Почетна Коментар Послушание – да се откажеме од нашата падната логика
Послушание – да се откажеме од нашата падната логика

Послушание – да се откажеме од нашата падната логика

979
0

Што правиме со најлесната и наједноставната работа во манастирскиот живот – умно-срдечната молитва? Само три подвига треба да исполниме за молитвата сама да потече во нашето срце и никој да не може да ни ја сопре потоа. Тие три подвига се: самоодрекувањето, себеосудувањето и седнувањето на последното место.

Суштината на самоодрекувањето е подвигот на послушанието – кога човекот се одрекува од својот прв пад, од падот на својот ум и од сите негови помисли, замисли, идеи, желби, планови итн. Инаку, ќе се случи тоа што го вели свети Василиј Велики: „Кој самиот себе се советува, самиот против себе војува“.

Гледам, сѐ уште се провлекува една недоумица: треба ли послушанието да е слепо и апсолутно, или треба да е свесно и со расудување? Наједноставно кажано, во послушание се влегува со почетна свесност и расудување (на пример, при избор на духовен отец), а самото послушание се извршува слепо и апсолутно – според силите, смирено. Според силите – смирено, затоа што ќе видиме дека некои послушанија нема да можеме да ги извршиме, дури и никогаш.

Свесноста и расудувањето ни се потребни и потоа, но само за самопроверка – дали послушанието го извршуваме правилно и дали ни е во согласност со Божјите заповеди и со православната вера. И во овој подвиг се расте постепено – колку повеќе ќе ни се преобрази умот, толку повеќе ќе имаме свесност и расудување за исправноста на нашето послушание. Затоа, послушанието кон Бог е доживотен подвиг и во него се расте доживотно. За да го опфатам сето погоре наведено, последните години го користам терминот целосрдечно послушание.

Логиката на послушанието е токму во тоа – да се откажеме од нашата падната логика, т.е. расудување согласно нашите страсти. Вистинското расудување е голем духовен дар; ако го имавме, што ќе ни требаше подвигот на послушание? Постои една демонска замка, во Црквата да влеземе такви какви што сме – без преумување (покајание), односно без послушание; затоа и се случува од обична да преминеме само во религиозна невроза – која лесно се препознава, а не во природен начин на живот. На тој тип луѓе мисли светиот апостол Павле кога вели: „жени, кои секогаш се учат и никогаш не можат да дојдат до познание на вистината“ (Тим. 3, 7).

Со подвигот на послушанието се добива време и сила да се активира примарната функција на умот (молитвата), додека пак, секундарната функција на умот во потполност се активира во извршувањето на Божјата волја, а во Божја слава – токму во тоа се состои преминот од противприроден (религиозна невроза) во природен начин на живот (очистување на срцето од страстите). Подвигот на послушание кон конкретен духовен отец завршува со добивањето на дарот на умно-срдечната молитва.

Видете до каде оди свети Јован Лествичник при објаснувањето на подвигот на послушанието: „Оној што наполно се одрекол од самоволието, дури и во нешта што му изгледаат добри, духовни и богоугодни, стасал на целта уште пред да зачекори“. Ова го потврдува и светиот Старец Јосиф Спилеот кога вели: „Дури и ако заповедта на Старецот е погрешна, Бог поради послушанието ќе ја претвори во духовна полза. Ако некој е послушен, па дури и заповедта да е лоша, сè ќе излезе на добро само поради послушанието. Нема никакво значење кој е Старецот што ја издава заповедта. Каква полза имаше Јуда од тоа што Старец му беше Самиот Христос? Никаква“. Затоа – „мудроста од овој свет е безумство пред Бог, како што е напишано: ’Он ги фаќа мудрите [оние што за себе мислат дека се мудри] во нивното лукавство‘“ (1. Кор. 3, 19). Нема суштинска разлика во подвигот на послушанието меѓу монасите и оние што живеат во светот.

Самоосудувањето е свесност дека ние сме виновни за сѐ, свесност за нашата несличност со Христос. До оваа свест стигнува само оној кој секогаш ја бара Правдата Божја. Кога, на пример, при некоја повреда од нашиот ближен, ние ги споредуваме и восогласуваме нашите мисли, чувства и дела со Христовите, само тогаш можеме да видиме колку сме неслични на Него и виновни за сѐ. Сѐ друго е барање човечка правда, односно враќање со зло на зло и слеп пат. При секој укор или забелешка од ближните одговараме со зборот „прости“, а објаснување за нашата постапка даваме само ако нѐ прашаат.

Остана уште „последното место“ или слуга на сите. „Но, кога ќе бидеш поканет, отиди и седни на последното место, та оној што те поканил, штом дојде, да ти каже: ’Пријателе, премести се погоре!‘ Тогаш ќе имаш чест од гостите, што седат со тебе. Зашто, секој што се издига, ќе биде понизен; а тој што се понизува, ќе биде издигнат“ (види: Лука 14, 7–11).

Штом човек не седне на последното место, тој веќе со самото тоа покажува дека е надвор од Свадбата. И кога доаѓа Оној што го поканил и му рече: „Отстапи го местото на овој!“ – Тој со тоа му прави милост – можеби ќе се освести за прелеста (или илузијата) на гордоста во која се наоѓа и ќе се покае. Изборот е негов; и затоа, последното место на кое ќе седне не се знае дали е последно место на Свадбата или е надвор од неа.

Да заокружиме: оној што ќе се придржува до овие три правила, најчесто, веднаш ќе го добие дарот на умно-срдечната молитва. Тоа е дар Богородичен. Затоа, името Богородица „Брзопослушничка“ најмногу Ѝ одговара: тоа име го покажува Нејзиниот однос и кон нас, и кон Бог, тоа име е Нејзиното самоодрекување, тоа име е Нејзиното „последно место“. Царицата на сите е слуга на сите. Затоа е Царица на сите. И за Бог.

Пресвета Богородице, спаси нѐ!

Пишува: Митрополит Струмички Наум

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *