На сојузниците на Русија, членките на БРИКС, Шангајската организација за соработка (ШОС) и други пријателски меѓународни организации им се предлага да потпишат меѓудржавна конвенција за заштита на семејството и традиционалните вредности, изјави за РИА Новости претседателот на Патријаршиската комисија на Руската православна црква за прашањата на семејството, заштитата на мајчинството и детството, свештеникот Фјодор Лукјанов.
„Сметаме дека недостига документ кој би можел да ги обедини и земјите од ЗНД, и земјите од БРИКС, и земјите од Шангајската организација за соработка врз основа на традиционалните семејни вредности – вредности што ги споделуваат сите земји членки на овие организации. Таков документ може да биде рамковна конвенција за заштита на семејството“, рече Лукјанов.
Според него, ова е особено важно во услови кога во светот се засилуваат, како што рече, „антивредносните тенденции – иницијативите за промовирање на ЛГБТ, преиспитувањето на поимот природно семејство како заедница на маж и жена и слично“.
„По благослов на московскиот и на цела Русија патријарх Кирил, во 2024 година Црквата изработи Декларација за заштита на семејството, кон која веќе се приклучија бројни руски и странски општествени организации. Декларацијата е првата фаза, а втората е врз нејзина основа да се изработи конвенција на државно ниво, така што во земјите што ќе ја потпишат да не се донесуваат закони кои ги легализираат истополовите бракови, промената на полот и слично“, објасни претседателот на Патријаршиската комисија.
Тој додаде дека овие ставови ги споделуваат луѓе во многу земји низ светот и дека Русија е „предводник на традиционалните вредности“.
„Конвенцијата може да послужи за меѓународно обединување околу заштитата на традиционалните вредности и околу нас. Многумина ја гледаат Русија како потпора на она врз што е изградена целата човечка цивилизација“, заклучи соговорникот на агенцијата.
Иницијативата за потпишување на декларацијата потекнува од патријархот Кирил. Организатори на нејзиното потпишување се Меѓународната општествена организација „Сојуз на православни жени“ и Патријаршиската комисија на Руската православна црква за прашањата на семејството, заштитата на мајчинството и детството. Кон декларацијата веќе се приклучиле бројни општествени организации од различни земји, а во иднина се предвидува документот да добие меѓународен карактер и да биде потпишан на државно ниво.

