Русија ја гранатираше Кијево-печерската лавра – најмасовни напади досега

Date:

Share post:

Русија во текот на ноќта изврши еден од најмасовните воздушни напади врз Украина во последните недели, користејќи балистички и крстосувачки ракети, како и стотици беспилотни летала. Најтешко погоден беше Кијев, каде што има загинати и десетици повредени, меѓу кои и деца. Според украинските власти, нападите предизвикале големи оштетувања на станбени објекти, енергетска инфраструктура и културно-историски знаменитости.

Меѓу најзначајните последици од нападот е сериозното оштетување на историскиот комплекс Кијево-Печерска лавра, светско културно наследство под заштита на УНЕСКО. Пожар избувнал во дел од Успенскиот собор, а украинските власти најавија иницијативи пред меѓународните институции за осуда и документирање на штетата врз културното наследство.

Во нападите е погодено и Националното филмско студио „Олександр Довженко“, едно од најстарите и најзначајни филмски студија во Украина. Според Министерството за култура на Украина, уништена е најголемата и најстарата колекција на филмски костими во земјата, што претставува тежок удар врз украинското културно наследство.

Амбасадорката на Украина во Северна Македонија, Лариса Дир, реагираше на социјалните мрежи, наведувајќи:

„1573. рф со балистички и крстосувачки ракети три часа по ред го напаѓаше Кијив. Има загинати. Меѓу повредените има деца и бремена жена. Сериозно е оштетена Кијево-Печерската лавра, а уништено е и филмското студио именувано по Олександр Довженко“

Украинскиот претседател Володимир Зеленски и други високи претставници го осудија нападот, оценувајќи го како напад не само врз цивилното население, туку и врз културното и духовното наследство на Украина. Во меѓувреме, Москва негира дека намерно ја погодила Лаврата и тврди дека штетата била предизвикана од украинска противвоздушна ракета.

Според украинските воздухопловни сили, во нападот биле лансирани десетици ракети и повеќе од 600 дронови кон различни делови на земјата, што го прави еден од најобемните воздушни удари од почетокот на годината.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img