Почетна Коментар Потсетник
Потсетник

Потсетник

164
0

„Зашто оној, кој сам себе се смета за нешто, а е ништо, тој се мами самиот себе.“

Денешното апостолско четиво (Гал. 6, 3) ме потсети на малиот број „христијани“, кои поради својата внатрешна душевна расцепеност и меѓусебната поврзаност по таа основа, се однесуваат како отцепени, не само од човештвото – како целина, туку и од самата Црква. И перспективата што произлегува од таа отцепеност безуспешно се обидуваат да ја наметнат како теолошко-сотириолошки критериум; согласно кој, да не должам, само тие се правоверни и праведни, и само тие ги бранат верата и Црквата.

Очигледно, воопшто не сфаќаат дека и тие самите се активни учесници во злото од овој свет. На пример: сите тие купуваат гориво за автомобилите, т.е. плаќаат користење на некаков превоз на истото и, во својата заблуда, сосема забораваат дека тие со свои пари ги плаќаат сите минати, сегашни и идни војни за тоа гориво, како и сите убиства и злосторства во тие војни.

Ова се однесува буквално за сето она што човек го плаќа и купува денес! Затоа што, за сето тоа што го плаќаме и купуваме треба некој превоз, има некаква борба со конкуренцијата за монопол; во таа борба се користат многу валкани средства – поткуп, криминал; злоупотреба на политичка власт, на банки, на социјални мрежи и сл.; во таа борба има многу лични и семејни трагедии; да не зборуваме за злоупотребата и неплаќањето на работната сила и многу друго… И сето тоа ние го плаќаме, дури и однапред. Со еден збор: сите ние сме соучесници во злото.

Сега да ве прашам, кој нормален од нас може да помисли дека е чист од овие гревови? И кој нормален може да помисли дека е спасен поради својата праведност? Просто, таков е начинот на организираниот живот и таква стана нашата поврзаност со гревот низ вековите.

За некој да се смета себеси за чист од гревот во овој свет би требало да нема никаква врска со овој свет, т.е. да живее надвор од него; надвор од целиот воспоставен општествено-економски систем, а не уште да е и вмрежен на социјалните мрежи. Да се претставуваш денес како христијанин – бранител на верата, а да немаш чувство дека активно учествуваш во гревот на овој свет, е голема прелест, да не речам висок степен на демоноопседнатост!

И да беше само тоа. Ние, христијаните, од чувството, од доживувањето на соборноста, на единството со сите луѓе, требаше да знаеме, ако ништо друго, дека учествуваме и во вината на сите гревови на нашите ближни, во вината за сето зло што можете да го замислите дека се случува во овој свет. А, ако бевме личен пример за вера, за љубов, за молитва, за подвиг, за добри дела, сигурно многу помалку зло ќе имаше во светот отколку сега. Ама не сме, и светот е таков каков што е. И овој наш грев требаше да го освестиме и за него да се покаеме.

Значи, ем живееме во овој свет и автоматски учествуваме во неговото зло, ем не сме некаков пример на вера, на љубов, на молитва, на подвиг, на добри дела, со еден збор – на светост. Така, основна наша карактеристика требаше да биде смиреноста, а не – запалената крв.

Сфаќаме ли сега, ако не сме душевно болни, дека нема ништо од нашата праведност? Само милоста Божја нѐ прави и чисти, и правоверни, и спасени, иако самите по себе не сме. А Божјата милост, на дар, ја добиваме внатре во Црквата, каде што се причестуваме со пречистите Тело и Крв Христови. Гледате? Не ние ја спасуваме Црквата, туку Црквата нѐ спасува нас.

Да забележевме од смирениот однос на денешните „бранители на верата“ свесност дека нивниот грев произлегува од современата општочовечка поврзаност и системска вмреженост, како и од соборната одговорност, ќе им поверувавме и дека стварно се загрижени за чистотата на верата. Ама тие, иако обични грешни луѓе, се поставуваат како надлежни судии, и се фаќаат за небитни или претпоставени или непостоечки проблеми, па дури и за реални проблеми, но кои си бараат соодветен начин на третман, и правејќи поделби во Црквата, не разбираат дека и човечки души збркуваат и духовно убиваат. Целта на демоните е што повеќе да ја расцепкаат и ослабат христијанската заедница пред конечната пресметка, а ваквите „бранители на верата“ токму тоа им го овозможуваат. Така што, нека простат, ама нема да им веруваме.

И гледате ли сега, колку се помали актуелните искушенија во однос на гревовите за кои сме одговорни и за кои треба да се покаеме? Настрана вината и за актуелните искушенија.

Пресвета Богородице, спаси нас!

Пишува: Митрополит Струмички Наум

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *