Почетна Коментар Послушанието е премин од противприроден во природен начин на живот
Послушанието е премин од противприроден во природен начин на живот

Послушанието е премин од противприроден во природен начин на живот

305
1

Светото Евангелие не им се обраќа само на децата Божји, туку и на оние со робовски и наемнички менталитет, како и на неверниците, само за да се спасат што е можно повеќе луѓе; а може на некои и ќе им текне дека најсоодветен одговор на љубовта Божја е да се стане дете Божјо. Затоа во него може да се прочитаат и поуки како денешната.

Гледаме дека богатиот нема име, а сиромавиот има – Лазар, односно гледаме дека првиот нема личносен однос со Бог, а вториот има. Гледаме дека преку себичните уживања од овој свет се стигнува до пеколот, а дека преку трпењето на страдањата со благодарност се стигнува до Рајот. Гледаме дека пеколот е место на големо и осамено страдање, а дека Рајот е место на голема утеха и заедница. И гледаме дека нема премин од пеколот кон рајот, и обратно. Додуша, ни разговор нема – ни во самиот пекол, ама ова е доволна педагошка порака, како материјал за размислување и мотивација за неверните, робовите и за наемниците.

Што е битно за оние што сакаат да станат деца Божји од денешното евангелско четиво? (види: Лука 16, 19–31). Објаснувањето на овој дел: „Авраам му рече: ’Штом Мојсеј и Пророците не ги слушаат, тогаш и да воскресне некој од мртвите, тие нема да му поверуваат‘“ (Лука 16, 31).

Чујте го објаснувањето: Како прво, добивањето статус на дете Божјо не е магиски чин, туку тоа е процес на растење и созревање. Овој заклучок произлегува од завршниот разговор помеѓу Авраам и богатиот. Богатиот му вели на Авраам: „ако некој од мртвите отиде при нив, тогаш ќе се покајат“ (Лука 16, 30). А Авраам му одговара: „и да воскресне некој од мртвите, тие нема да му поверуваат“. Сведоци сме дека и Самиот Богочовек Воскресна, па ретко кој во тоа вистински верува.

Второ, самиот Авраам ни го открива восиновувањето како процес на растење и созревање  преку послушание – дека треба да се слушаат Мојсеј и Пророците: штом Мојсеј и Пророците не ги слушаат, тогаш и да воскресне некој од мртвите, тие нема да му поверуваат. Што конкретно значи тоа да се слушаат Пророците? И кои се тие Пророци денес?

Денешните Пророци се нашите духовни отци во Црквата, кои слободно и љубовно ги одбираме за преку нив да ја чуеме Божјата волја, кои и кога поради своите човечки слабости би дале и погрешен совет, Бог – поради нашата доверба во Него преку нив – сѐ на крајот ќе исправи во наша духовна полза.

Послушанието е подвиг на ставање на умот во процес на исцеление, без што никој не може да го очисти своето срце – и да Го види Бог. Послушанието е премин од противприроден во природен начин на живот. Послушанието е восогласување на начинот на нашиот живот со степенот од духовниот раст на кој се наоѓаме, како и со местото и улогата што ги имаме во Црквата и во општествениот живот. Послушанието е процес на исцеление од невроза и од растројство на личноста, и превенција од религиозна невроза и од религиозно растројство на личноста.

Послушанието е активирање на примарната функција на умот – соединување на нашата создадена енергија со несоздадената Божја енергија преку молитвата, како и пренасочување на неговата секундарна функција кон исполнување на Божјите заповеди. Послушанието е прием на вистинското Предание на Светите Отци. Послушанието е останување во рамките на соборноста на Православната Црква – без оглед на тоа кој што си мисли. Послушанието е процес на Божествено преобразување, растење и созревање до достоинството на дете Божјо. Послушанието е сѐ во Црквата Божја. Послушанието е возможно само во Црквата Божја.

Господи Исусе Христе, преку Богородица, дај ни што повистинско послушание и помилуј!

 Пишува: Митрополит Струмички Наум

Коментар(1)

  1. Ако послушанието е останување во соборноста на Православната Црква, како тоа повисоката форма на послушание, мислам притоа на послушанието кон мајката црква која беше СПЦ не го одржавме како црква ќерка, се издвоивме без благослов, и кои се последиците од тоа ако може да ми се одговори. Благодарам.

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *