Градоначалникот на Прилеп, Дејан Проданоски организирал акција за чистење на околината и остатоците од Чарши џамијата во центарот на градот.
Општината, заедно со Јавните комунални претпријатија и под посебен надзор на НУ Завод и музеј Прилеп, целосно е расчистен и уреден просторот околу овој локалитет.
-Просторот ќе биде исчистен, уреден, ограден и соодветно осветлен, со почит кон неговото историско значење, напиша Проданоски на Фејсбук.
-Во срцето на прилепската чаршија се наоѓа заштитеното културно добро „Чарши џамија“, значаен дел од историското и културното наследство на нашиот град. Со години овој простор е оставен во запуштена и руинирана состојба, нешто што не доликува на Прилеп. Прилеп не смее да има руинирани објекти во самиот центар на градот. Нашата обврска е да го зачуваме и уредиме секое место кое сведочи за историјата на градот. Различностите мора да ги почитуваме, а културното наследство да го чуваме. Само така градиме достоинствен и европски Прилеп, град во кој се негува историјата и се гради мултикултурно општество, пишува градоначалникот на Прилеп.
Чарши џамијата беше запалена во воениот конфликт во 2001 година. ИВЗ со години бара да да биде возобновена, не само како културно историски споменик, туку и како верски објект.
