Привлекување

Date:

Share post:

„Никој не може да дојде при Мене, ако не го привлече Отецот, Кој Ме прати; и Јас ќе го воскреснам во последниот ден“.

Пишува: Митрополит Струмички Наум

Како тоа нѐ привлекува Отецот наш небесен? Сигурно тоа не е некое предодредено привлекување или привлекување на сила. Богочовекот Христос ни говори за редовен начин на привлекување; и тоа зависи од нас, од нашето ниво на духовно поимање на нештата, од чистотата на нашата душа. Значи, не толку дека Он нас нѐ привлекува, колку што нас нешто нѐ привлекува кон Него.

Некои луѓе, веруваат дека Бог и Отецот е наш Творец, Кој нѐ восинови – во Христос, во Неговото Тело – Црквата; веруваат дека Он татковски се грижи за нас, во Неговата промисла за нас – дека сѐ уредува како што е најдобро за нашето спасение; веруваат во Неговата љубов и слобода што ни ги дарувал.

Таквите Му благодарат на својот Отец за сето тоа, посебно за Неговиот образ и подобие според кои се создадени – како самосвесни и слободни битија способни за љубов, и градат личен однос на чеда Божји со Него – посветувајќи Му се Нему, без да бараат што било друго – за себе, од Него. Нив ги привлекува Божјата љубов и тие слободно Му враќаат на Бог со љубов.

Некои луѓе, немаат јасна вера, не го сфаќаат својот живот како дар Божји и го живеат истиот – според своја совест, како знаат и умеат; и бидејќи, притоа, често грешат, несвесно отпаѓаат од Бог и се предаваат самите себеси во рацете на демоните; и тука почнуваат неволните страдања. Таквите, често знаат да се обратат кон Бог за помош и ако, уште и најдат соодветно духовно раководство, имаат можност да го поправат квалитетот на својот живот, како и перспектива – духовно да растат.

Некои, пак, луѓе, дури откако ќе се соочат со смртта и ќе ги видат демоните како се моткаат околу нивната смртна постела, ќе ја сфатат бессмисленоста на дотогашниот свој живот и се обраќаат кон Бог; немаат време нешто да поправат, но можат како разбојникот на крстот – да Му заблагодарат на Бог за сѐ и да Го замолат да ги спомне во Своето Царство.

Значи, сѐ е до нас и до тоа – кога ќе ни текне на Него. Прегратките на нашиот небесен Бог и Отец се секогаш отворени за сите нас. Само што, колку побрзо ни текне на Него, толку повеќе можност ќе имаме лично да се сретнеме и да заедничариме со Него, пред сѐ, во нашето срце. Ако таму внатре ја оствариме средбата со Бог, потоа ќе Го препознаеме во сите и во сѐ, а Царството Небесно ќе ни биде секојдневие, бидејќи ќе преминеме од смрт во живот, т.е. Христос ќе нѐ воскресне уште сега.

Не убедувам никого во ништо, само однапред ви кажувам што ве чека, па кога ќе се случи – да се сетите на моите зборови. Но, подобро е да сме проактивни во богопознанието, отколку реактивни – често е многу потешко, откако ќе ги доживееме неволните страдања, правилно и без штета да ги надминеме или, пак, да се снајдеме на смртниот час.

Бог нека нѐ просветли и спаси сите!

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here