавата“ во Хотелот Изгрев во Струга. За да има јавноста претстава на кое ниво беше рускиот амбасадор таму, доволено е да знае дека тој беше во првиот ред на литургијата, а поранешниот македонски претседател Ѓорге Иванов во третиот. (Дали во МПЦ-ОА знаат елементарни дипломатски протоколи е веќе сериозно прашање).

Една година подоцна овие два датуми во историјата на МПЦ-ОА се пресвртница. Каков однос кон нив има Синодот и самата МПЦ-ОА е едно прашање, но другото поважно е дека ако не беше 9 мај, 5 јуни немаше да се случи.

ШТО Е ЗАЕДНИЧКО ВО ИЗЈАВИТЕ НА ПОРФИРИЈ И НА БУЛОВИЌ?

Порфириј вели дека тој е првиот српски патријарх што после 100 години служи литургија во Света Софија. Иринеј Буловиќ вели дека поради „Брозовата „„македонска““ идеолошко-полициска теорија и пракса“ од 1941 година тие немале пристап до „ своите јужни епархии“, а сега имаат. Има ли некој во МПЦ-ОА што знае да чита симболики, пред да организира „казачоци“ како антиамерички забави за српско-рускиот црковен триумф во Македонија е прашање што верниците треба да им го постават на своите владици?

Но, кој е патријархот што пред Порфириј служел во Света Софија, и со која цел?

Света Софија е катедралната црква на Охридската Архиепископија и таква улога има се до 1466 година, кога Османлиите ја претвораат во Џамија. Таа е седиште на Охридската Епархија, но и темелот на Охридската Архиепископија на кој денеска е возобновена МПЦ-ОА. Откако е претворена во Џамија, соборна црква на Охридската Аехиепископија е Света Богородица Перивлепта. Откако во 1767 година е укината Охридската Архиепископија, укината е и охридската епархија како седиште и припоена со Преспанската кон Драчката епархија, секако јуриздикциски дел од Цариград.

Во Првата Балканска Војна 1912 година, српската армија во Охрид го руши минарето од црквата Света Софија (до тогаш се уште џамија), а нешто подоцна 1916 година повторно е вратена како црква за време на Првата Светска Војна. Таа 1916 почнуваат и преговорите на Кралска Србија со Цариград за барање Томос за возобновување на Патријаршијата и отстапување на епархиите во Македонија од Цариград на Србија. Тие преговори завршуваат успешно 1920 година. Тогаш е избран Димитриј за прв Српски Патријарх на возобновената Српска Патријаршија. За тој настан во српската црковна историја е запишано: „Биле создадени сите услови некогашната Пеќка патријаршија укината 1766 да биде возобновена. Новата државна власт на чело со кралот Петар Први даде согласност. Српската црква се обрати до Цариградската Патријаршија, како Мајка Црква и ја запозна со новите околности во кои се најде, а со желба да ја обнови патријаршијата. Царигардската патријаршија тоа го одоби, издаде соодветен Томос. Потоа е одржан Архиерејски собор во Сремски Карловац на 30 август/12 септемви 1920 годиниа на кој е донесена одлука Српската црква да се воздигне на степен Патријаршија. Прв српски патријарх на обновената Патријаршија бил Димитриј.“

Веднаш по обновувањето и добивањето на Томосот од Вселенската Патријаршија, СПЦ одлучува да ја возбнови Охридската Епархија. За епископ го назначува Николај Велимировиќ. Во српската црковна историја за ова е запишано: „Кога Цариградската Патријаршија ги пренесе надлежностите од Преспанско-охридската епархија на управа на обединетата Српска православна црква. (забележете „на управа“) Српската црква веднаш донесе одлука за возобновување на архиерејската катедра во Охрид, со што е создадена српската Охридска епархија, за чиј прв епископ е избран Николај Велимировиќ(1920).“

Службата на српскиот патријарх пред 100 години, за која зборува Порфириј, е на устоличувањето на Николај Велимировиќ како Епископ Охридски 1920, или 1921 година во Света Софија во Охрид.

Интересно е да се знае дека една недела пред Порфириј да дојде на служба во Света Софија во Охрид, СПЦ и тој лично ги рашетуваа моштите Николај Велимировиќ низ Белград, откако беше прогласен за Светец (и покрај големиот отпор на српската јавност, но и на дел владици на СПЦ) во мај 2003 година на Соборот на СПЦ. Важно е и да се знае е дека тоа се случува истиот ден, на истиот Собор, кога СПЦ ја создаде паралелната црква во Македонија ПОА, која пак 20 години подоцна на истата литургија во Охрид се врати во единство со МПЦ-ОА. Чудна коинциденција… освен ако некој не осмисли случајноста да не биде случајна, или што би рекол Черчил: „Во дипломатијата нема случајности, и тоа што е случајно, е направено да биде случајно“.

Во српската цркова историја за Патријархот Димитриј и за Николај Велимировиќ е запишано и следното: „Димитриј го одобри и поддржа редот„Народна христијанска заедница“ (позната како богомолски покрет). Тој проект го основа Светиот владика Николај и имаше за цел да изврши морален препород на српскиот народ во сите слоеви и да ја шири евангелската наука.“

За Николај Велимировиќ, прилично контроверзна личност и за самата српска црковна јавност, она што треба да го знае македонската јавност е неговиот став за македонскиот народ по формирањето на Југославија по Втората Светска Војна. „Оваа самонаречена и самоодбрана црковна организација го дели единството на својот сопствен народ, на тој начин што е организиран по федерални државни единици кои признаваат пет националности во Југославија и тоа српска, хрватска, словенечка, црногорска и македонска. Зарем и еден српски свештеник може да го признае ова делење на својот народ? Патриот не може, може само некој издајник.(…) многу потежок е случајот со признавањето на „македонската народност“, тоа може да го признае само некој превртлив (полтрон.заб.) свештеник…“, ќе напише Велимировиќ 1949 година.

СИМБОЛИКАТА ШТО ВО МПЦ-ОА ДЕНЕСКА НЕ ЈА ЧИТААТ Е ПРОСТА КАКО ДВА И ДВА

Пред 100 години српски патријарх (Димитриј) служи во Света Софија откако добил амин од Вселенската Патријаршпија да воспостави своја власт во епархиите во Македонија.

100 години подоцна повторно во Света Софија служи српски патријарх(Порфириј), но сега во чест на „Томос“ со кој ги отстапува на користење истите епархии на „автокефалната“ МПЦ-ОА. Како печат на тој триумф добива и орден од МПЦ-ОА. „Казачок-проклета је Америка“ фештата во Изгрев му доаѓа како гратис.

За многу работи во животот клучно е да се бараат логичките решенија за да може што поблиску да се дојде до суштината.

Но, што вели лигиката во македонско-српскиот црковен спор?

Дали е логично некој по 100 години, од кои 55 држење во општа изолација на МПЦ, 40 години неуспешни разговори меѓу двете цркви, само една година претходно јасни цврсти позиции на ингноранција на секој чекор на МПЦ да се почнат преговори и игноранција на повиците од Фанар да се учлестува во дијалогот, наеднаш да направи 180 степени промена на позициите и да заборави на се низ историјата и да почне да зрачи „таква љубов“ како ништо да не се случило? Здравата логика вели „многу арно, не е на арно“. И токму тоа е логичната суштина.

За да може да се разбере таквата логичност, секој мора барем три пати да ги препрочита Порфириј и Иринеј од почетокот на оваа анализа.

Македонско-српскиот црковен проблем во суштината секогаш го имал клучниот проблем и тој сега сосема јасно е дефиниран – тоа е имотно-правен проблем. Пред 15 години сум напишал дека СПЦ од се ќе се откаже, освен од моментот на прекинување на духовната-папочна врска со црквата во Македонија. И тоа сега се случува, но врз основа на нов софистициран модел. Во основа тој модел подразбира нешто налик на политичкиот модел на државата Србија кон Македонија. Се ќе им угодиме, само блиску до нас да ги имаме. Црковниот модел трансфериран во реалност значи „сакаат автокефалност – ние ќе им ја дадеме. Сакаат национално име-ќе им угодиме, но ќе спречиме формално правно да ја изгубиме јуриздикцијата и духовната врска со епархиите таму долу. Тие се наши, но ние од „љубов“ им ги отстапуваме на користење.“

За оние кои секогаш за се се скептици и кои не сакаат да веруваат дека Православната црква е поголема политика од самата политика, треба да знаат дека ова не е теорија на заговор, туку прецизно разработено сценарио по кое се „вози“ МПЦ-ОА веќе една година.

ТОМОСОТ ОД ВСЕЛЕНСКАТА ПАТРИЈАРШИЈА ЗНАЧИ ПРАВО НА ЕПАРХИИТЕ ВО МАКЕДОНИЈА

Што е разликата меѓу овој и оној другиот модел, (за кој Буловиќ вели дека не сакал да се разбуди некое утро и од медиумите дадознае дека на нивниот Југ има автокефална црква)? Одговорот е во каноснкиот ред и поредок на Православната црква. Значи 1920 година СПЦ може да бара од Вселенската Патријаршија Томос за возобновување на Пеќката Патријаршија, иако тоа е Црква која се обединува со две практичнот тогаш автокефални цркви. Црногорската и Карловачката. МПЦ-ОА 100 години подоцна не треба да бара од Вселенската Патријаршија ист таков Томос за возобновување на Охридската Архиепископија. Зошто СПЦ барала таков Томос од Цариград тогаш, кога во суштина две автокефални цркви прават обединување во една црква, а МПЦ-ОА не треба да бара?

Епархиите во Македонија се клучниот момент. Со Томосот на Цариград, таа тогашна Српска црква ги добива на управување. Во тој Томос е запишано дека тие епархии се отстапуваат поради новонастаните состојби ширењето на границите на Државата Србија: „Светата Црква уредувајќи и извршувајќи се како што треба, а заради надградување, смета дека и ова е своиствено за доброто уредување и канонскиот поредок, да ги подесува и да ги уредува границите на црковните управи во согласност на политичките промени кои се случуваат, доколку тоа го дозволуваат црковните закони, за да управувањето на црковните работи се врши без потешкотии и со целосходност и за заради поголемата потреба за христоимениот народ..(…), стои во текстот на Томосот.

Стравот на СПЦ е дека Томос на Вселенската Патријаршија ќе значи предавање на тие епархии во владение на МПЦ-ОА и затоа е смислен моделот „отстапување на користење“, но од СПЦ. Во реалноста тоа денеска значи дека МПЦ-ОА има некаков новоизмислен статус на автокефална црква во рамките на СПЦ. Звучи шашаво, но очигледно дека функционира. Од тука и Порфириј ја влече силата да се дрзнува да кажува кој и како на литургиите ќе биде споменуван на пример во македонската црква во Загреб. Од тука Порфириј ја влече силата да се дрзнува да кажува кога и каде ќе сака да служи во Македонија. Утре, од овде Порфириј ќе ја влече силата кога ќе бара заеднички да вариме Свето Миро, или да се јавува како некаков медијатор (апелационен судија) за некакви внатре-црковни проблеми во МПЦ-ОА. Од оваа позиција Порфириј утре ќе се наметне да ја води литургијата за можеби интронизацијата на некој следен Архиепископ на МПЦ-ОА. И се тоа на јавноста ќе и се продава како „љубов“, а во суштина ќе значи „газдување“ со МПЦ-ОА.

ПЛАНОТ „Б“

Но, тој модел не е смислен во Белград, туку во Москва. Целта е сосема јасна, а тоа е експериментален обид да се воспостави нов ред, непознат канонски во православната црква, за евентуални идни автокефалии прозлезени од нечија јуриздикција и за нив да не одлучува Цариград, како што тоа е вековна историска пркса, туку матичната црковна јуриздикција.

Причината е сосема јасна, а таа е во спрегата на руската црковна и државна политика. Тоа е модел на нова руско-православна имерија. Па исамиот Вадимир Путин, ден по нападот на Украина, јасно предочи дека тој треба да ја има одговорноста за Православието во светот. Тој државен поглавар, а следствено на тоа Кирил црковен поглавар на православните во Светот.

Македонија е практично експеримет на овој нов модел. Тоа практично е времена категорија на самоуправување без можност за отцепување. Формално сите аспекти на автокефалност ги уживате, но за огромното мнозинство на вистинските авткефални цркви сте внатрешно прашање на СПЦ. Проблемите ќе почнат да се манифестираат тогаш кога соочувајќи се со реалноста владиците на МПЦ-ОА (оние кои не се дел од овој план) ќе разберат дека „таа автокефалност и не е автокефалност“. А дека тоа не е автокефалност, пишува и самата СПЦ во Томосот, потенцирајќи дека согласноста треба да ја дадат и другите автокефални цркви. Тие пак, една година подоцна, го соопштија својот став.

СПЦ И РПЦ НЕ САКААТ ДА СЕ СООЧАТ СО РЕАЛНОСТА

Во што е суштината на проблемот? Српската црква и руската црква се практично две цркви кои денеска имаат поголема јуриздикција од политичките граници на државите во кои функционираат. Тоа е така затоа што се распаднаа државите во кои тие ја имаат јуриздикцијата. Соочени со тој проблем, пред се Русија во чија јуриздикција се создадоа неколку цркви (дел од нив се уште контролирани од политичките раководства на државите блиски до Москва) се практично полуавтономни, автономни, или потчинети, но се дел од големата јуриздикција на Руската црква. Ако таа се придржува до вековниот канонски поредок, добар дел од тие цркви утре ќе влезат во процес на автокефалност и целосно раздвојување со Москва. Украина е типичен пример, но тука се Естонија, Литванија, Летонија… Откако Руската црква веќе 30 години не успева да го протурка својот модел за идни автокефали и по расколот со Фанар поради Украина сега во пракса ексериментира со својот модел во Македонија.

Издавањето на Томос за автокефалност од СПЦ за МПЦ-ОА во основа имаше за цел да предизвика нов потрес и конфликт во Православниот свет, особено да изнуди осудивачка реакција на Цариград од која требаше да произлезе прекин на процесот за возобновување на Охридската Архиепископија. Во Белград и во Москва веројатно верувале дека тој потег ќе го разгневи Вартоломеј и тој ќе ја прекине процедурата за финално решение за црковниот проблем во Македонија на подолг рок и така лесно ќе се спроведе проектот, особено што на јавноста ќе и се продаде приказната за „квази патриотизам“ околу именувањето на црквата.

Но во пракса работите продолжија во истиот правец, со тоа што Цариград овој Томос го оцени само како „согласност за автокефалност на црквата од која се одделува новата црква“, што практично му го олесни патот на Вартоломеј до крајната цел и дополнително одлучи не само да признае автокефалност на црквата во Македонија, туку практично и да ја возобнови Охридската Архиепископија, нешто што дополнително ги вознемирува СПЦ, РПЦ и особено БПЦ. Клучен момент за тоа е созлужувањето во Фанар за Педесетница во 2022 година меѓу Архиепископот Стефан и Патријархот Вартоломеј.

Следната фаза на руско-српската црковна дипломатија беше интерцковното лобирање меѓу православните цркви да биде прифатен Томосот на СПЦ. Резултатот од тоа е поразителен, опишан погоре во анализата.

Како што одминуваше времето, така нервозата во Москва и во Белград стануваше се посериозна дека на крајот од денот Цариград ќе издаде Томос за автокефалност на МПЦ-ОА и тоа под името Охридска Архиепископија, што практично ќе значи нејзино возобновување, а со тоа и право на целокупното движно и недвижно наследство на древната Црква.

ЗОШТО Е ТОА БИТНО ЗА МПЦ-ОА, А СПОРНО ЗА СПЦ?

СПЦ во Томост пишува дека целото движно и недвижно наследство (кое е дел од српското духовно наследство) и го отстапува на користење на МПЦ-ОА. Значи сопствеништвото го има СПЦ, но го отстапува на МПЦ-ОА.

Но, реалноста вели дека СПЦ нема никакво црковно наследство во Македонија, барем не до 1920  година. Црквите и манасторите кои биле градени во времето на владеењето со Македонија на српските деспоти, кралеви и цареви во средниот век не се имот на СПЦ, ниту на тогашната Пеќка Патријаршија, туку имот на Охридската Архиепископија. А Охридската Архиепископија, никогаш не била под јуриздикција на Пеќката Патријарпшија, туку обратно, Пеќ бил под јуриздикција на Охрид. СПЦ на тие имоти полага право токму поради Томосот од 1922 од Царигард, како што денеска се плаши дека тоа право ќе го загуби ако МПЦ-ОА добие Томос од Вселенската Патријаршија.

Непсоредно по обединувањето на Српската црква и добивањето Томос од Фанар (официјално 1922 година), СПЦ го прави својот прв Устав усвоен 1931 година. Подоцна има одредени амандмански измени, кои се однесуваат на начинот на избор на Патријархот, но и една многу суштинска во контекст на денешните случувања. Светиот Архиерејски Собор на СПЦ од 1948 годиниа, со Одлука број АСбр.24/зап.28 од 1948 годиниа, Чешко-моравската епархија ја отстапува под јуриздикција на Руската православна црква. Таа одлука е и уставно спроведена во следното издание на Уставот на СПЦ, каде во членот 14, оваа епархија е избришана од јуриздикцијата на СПЦ. Во истиот член се наведени 24 епархии кои ги сочинуваат границите на СПЦ и нејзината јуриздикција. Меѓу нив под број 13 е „Злетовско-струмичка епархија со седиште во Штип“, под број 18 е „Охридско-битолската епархија со седиште во Битола“, под број 19 „Скопска епархија, со седиште во Скопје“. Во истиотчлен 14, во алинејата 5 стои дека „Епархиите Црногорско-приморска, Скопска, Добробосанска, и Загребачка во својата положба имаат титула Митриполит“.

Овој Устав на СПЦ е важечки Устав до ден денеска. Соборот на СПЦ во една година одржа две заседанија, во мај 2022 година кога призна статус на авокефалност и во мај 2023 година, кога даде канонски отпуст на ПОА за присоединување кон МПЦ-ОА, но и на двете заседанија не донесе каква било одлука околу епархиите во Македонија, освен што со Томосот од 2022 година, заедно со црквите и манастирите, ги отстапува на користење на МПЦ-ОА.

Зошто на Српската црква и се потребни епархии во Македонија, цркви и манастири, ако веќе тврди дека признава автокефална црква во Македонија? Каква е таа автокефанла црква ако нема сопствена јузидикција врз движен и недвижен имот. СПЦ во документот за согласност за автокефалност, што го нарече Томос во ниту еден дел не ги споменува епархиите во Македонија, туку напротив се повикува на одлука на Собор на СПЦ од 1959 која се однесува на признавање на автономен статус на овие епархии во составот на СПЦ. Сега во 2022 година СПЦ практично истиот автономен статус го издига на автокефалнен статус, но не се откажува од јуриздикцијата врз епархиите. Формално правно тоа е тој модел на „автокефална црква во состав на СПЦ“, со кој експериметира Руската црква во Македонија, за да подоцна го примени и во своите гранични јуриздицкии, кои дефакто денеска се нови политички граници и кои според вековните древни правила имаат право на автокефана црква, но автокефална во вистинска смисла, а не автокефална во смислана она што Црковна Москва го подразбира.

Но, да се вратиме на Уставот на СПЦ. Пред десетина години СПЦ интензивно работше на нов Устав, кој практично треба да го замени Уставот од 1931 година. Во 2018 години беше изработена целокупната уставна структура и Предлог Устав на СПЦ. Тој текст требаше да го усвои Соборот на СПЦ и како што е предвидено во членот 226 од Нацрт Уставот, од денот на објавување на овој Устав да прекине важноста на Уставот на СПЦ од 1931 година и неговите измени од 1947 до 2017 година. Тој текст на Уставот се уште не е верефикуван од Соборот на СПЦ, но во него во членот 10 во кој се опшиува јуриздикцијата на СПЦ и епархиите кои ги поседува, во раздел 2, епархиите во Македонија се водат под име Православна Охридска Архиепископија, како автономна црква. Наместо три епархии, како што предвидува Уставот од 1931 година, формирани се седум.

1.Архиепископија Охридска и Митриополија Скопска соседиште во Скопје.

2.Епархија Брегалничка со седиште во Штип

3.Епархија Велешко-повардарска со седиште во Велес

4.Епархија Дебарско-кичевска со седиште во Охрид

5.Епархија Преспанско-пелагонсска со седиште во Битола

6.Епархија Полошко-кумановска со седиште во Куманово

7.Епархија Струмичка со седиште во Струмица.

Во следниот член 12 од тој нацрт Устав, во СПЦ се формираат  17 архиепископии, со титула Архиепископи, меѓу нив е и Охридската. Практично новиот Устав на СПЦ предвидува дека нејзината црковна организиација е составена од Архиепископии, Митрополии, Епископии и една Автономна црква. Без разлика дали на сила е важечкиот Устав од 1931 година, или дали на сила ќе биде новиот Устав од 2018 година, епархиите во Македонија се дел од Српската црква. Тоа е клучното зошто автокефалноста на МПЦ-ОА, преку моделот на Москва и Белград ја нема суштината на вистинска автокефалност.

ДАЛИ ЦРКОВНИТЕ ДИПЛОМАТИ ОД МПЦ-ОА СЕ ЗАНИМАВАЛЕ СО ОВА ПРАШАЊЕ И ДАЛИ ВООПШТО ГО ПОКРЕНАЛЕ?

Ако СПЦ има искреност во своите намери, на досегашните две седници на Соборот ќе изгласаше амандмански измени со кои епархиите во Македонија ќе ги избришеше од нејзината јуриздикција. Но, наместо тоа СПЦ дозволува канонски отпуст на владиците од ПОА, но ПОА како уставна категорија постои во структурата на СПЦ, барем според новиот Устав. Јован, Марко, Давид, Јоаким, не ја прават ПОА, тие се само архиереи кои управувале со ПОА. ПОА е уставна категорија и таа постои во јуризидикцијата на СПЦ, без разлика дали е моментално функционална или не со Архиереи. Тоа што сега не е функционална, не значи дека во иднина нема да биде функционална.

Во споредба со епархиите во Македонија, примерот со „Чешко-моравската епархија“ во тогашна Чехословачка, јасно покажува што значи и како уставно се регулира отстапување на јуризидицкија врз епархија. Иако таа историја за таа епархија е комплицирана, сепак по серија дипломатски, црковни преговори, на релација Москва-Фанар-Белград-Прага, во 1948 година, под притисок на Руската црква, СПЦ се откажува од таа јуриздицкија. Важно е да се знае дека тоа откажување истата година е потврдено со уставен амандман и таа епархија е избришана од Уставот на СПЦ.

Тоа е она што СПЦ треба да го направи и за епархиите во Македонија. Но не го прави.

ПОСЛЕДНАТА ФАЗА НА ПЛАНОТ

Но, тоа не го прави, затоа што е веќе сосаме јасно дека целта е поинаква, од онаа што јавно се декларира. Односно, крајната цел е спроведување на рускиот модел за автокефалност. Бидејќи во оваа една година, или барем во првите шест месеци, беше јасно дека МПЦ-ОА го смета Томосот од СПЦ само како согласност од Црковен Белград за конечна автокефалност. Токму затоа креаторите на московскиот проект мораа да влезат во третата фазат. А таа трета и веројатно финална фаза е клучната во планот на Црковна Москва, откако станува се појасно дека и Вартоломеј ќе го тера процесот до крај. Таа фаза подразбира да се убеди МПЦ-ОА да се откаже од барањето Томос од Фанар, или пак да одбие да прифати таков Томос. Пресвртна точка во таа фаза е доаѓањето во Скопје за Божиќ на рускиот шеф на црковната дипломатија Антониј. Од тој ден, МПЦ-ОА сврти нова страница. Оние во МПЦ-ОА, кои пред една година зборуваа дека сакаат единство и со двете страни, опишувајќи го тоа како МПЦ-ОА ќе била мост на обединување, денеска собираат декларации со кои се бара отфрлање на Томос од Фанар.

Ако не станува збор за наивност, бидејќи Руската црква во оваа црковно-дипломатска игра го користи емотивното прашање за именувањето на црквата во Македонија, тогаш имаме многу посериозен проблем внатре во црквата. Логиката вели дека невозможно е одредени владици, кои даваа изинативе години јавни изјави за тоа кој е канонскиот пат за автокефалност, денеска да зборуваат 180 степени поинаку, освен ако не се мотивирани од некои други причини.

Пишува: Марјан Николовски

Коментар(3)

  1. Слабо ти ги разбираш црковните работи. Оди да собираш ливчиња кај Палчо кој е “црковен експерт” од пред неколку месеци!😂

  2. Маријан, вие под итно да го затворите порталов. За свети владика Николај со таква омраза да зборувате. Толкава љубов кон Цариград, заслепени да видите што се доаѓа од таму, сите зборови ви се завиткани во вид на нацистичка омраза. Како да гледам Јутел 1991.пред распад на Сфрј, сега и со зачин на русофобија. Врескате со нацизам и се повикувате само на извори кои сметате дека се релевантни, заслепени со омраза. Срамота воопшто што очигледно сте се кренале самиот себе на некое ниво на експерт.

  3. Секако дека е мошне значајно Македонската Православна Црква да добие Томос за автокефалност и од Константинополската Патријаршија. Но најпожелно е тој томос да го содржи и уставното, национално име на МПЦ-ОА, а не само еклисиолошкото. Во спротивно недовербата кон блокот грчки Цркви кај македонските христијани и натаму ќе го поткопува сеправославното единство заради тој пасивен, но очигледно влијателен етнофилетизам. Ароганцијата на Црквите чии јурисдикции денес се вклопуваат во државите членки на Европската Унија во уште поладнокрвен стил сведочи нешто уште пострашно (не е тоа влијание од СПЦ, туку од духот на самата Европска Унија, кој за жал лесно го попримаат нејзините жители, дури и како православни христијани – замислете, и современа Србија тежнее да стане дел од таа Европска Унија, како да тоа нема да го смени и поткопува еден ден нејзиниот духовен хабитус). Лично, не давам пет пари за тоа дали некој ја признава автокефалноста на Македонската Православна Црква или не. (Ја знам Нејзината сила, го познавам богатството од Нејзините духовни плодови, знам во што се состои Нејзината автокефалност која Господ со двете раце И’ ја подарил и потпишал одамна, може да расте и да се развива без никакви томоси). Но, кога веќе овој процес тргна, посакувам и останатите да бидат на висината на задачата, ако денес навистина толку се настојува околу начинот на кој треба да заедничарат и да се почитуваат меѓусебе помесните Православни Цркви. Што се однесува до Св. Николај Велимировиќ, вистина е дека Светителите со македонско потекло во неговиот Пролог ги нарекува Срби или општо Словени (и се чувствува таа негова хегемонистичка жичка), како и самиот Св. Јустин Келијски во обемните Житија на Светиите. Но, никој не е совршен (само Господ). И покрај ова, тие се големи светилки на Православната Црква во поново време и јас им благодарам за прекрасните четива што ни ги оставија и му послужија како одлична духовна храна на верниот народ во Македонија во изминатите децении. Затоа ние, како автокефална Македонска Православна Црква во нашите Житија на Светите ќе ги исправиме нивните пропусти на достоинствен и богољубив начин и ќе го дополниме вистинското сведоштво за оние што го дале животот за да ни го подарат како уште една можност, како уште еден, свој благодатен влез во Царството Божјо. Ако српските писатели подготвеа се’ совршено за нас, во што ќе се состоеше нашата борба! Ние сме наследници на Св. Кирил и Методиј, а се знае каков беше нивниот подвиг, нивниот крст. Со истата храброст мора да се подвизуваме и ние, зашто ете Моравија повторно заборави што ја беа научиле итн., Панонија си дојде на себеси, а илјадниците на Св. Климент ни претстои да ги претвориме во милиони. Тогаш нашиот долг кон потомството ќе биде исполнет и автокефалноста на нашата Света Црква ќе остане незаборавно плодна до свршетокот на светот.

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *