Почетна Коментар Постепен пристап
Постепен пристап

Постепен пристап

272
1

Во денешното евангелско четиво (Лука 5, 1–11) забележуваме три моментa поврзани со послушанието и со духовното растење.

Прво, Христос, притеснет од мноштвото народ, замоли услуга од Симон Петар ако може да го користи нивниот кораб, нивната сопственост и имот, за проповед. Симон и неговите другари Го послушаа: „Како влезе во еден од корабите, кој беше на Симон, го замоли да се оддалечи малку од брегот, па седна и го поучуваше народот од коработ“.

Второ, Христос уште еднаш ја проверува нивната послушност, но овојпат Симон Петар и другарите не треба да дадат или да позајмат некаков имот, туку треба да го стават својот ум во послушание и да ги активираат целата своја вештина и преостанатата сила во извршувањето на Христовото слово. Со други зборови, наместо имот Христос од нив побара да се вложат себеси, своите сили и своето време: „Заплови во подлабоко и фрлете ги мрежите свои за лов!“

Петар и другарите послушуваат: „Наставниче, цела ноќ се трудевме и ништо не уловивме; но по Твоја волја ќе ја фрлам мрежата“. Послушуваат и затоа што се сигурно допрени од словото во сила на од Него претходно чуената проповед.

Со второто послушание Христос им прави противуслуга – и материјална: „И штом го направија тоа, тие уловија голема количина риба, та дури и мрежата им се скина. Им дадоа знак на другарите, што беа во другиот кораб, да дојдат и да им помогнат; и тие дојдоа и ги наполнија и двата кораба така што за малку ќе потонеа“.

И духовна: „А кога го виде тоа, Симон Петар падна пред нозете Исусови и Му рече: ’Оди си од мене, Господи, оти сум човек грешен!‘ Зашто беше влегол страв во него, и во сите што беа со него, од тој лов на риби, што ги уловија; а исто така и во Јаков и Јован, синовите Зеведееви, кои му беа другари на Симон“.

Трето, откако ја проверува нивната посветеност во послушанието и нивното смирение, Христос ги повикува и на апостолство: „И му рече Исус на Симон: ’Не бој се! Отсега ќе ловиш луѓе!‘ Кога ги извлекоа двата кораба на суво, оставија сѐ и тргнаа по Него“.

Гледате ли како Господ ги води Своите ученици низ процесот на духовно растење преку целосрдечното послушание и како постепено и паметно ги привлекува? Прво, тие видоа дека околу Него се збира народ и тоа ги заинтересира да Го примат на својот кораб, потоа и самите го слушнаа Неговото слово кое ги привлече да Го послушаат, и на крај, откако го видоа резултатот на послушанието кон Него, тие Му станаа ученици и тргнаа по Него – оставајќи сѐ. Прекрасно!

Инаку, ловец на луѓе, т.е. духовен отец може да се нарече само човек кој со помош на Божјата благодат се подготвил и е повикан од Црквата за тоа (не самоповикан). Човек кој го просветлил својот ум молитвено во срцето. Човек со слово што извира од неговото очистено срце и кое допира до длабочината на срцето на ближниот; човек со присуство во силата на благодатта на Светиот Дух. Во негово присуство, страстите се парализираат, демонот бега далеку, а неговото слово внесува светлина, сила и надеж во срцето на другиот човек.

Демонот од други можеме да го истераме само ако претходно сме го истерале од себе. Ако допреме до своето срце, преку умно-срдечната молитва, ќе можеме да допреме и до срцето на другиот. Јасно ли е сега зошто немаме успех во проповедта? И јасно ли е дека имотот на другите и на Црквата треба да се користи за ширење на словото, а не за лично уживање? Не Му требаше на Христос коработ за полесна проповед, туку да ги „улови“ Симон и другите апостоли.

Денес, „ловците на луѓе“ се реткост, но сепак ги има. Многу повеќе Божјата благодат ги носи луѓето коишто Го бараат Бог во Црква и кон духовниците на Црквата, отколку што се тие самите „ловци на луѓе“. Поинаквото мислење за самите себе – е прелест.

Пресвета Богородице, спаси нѐ!

Пишува: Митрополит Струмички Наум

Коментар(1)

  1. Vladikata nisto ne kazuva dali Bugarskata crkva ce mu bide majka crkva. Izgleda od toa nisto nema, a nie, vernicite, bas se ponadavme.

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *